Светиот дух — сила што ти е потребна во животот
„НЕ ОТФРЛАЈ МЕ од пред своето лице и не одземај ми го својот свет дух“ (Псалм 51:11). Оваа горлива молитва ја кажал цар Давид откако направил една голема грешка.
Давид честопати во својот живот чувствувал како му помага светиот дух. Кога сѐ уште бил многу млад, со помош на светиот дух го победил Голијат, кој бил многу страшен војник (1. Самоилова 17:45-50). Исто така, под влијание на истиот тој дух, Давид напишал некои од најубавите псалми. „Јеховиниот дух зборуваше преку мене, Божјата реч беше на мојот јазик“, објаснил тој (2. Самоилова 23:2).
И Исус Христос потврдил дека светиот дух играл голема улога во животот на Давид. Еднаш им рекол на луѓето што го слушале: „Самиот Давид преку светиот дух рече: ‚Јехова му рече на мојот Господар: „Седи од мојата десна страна додека не ги положам твоите непријатели под твоите нозе“‘“ (Марко 12:36; Псалм 110:1). Исус знаел дека, кога Давид ги напишал своите псалми, бил воден од светиот дух. Дали истиот свет дух може да ни помогне и нам денес?
„Молете, и ќе ви се даде“
Можеби ти никогаш нема да напишеш псалм. Но, сигурно ќе наидеш на пречки што ќе бидат страшни како големиот Голијат. Да ја земеме за пример Изабел.a Маж ѝ ја напуштил и отишол да живее со некоја помлада жена. Ја оставил во долгови и без никаква финансиска помош за подигањето на нивните две ќеркички. „Се чувствував изневерена и крајно понижена“, вели таа. „Сепак, откако маж ми ме напушти, чувствував дека Божјиот свет дух ми помага“.
Дали Изабел очекувала автоматски да добие свет дух? Не, туку секој ден го преколнувала Бог да ѝ даде од својот дух. Знаела дека ѝ треба сила од Бог за да може храбро да се соочи со она што ја чека, добро да ги воспита своите деца и да си ја врати самопочитта. Ги зела присрце Исусовите зборови: „Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете. Чукајте, и ќе ви се отвори“ (Матеј 7:7).
И Роберто чувствувал дека му треба Божјиот дух, но од сосема друга причина. Тој бил тежок зависник од цигари и хашиш. Се борел со тие пороци цели две години, и неколку пати се враќал на старата навика. „Тешко ти е кога се откажуваш од дрогата“, објаснува Роберто. „Телото безмилосно бара дрога секој ден.“
Роберто продолжува: „Сепак, бев цврсто решен да го променам животот за да можам да му служам на Бог како што сака тој“. „Се трудев да си го полнам умот со позитивни мисли од Библијата. Секој ден горливо го молев Бог да ми даде сила да направам промени во мојот живот. Знаев дека нема да успеам сам. И видов како Јехова одговара на моите молитви, особено тогаш кога се чувствував обесхрабрен откако ќе му попуштев на порокот. Сигурен сум дека Божјиот свет дух ми ја враќаше силата да не се откажам. Без неговиот дух никогаш немаше да ја победам својата зависност“ (Филипјаните 4:6-8).
„Како орли се подигаат на крилја“
Исто како Изабел и Роберто, милиони Јеховини сведоци почувствувале како светиот дух дејствува во нивниот живот. И ти можеш, ако сакаш, да го добиеш Јеховиниот свет дух — силата со која тој ја создал вселената. Бог спремно ќе ти го даде својот дух и тебе ако горливо го молиш за тоа. Но, за да го добиеш светиот дух, треба да ја дознаеш вистината за Бог и искрено да се трудиш да ја вршиш неговата волја (Исаија 55:6; Евреите 11:6).
Откако светиот дух ќе те зајакне, ќе имаш сила успешно да му служиш на Бог и да се соочиш со секакви тешкотии што ќе се појават во животот. Библијата нѐ уверува: „Јехова... му ја враќа силата на уморниот, му дава моќна сила на нејакиот... Оние што се надеваат на Јехова добиваат нова сила. Како орли се подигаат на крилја. Трчаат и не папсуваат, одат и не се уморуваат“ (Исаија 40:28-31).
[Фуснота]
a Некои имиња се сменети.
[Истакната мисла на страница 8]
‚Секој ден горливо го молев Бог да ми даде сила. Знаев дека нема да успеам сам. И видов како одговара на моите молитви‘
[Рамка/слики на страница 7]
КАКО ДЕЈСТВУВА СВЕТИОТ ДУХ
Бог го употребил светиот дух за да ја создаде Земјата и целата вселена. „Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил, полна е земјата со твоите творби“, воскликнал псалмистот. „Ако го испратиш својот дух, се создаваат“ (Псалм 104:24, 30; 1. Мојсеева 1:2; Јов 33:4).
Светиот дух вдахнал некои побожни луѓе да ја напишат Библијата. „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно“, напишал апостол Павле (2. Тимотеј 3:16). Грчкиот збор преведен со „вдахновено од Бог“ буквално значи „со здив од Бог“. Јеховиниот здив, односно дух, влијаел врз мислите на писателите на Библијата, па затоа може да се каже дека тие ја запишувале ‚речта Божја‘ (1. Солуњаните 2:13).
Светиот дух им дал способност на Божјите слуги точно да ја проречат иднината. Апостол Петар објаснил: „Ниту едно пророштво од Писмото не произлегува од нечие лично размислување. Зашто, пророштво никогаш не било изречено по човечка волја, туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. Петрово 1:20, 21; Јоил 2:28).
Светиот дух им помогнал на Исус и на други верни луѓе да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство и да прават чуда. Исус рекол: „Јеховиниот дух е врз мене, зашто Бог ме помаза да им објавам добра вест на сиромасите, ме испрати да проповедам ослободување на заробените и враќање на видот на слепите“ (Лука 4:18; Матеј 12:28).
[Рамка/слики на страница 9]
КАКО МОЖЕ ДА НИ ПОМОГНЕ СВЕТИОТ ДУХ
Светиот дух може да те зајакне да се бориш со искушенијата и да ги победиш лошите навики. Апостол Павле рекол: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Коринќаните 10:13).
Светиот дух може да ти помогне да стекнеш особини кои му се допаѓаат на Бог. „Плодовите на духот се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Галатите 5:22, 23).
Светиот дух може да те зајакне да се бориш со неволјите и да ги поднесеш. „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:13).