ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Дел 1 — христијански верувања
    Организирани за да ја вршиме Јеховината волја
    • ПРАШАЊА ЗА ОНИЕ ШТО САКААТ ДА СЕ КРСТАТ

      Дел 1 — христијански верувања

      Тоа што си ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци ти помогнало да ја дознаеш вистината. Без сомнение, тоа што си го дознал ти помогнало да имаш добар однос со Бог и ти дало надеж за вечен живот во рај на Земјата под власта на Божјето Царство. Твојата вера во Божјата Реч станала поцврста и, поради тоа што си дел од христијанското собрание, имаш многу благослови. Исто така, си можел да видиш како Јехова го води својот народ денес (Зах. 8:23).

      Бидејќи се подготвуваш за крштавање, многу ќе ти помогне тоа што, заедно со старешините, ќе ги разгледаш основните христијански верувања (Евр. 6:1-3). Јехова и понатаму нека те благословува додека се трудиш уште подобро да го запознаеш и нека ти ја даде наградата што ти ја ветил (Јован 17:3).

      1. Зошто сакаш да се крстиш?

      2. Кој е Јехова?

      • „Јехова е вистинскиот Бог горе на небото и долу на земјата. Нема друг“ (5. Мој. 4:39).

      • „Ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја!“ (Пс. 83:18).

      3. Зошто е важно да го користиш Божјето име?

      • „Значи, молете се вака: ’Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое‘“ (Мат. 6:9).

      • „Секој што го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“ (Рим. 10:13).

      4. Кои се некои изрази во Библијата што го опишуваат Јехова?

      • „Јехова, Творецот на земните краишта, е вечен Бог“ (Иса. 40:28).

      • „Татко наш, кој си на небесата“ (Мат. 6:9).

      • „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8).

      5. Што можеш да му дадеш на Јехова?

      • „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Мар. 12:30).

      • „Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!“ (Лука 4:8).

      6. Зошто сакаш да му бидеш верен на Јехова?

      • „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“ (Изр. 27:11).

      7. Кому му се молиш, и преку кого?

      • „Вистина, вистина, ви велам, што и да побарате од Таткото, ќе ви даде во мое [Исусово] име“ (Јован 16:23).

      8. За кои работи можеш да се молиш?

      • „Значи, молете се вака: ’Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата. Лебот наш за овој ден дај ни го денес и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им простуваме на нашите должници. И не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од Злобниот‘“ (Мат. 6:9-13).

      • „Во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јов. 5:14).

      9. Зошто Јехова не сака да ги слуша молитвите на некои лица?

      • „Тогаш ќе го викаат Јехова за помош, но тој нема да им одговори... зашто правеа злодела“ (Мих. 3:4).

      • „Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови ги слушаат нивните сесрдни молитви, а лицето на Јехова е против оние што прават зло“ (1. Пет. 3:12).

      10. Кој е Исус Христос?

      • „Симон Петар одговори: ’Ти си Христос, Синот на живиот Бог‘“ (Мат. 16:16).

      11. Зошто Исус дошол на Земјата?

      • „Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28).

      • „[Исус] им рече: ’И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен‘“ (Лука 4:43).

      12. Како можеш да покажеш благодарност за жртвата на Исус?

      • „Тој умре за сите, за оние што живеат да не живеат повеќе за себе, туку за него, кој умре за нив и беше воскреснат“ (2. Кор. 5:15).

      13. Каква власт има Исус?

      • „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Мат. 28:18).

      • „Бог го возвиши и му подари име кое е над секое друго име“ (Фил. 2:9).

      14. Дали веруваш дека Водечкото тело на Јеховините сведоци е „верниот и разборит роб“ кој е поставен од Исус?

      • „Кој е верниот и разборит роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време?“ (Мат. 24:45).

      15. Дали светиот дух е личност?

      • „Ангелот ѝ одговори: ’Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени. Затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји‘“ (Лука 1:35).

      • „Според тоа, ако вие, иако сте зли, знаете да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа!“ (Лука 11:13).

      16. Како Јехова го користел светиот дух?

      • „Со Јеховината реч се создадени небесата и со здивот на неговата уста целата нивна војска“ (Пс. 33:6).

      • „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци... сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8).

      • „Ниту едно пророштво од Писмото не произлегува од нечие лично размислување. Зашто, пророштво никогаш не било изречено по човечка волја, туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. Пет. 1:20, 21).

      17. Што е Божјето Царство?

      • „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“ (Дан. 2:44).

      18. Кои благослови ќе ги доживееш под власта на Божјето Царство?

      • „Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Отк. 21:4).

      19. Од каде знаеш дека благословите од Божјето Царство ќе се исполнат наскоро?

      • „Учениците му пристапија насамо и му рекоа: ’Кажи ни кога ќе биде тоа и кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?‘ Исус им одговори: ’... Ќе се крене народ против народ и царство против царство, и ќе има глад и земјотреси на разни места. И оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот‘“ (Мат. 24:3, 4, 7, 14).

      • „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог, и на изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо“ (2. Тим. 3:1-5).

      20. Како покажуваш дека Божјето Царство ти е важно?

      • „Затоа, барајте ги најнапред царството и Божјата праведност“ (Мат. 6:33).

      • „Исус им рече на своите ученици: ’Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот маченички столб и нека оди по мене‘“ (Мат. 16:24).

      21. Кој е Сатана и кои се демоните?

      • „Вашиот татко е Ѓаволот... Тој е човекоубиец откако се побуни“ (Јован 8:44).

      • „Беше исфрлен големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет. Беше исфрлен на земјата, а со него беа исфрлени и неговите ангели“ (Отк. 12:9).

      22. Какво обвинение изнел Сатана против Јехова и против Божјите слуги?

      • „Жената ѝ одговори на змијата: ’Од плодовите на дрвјата во градината смееме да јадеме. Но, за плодот од дрвото што е среде градината, Бог рече: „Не јадете од него и не допирајте го за да не умрете!“‘ Тогаш змијата ѝ рече на жената: ’Не, вие нема да умрете. Зашто Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло‘“ (1. Мој. 3:2-5).

      • „Сатана му одговори на Јехова: ’Кожа за кожа! Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа‘“ (Јов 2:4).

      23. Како можеш да докажеш дека обвиненијата на Сатана не се точни?

      • „Служи му [на Бог] со потполно оддадено срце“ (1. Лет. 28:9).

      • „Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5).

      24. Зошто луѓето умираат?

      • „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Рим. 5:12).

      25. Во каква состојба се наоѓаат мртвите?

      • „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“ (Проп. 9:5).

      26. Каква надеж постои за оние што умреле?

      • „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15).

      27. Колку луѓе ќе бидат воскреснати на небото за да владеат со Исус?

      • „Гледај — Јагнето стои на гората Сион, и со него сто четириесет и четири илјади, кои го имаат неговото име и името на неговиот Татко напишано на своите чела“ (Отк. 14:1).

  • Дел 2 — христијански живот
    Организирани за да ја вршиме Јеховината волја
    • ПРАШАЊА ЗА ОНИЕ ШТО САКААТ ДА СЕ КРСТАТ

      Дел 2 — христијански живот

      Преку проучувањето на Библијата дозна што бара Јехова од тебе и како можеш да живееш според неговите праведни мерила. Можеби поради тоа мораше да направиш одредени промени во твоето однесување и во твојот став кон животот. Бидејќи одлучи да се држиш за Јеховините праведни мерила, ги исполнуваш условите да служиш како објавител на добрата вест. Прашањата што следат ќе ти помогнат цврсто да ги имаш на ум праведните мерила на Јехова и ќе те потсетат што можеш да направиш за да бидеш дел од неговиот народ. Тие ќе ти помогнат да сфатиш колку е важно да правиш сѐ со чиста совест и на слава на Јехова (2. Кор. 1:12; 1. Тим. 1:19; 1. Пет. 3:16, 21).

      Бидејќи размислуваш да се крстиш, сигурно сакаш да го најдеш своето место во Јеховината организација и да се подложиш на неговата власт. Следниве прашања и стихови ќе ти помогнат да го преиспиташ својот став во врска со подложноста кон Јехова во собранието, во семејството или, пак, во односот со властите. Без сомнение, уште повеќе ќе го цениш тоа што го прави Јехова за да го поучува и зајакнува својот народ во духовен поглед. Во тоа се вклучени и собраниските состаноци на кои можеш да присуствуваш и да учествуваш во склад со твоите околности.

      Исто така, во овој дел се истакнува колку е важно редовно да учествуваш во делото на проповедање со кое им се помага на другите да го запознаат Јехова и да ја дознаат неговата намера со луѓето (Мат. 24:14; 28:19, 20). Освен тоа, овој дел ќе ти помогне да сфатиш колку сериозни чекори се твоето заветување на Јехова Бог и твоето крштавање. Биди уверен дека Јехова многу го цени тоа што сакаш да му покажеш колку си му благодарен за незаслужената доброта што ти ја покажува.

      1. Кое е библиското мерило за бракот? Која е единствената библиска основа за развод?

      • „Зарем не сте читале дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ’Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!.. Секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд, и ќе се ожени со друга, прави прељуба“ (Мат. 19:4-6, 9).

      2. Зошто еден маж и една жена кои живеат заедно треба да го регистрираат својот брак пред законот? Доколку си во брак, дали твојот брак е законски регистриран пред властите?

      • „Потсетувај ги да им бидат подложни и покорни на властите и на владетелите“ (Тит 3:1).

      • „Бракот нека биде чесен меѓу сите и брачната постела нека биде чиста, зашто Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“ (Евр. 13:4).

      3. Која е твојата улога во семејството?

      • „Слушај ја, сине мој, поуката на татко ти и не оставај ги упатствата на мајка ти“ (Изр. 1:8).

      • „Зашто мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието... Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Еф. 5:23, 25).

      • „Татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4).

      • „Деца, слушајте ги своите родители во сѐ, зашто тоа му се допаѓа на Господарот“ (Кол. 3:20).

      • „Вие, жени, бидете им подложни на своите мажи“ (1. Пет. 3:1).

      4. Зошто треба да го цениме животот?

      • „[Бог] им дава на сите живот и здив и сѐ... Преку него имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:25, 28).

      5. Зошто не смееме да одземеме ничиј живот, вклучувајќи го и животот на едно неродено бебе?

      • „Ако се степаат мажи и повредат бремена жена, па... ако дојде до смрт, тогаш ќе земеш живот за живот“ (2. Мој. 21:22, 23).

      • „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани — и деновите кога настануваа — кога уште немаше ниту еден“ (Пс. 139:16).

      • „[Јехова] мрази... раце што пролеваат невина крв“ (Изр. 6:16, 17).

      6. Која е Божјата заповед во врска со крвта?

      • „Да се воздржувате... од крв [и] од удавено“ (Дела 15:29).

      7. Зошто треба да ги сакаме нашите соверници?

      • „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35).

      8. а) Зошто едно инфицирано лице со заразна болест треба да се воздржува од покажување наклоност, на пример, гушкање или бакнување? б) Зошто тоа лице не треба да се лути ако некој реши да не го викне на гости кај себе дома? в) Зошто едно лице кое можеби било изложено на заразна болест треба самоиницијативно да направи проверка на крвта пред да започне романтична врска? г) Зошто некој што има заразна болест треба да му каже за тоа на координаторот на старешинството пред да се крсти?

      • „Не должете никому ништо, освен да се сакате еден со друг... ’Сакај го својот ближен како самиот себе!‘ Љубовта не му прави зло на ближниот“ (Рим. 13:8-10).

      • „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Фил. 2:4).

      9. Зошто Јехова очекува да им простуваме на другите?

      • „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“ (Кол. 3:13).

      10. Што треба да правиш ако некој брат те наклевети или те измами заради материјална корист?

      • „Ако твојот брат направи грев, оди и насамо укажи му на неговиот престап. Ако те послуша, си го придобил својот брат. А ако не послуша, земи со себе уште еден или двајца, за да биде потврдено секое тврдење со изјавата на двајца или тројца сведоци. Ако не ги послуша нив, кажи му на собранието. А ако не го послуша ниту собранието, нека ти биде како незнабожец и како даночник“ (Мат. 18:15-17).

      11. Како гледа Јехова на следниве гревови:

      ▪ Сексуалниот неморал

      ▪ Употребата на религиозни слики и кипови

      ▪ Хомосексуалноста

      ▪ Крадењето

      ▪ Коцкањето

      ▪ Пијанството

      • „Не залажувајте се! Ни блудници, ни идолопоклоници, ни прељубници, ни мажи што се впуштаат во неприродни полови односи, ни мажи што легнуваат со мажи, ни крадци, ни алчни, ни пијаници, ни оние што зборуваат погрдно, ни изнудувачи нема да го наследат Божјето царство“ (1. Кор. 6:9, 10).

      12. Каков став имаш во однос на сексуалниот неморал, во што спаѓаат разни сексуални активности надвор од бракот?

      • „Бегајте од блуд!“ (1. Кор. 6:18).

      13. Зошто не смееме да земаме, освен за медицински цели, никакви супстанции кои предизвикуваат зависност или влијаат врз свеста?

      • „Сесрдно ве молам... да ги дадете своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, да му служите на Бог, користејќи го својот разум. И не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет, туку преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Рим. 12:1, 2).

      14. Кои се некои активности поврзани со демоните што Бог ги забранува?

      • „Кај тебе нека не се најде никој... што гата, ни некој што се занимава со магија, ни некој што пророкува според предзнаци, ни маѓепсник, ни некој што фрла уроци, ни некој што повикува духови, ни некој што ја претскажува иднината, ни некој што ги прашува мртвите“ (5. Мој. 18:10, 11).

      15. Доколку едно лице направи тежок грев, што треба веднаш да преземе ако сака Јехова да му прости?

      • „Ти го признав гревот и не ја прикрив вината. Реков: ’Ќе му ги признаам на Јехова своите престапи‘“ (Пс. 32:5).

      • „Болен ли е некој меѓу вас? Нека ги повика старешините од собранието, па тие нека се молат за него и нека го намачкаат со масло во името на Јехова. И молитвата упатена со вера ќе го оздрави болниот, и Јехова ќе го подигне. И ако направил гревови, ќе му биде простено“ (Јак. 5:14-15).

      16. Што треба да правиш ако знаеш дека некој соверник направил сериозен грев?

      • „Ако некој згреши така што чул јавна клетва, а не сака да открие што видел како сведок или што знае за тоа, ќе одговара за својот престап“ (3. Мој. 5:1).

      17. Ако се даде известување дека некој повеќе не е Јеховин сведок, како треба да се однесуваме со него?

      • „Престанете да се дружите со секој што се нарекува брат, а е блудник, или алчен, или идолопоклоник, или зборува погрдно, или е пијаница, или изнудувач — со таков дури и да не јадете!“ (1. Кор. 5:11).

      • „Ако некој дојде кај вас и не го носи тоа учење, не примајте го во својот дом, ниту поздравувајте го“ (2. Јов. 10).

      18. Зошто треба блиски пријатели да ти бидат оние што го сакаат Јехова?

      • „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изр. 13:20).

      • „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Кор. 15:33).

      19. Зошто Јеховините сведоци се политички неутрални?

      • „Тие не се дел од светот, како што и јас [Исус] не сум дел од светот“ (Јован 17:16).

      20. Зошто треба да им бидеш послушен на властите?

      • „Секој човек нека им биде подложен на властите што се над него, зашто нема власт која не е од Бог. Секоја власт што постои, Бог ја поставил на нејзината положба“ (Рим. 13:1).

      21. Што ќе правиш доколку некој човечки закон се коси со Божјите закони?

      • „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29).

      22. Кои библиски стихови можат да ти помогнат да избереш вработување со кое ќе покажеш дека не си дел од светот?

      • „Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да се учат да војуваат“ (Мих. 4:3).

      • „Излезете од неа [Големиот Вавилон], народе мој, за да не учествувате и вие во нејзините гревови и за да не ве снајдат нејзините неволји!“ (Отк. 18:4).

      23. Каква забава и рекреација си решен да избираш, а каква да избегнуваш?

      • „Јехова... го мрази оној што го сака насилството“ (Пс. 11:5).

      • „Мразете го злото, држете се за доброто“ (Рим. 12:9).

      • „Сѐ што е вистинито, сѐ што е благородно, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте“ (Фил. 4:8).

      24. Зошто Јеховините сведоци не учествуваат во верски активности на други религиозни групи?

      • „Не можете да јадете од ’трпезата на Јехова‘ и од трпезата на демоните“ (1. Кор. 10:21).

      • „’Излезете од нивната средина и одвојте се,‘ вели Јехова, ’и повеќе не допирајте ништо што е нечисто,‘ ’и јас ќе ве примам‘“ (2. Кор. 6:17).

      25. Кои начела ќе ти помогнат да одлучиш дали да учествуваш во некоја прослава?

      • „Се мешаа со народите и се научија да постапуваат како нив. Им служеа на нивните идоли, и тие им станаа замка“ (Пс. 106:35, 36).

      • „Мртвите не се свесни за ништо“ (Проп. 9:5).

      • „Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16).

      • „Доста е што во минатото ја вршевте волјата на луѓето од светот кога живеевте во бесрамност, во страсти, во пијанство, во разуздани гозби, во натпивања и во недозволени идолопоклонства“ (1. Пет. 4:3).

      26. Како некои примери од Библијата ти помагаат да одлучиш дали да славиш родендени?

      • „По три дена му беше роденден на фараонот, и тој приреди гозба за сите свои слуги, па ги изведе од затворот главниот пехарник и главниот пекар меѓу своите слуги. Главниот пехарник го врати во неговата пехарничка служба... А главниот пекар го обеси“ (1. Мој. 40:20-22).

      • „Кога се славеше роденденот на Ирод, ќерката на Иродијада играше пред нив и толку му се допадна на Ирод што тој се заколна дека ќе ѝ даде сѐ што ќе побара. Тогаш таа, наговорена од мајка си, рече: ’Дај ми ја овде на послужавник главата на Јован Крстител!‘ И испрати луѓе во затворот да му ја отсечат главата на Јован“ (Мат. 14:6-8, 10).

      27. Зошто сакаш да го следиш водството на старешините?

      • „Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни — зашто тие бдеат над вашите души како оние што ќе положат сметка за тоа — за да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“ (Евр. 13:17).

      28. Зошто е важно ти и твоето семејство редовно да одвојувате време за да ја читате и проучувате Библијата?

      • „Ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе. Тој е како дрво посадено крај води што течат, кое својот плод го донесува во свое време и на кое лисјето не му венеат, и во сѐ што прави, ќе биде успешен“ (Пс. 1:2, 3).

      29. Зошто сакаш да присуствуваш и да учествуваш на состаноците?

      • „Ќе им го објавувам твоето име на своите браќа, ќе те фалам среде насобраното мноштво“ (Пс. 22:22).

      • „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај, туку да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евр. 10:24, 25).

      30. Кое е најважното дело што Исус заповедал да го извршуваме?

      • „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги...[и] учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Мат. 28:19, 20).

      31. Каков став сака Јехова да имаме кога даваме прилози за проповедничкото дело или кога им помагаме на браќата и сестрите?

      • „Искажувај му чест на Јехова со својот имот“ (Изр. 3:9).

      • „Секој нека направи како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“ (2. Кор. 9:7).

      32. Какви тешкотии треба да очекуваат Божјите слуги?

      • „Среќни се оние што се прогонувани поради праведноста, зашто нивно е небесното царство. Среќни сте кога поради мене ве навредуваат и ве прогонуваат и лажно ви припишуваат секакви зла. Радувајте се и воскликнувајте, зашто голема е вашата награда на небесата. Зашто, така ги прогонуваа и пророците пред вас“ (Мат. 5:10-12).

      33. Зошто е голема чест да се крстиш како Јеховин сведок?

      • „Кога твоите зборови ми дојдоа, јас ги изедов, и твојата реч ме израдува и ми го развесели срцето, зашто јас го носам твоето име, Јехова, Боже над војските“ (Ерем. 15:16).

  • Заклучен разговор со кандидатите за крштавање
    Организирани за да ја вршиме Јеховината волја
    • ПРАШАЊА ЗА ОНИЕ ШТО САКААТ ДА СЕ КРСТАТ

      Заклучен разговор со кандидатите за крштавање

      Крштавањата обично се извршуваат на собирите и на конгресите на Јеховините сведоци. При крајот на говорот за крштавање, говорникот ќе ги замоли кандидатите да станат и да одговорат јасно и гласно на следниве две прашања:

      1. Дали си се покајал за своите гревови и си му го заветувал својот живот на Јехова, и дали прифаќаш дека можеш да бидеш спасен само преку Исус Христос?

      2. Дали сфаќаш дека со своето крштавање стануваш Јеховин сведок и дел од Јеховината организација?

      Со потврдните одговори на овие прашања, кандидатите за крштавање јавно покажуваат дека имаат вера во откупнината и дека му се заветувале на Јехова (Рим. 10:9, 10). Тие треба однапред под молитва да размислуваат за овие прашања за да можат да одговорат на нив во склад со нивните лични убедувања.

      Дали во молитва си му се заветувал на Јехова, односно си му ветил дека ќе го обожаваш само него и дека најважно во животот ќе ти биде да ја вршиш неговата волја?

      Дали си потполно уверен дека треба да се крстиш во првата прилика што ќе ти се укаже?

      Каква облека е соодветна за крштавање? (1. Тим. 2:9, 10; Јован 15:19; Фил. 1:10).

      За да покажеме дека го почитуваме Бог, треба да бидеме скромни и разборити така што ќе носиме пристојна облека. Затоа, оние што се крштаваат не носат нескромен костим за капење ниту облека со натписи, слогани и слики. Нивната облека треба да биде уредна, чиста и соодветна на приликата.

      Како треба да се однесува едно лице за време на своето крштавање? (Лука 3:21, 22).

      Крштавањето на Исус е пример за тоа како треба да изгледа крштавањето на христијаните денес. Исус бил свесен дека крштавањето е сериозен чекор, и ова можело да се види во неговиот став и во неговите постапки. Затоа, на местото каде што се извршува крштавањето не треба да се прават несоодветни шеги, да се плива или да се постапува на каков и да било начин што ќе го одврати вниманието од важноста на оваа прилика. Не би било во ред ни новокрстениот христијанин да се однесува како да извојувал некоја голема победа. Иако крштавањето е радосна прилика, таа радост треба да се покаже на еден достоинствен начин.

      Како тоа што редовно ќе одиш на состаноците и ќе соработуваш со собранието ќе ти помогне да живееш во склад со заветот што си му го дал на Јехова?

      Откако ќе се крстиш, зошто ќе биде многу важно да продолжиш редовно да ја проучуваш Библијата и да одиш во служба?

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели