Дали Бог однапред знае сѐ што ќе направат луѓето?
НАЈПРВО да кажеме дека од Библијата јасно се гледа дека Бог може да предвиди и да предодреди нешто. Но, дали тој ги предвидува и однапред ги знае сите идни постапки на своите созданија, како духовните суштества така и луѓето? Или, пак, го користи своето предзнаење селективно и кога ќе процени дека е потребно, па ако реши да предвиди и однапред да знае нешто, го прави тоа, но ако реши да не предвиди и да не знае однапред нешто, не го прави тоа?
Додека ја читаме Библијата, ќе видиме дека Бог ги предвидува и ги предодредува работите што се поврзани со неговите намери и со неговата волја. „Да се има намера“ значи да се постави нешто пред себе како цел што треба да се постигне. (Грчкиот збор про́теси, преведен со „намера“, дословно значи „поставува пред [нешто]“.) Бидејќи Божјите намери сигурно ќе се исполнат, тој може однапред да го знае исходот, нивното крајно остварување, па затоа може да ги предодреди како своите намери така и чекорите што смета дека ќе бидат потребни за да ги исполни (Исаија 14:24-27). Затоа, за Јехова е речено дека ја ‚смислува‘ или ја ‚наумува‘ (од хебрејскиот збор јацар, кој е сроден со зборот „грнчар“ [Еремија 18:4]) својата намера во врска со некои идни настани или дејствија (2. Царевите 19:25; Исаија 46:11; спореди Исаија 45:9-13, 18). Како Голем Грнчар, Бог „прави сѐ според својата волја и одлука“, во склад со својата намера, и „прави сите негови дела сложно да придонесуваат“ за доброто на оние што го сакаат (Ефешаните 1:11; Римјаните 8:28). Според тоа, посебно кога се работи за неговите однапред одредени намери, Бог ‚од почетокот го јавува завршетокот, од дамнина го јавува она што уште не било‘ (Исаија 46:9-13).
Кога Бог ги создал првите маж и жена, тие биле совршени, и кога погледнал на исходот од сѐ што создал, можел да рече дека било „многу добро“ (1. Мојсеева 1:26, 31; 5. Мојсеева 32:4). Наместо со недоверба да размислува што ќе направат во иднина првите маж и жена, извештајот вели дека тој ‚почнал да почива‘ (1. Мојсеева 2:2). Тоа го можел затоа што, како семоќен и неизмерно мудар Бог, знаел дека ниедна постапка, околност или непредвидена работа што би се случила во иднина не би можела да претставува несовладлива препрека или нерешлив проблем што ќе го спречи остварувањето на неговата неприкосновена намера (2. Летописи 20:6; Исаија 14:27; Даниел 4:35). Според тоа, нема никаква библиска основа оние што веруваат во предодреденост да тврдат дека, кога Бог би ја употребувал на ваков начин својата способност однапред да знае сѐ, ќе се осуетат Неговите намери бидејќи „секогаш ќе постои опасност да бидат спречени затоа што тој не предвидел сѐ однапред, и дека ќе мора постојано да ги поправа работите кога ќе излезат од колосек поради непредвидените постапки на лицата со слободна волја“. Тоа што Бог селективно ја користи својата моќ да предвидува не им дава право на неговите созданија „да ги кршат Божјите мерила, при што тој постојано ќе мора да се предомислува и да биде загрижен и збунет“, како што тврдат оние што веруваат во предодреденост (Cyclopædia од Меклинток и Стронг, 1894, том VIII, стр. 556). Штом Божјите слуги на Земјата не треба ‚да се грижат за следниот ден‘, јасно е дека и нивниот Творец, за кого силните народи се како „капка од ведро“, ниту се грижел ниту се грижи за нешто (Матеј 6:34; Исаија 40:15).