-
Заблуда бр. 1: Душата е бесмртнаСтражарска кула 2009 | 1 Ноември
-
-
Заблуда бр. 1: Душата е бесмртна
Од каде потекнува оваа заблуда?
„Првите христијански филозофи го прифатиле грчкиот концепт за бесмртност на душата и верувале дека Бог прво ја создава душата, а потоа ја внесува во телото при зачнувањето“ (The New Encyclopædia Britannica од 1988 год., том 11, страница 25).
Што вели Библијата?
„Која душа греши, таа ќе умре“ (Езекиел 18:4, Превод на МПЦ).
Во врска со создавањето на првата човечка душа, Библијата вели: „Јехова Бог го направи човекот од земниот прав и му дувна во носниците здив на животот, и човекот стана жива душа [на хебрејски нефеш]“ (1. Мојсеева 2:7).
Хебрејскиот збор нефеш, преведен со „душа“, значи ‚суштество што дише‘. Кога Бог го создал првиот човек, Адам, не му внел бесмртна душа, туку животна сила што се одржува со дишење. Според тоа, во библиска смисла на зборот, ‚душата‘ се однесува на целото живо суштество. Ако се одвои од животната сила што Бог ја дал во почетокот, душата умира (1. Мојсеева 3:19; Езекиел 18:20).
Учењето дека душата е бесмртна води до прашањата: Каде оди душата откако ќе умре човекот? Што се случува со душите на злобните луѓе? Кога оние што се изјаснувале како христијани ја прифатиле заблудата дека душата не умира, морале да прифатат уште една заблуда — учењето за пекол.
Спореди ги следниве библиски стихови: Проповедник 3:19; Матеј 10:28; Дела 3:23.
ФАКТ:
Кога ќе умре, човекот повеќе не постои
-
-
Заблуда бр. 2: Злобните одат во пеколСтражарска кула 2009 | 1 Ноември
-
-
Заблуда бр. 2: Злобните одат во пекол
Од каде потекнува оваа заблуда?
„Од сите класични грчки филозофи, најголемо влијание врз традиционалните гледишта за пеколот имал Платон“ (Histoire des enfers — Историјата на пеколот од Жорж Миноа, страница 50).
„Од средината на 2 век од н.е., христијаните што имале познавања од грчката филозофија сметале дека треба да ја изразат својата вера со филозофски термини... Најмногу им одговарал платонизмот [учењата на Платон]“ (The New Encyclopædia Britannica од 1988, том 25, страница 890).
„Црквата учи дека има пекол и дека тој постои вечно. Веднаш по смртта, душите на оние што умираат во смртен грев се симнуваат во пеколот, каде што се казнети со мачење во ‚вечен оган‘. Најголемата мака во пеколот е вечната одвоеност од Бог“ (Катехизам на Католичката црква, издание од 1994, страница 270).
Што вели Библијата?
„Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат... зашто во гробот [на хебрејски шеол], каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10, Превод на МПЦ).
Хебрејскиот збор шеол, кој се однесувал на „местото каде што се мртвите“, во некои преводи на Библијата е преведен со „пекол“. Што ни открива овој стих за состојбата на мртвите? Дали тие страдаат во шеолот за да се искупат за своите гревови? Не, бидејќи тие „ништо не знаат“. Затоа, кога верниот Божји слуга Јов ужасно страдал поради тешка болест, го молел Бог: „О, да беше ме сокрил и криел во пеколот [на хебрејски шеол]“ (Јов 14:13, Превод на МПЦ). Какво значење би имала неговата молба ако шеолот бил место на вечно мачење? Во библиска смисла на зборот, пеколот е само симболично место во кое заминуваат мртвите луѓе и таму нема никаква активност.
Зар оваа дефиниција за пеколот не е пологична и во склад со Светото писмо? Кој грев, колку и да е страшен, би можел да го наведе Богот на љубовта вечно да мачи некого? (1. Јованово 4:8). Но, ако е заблуда дека има пекол, дали тоа значи дека нема ни рај на небото?
Спореди ги следниве библиски стихови: Псалм 146:3, 4; Дела 2:25-27; Римјаните 6:7, 23.
ФАКТ:
Бог не ги казнува луѓето во пекол
-
-
Заблуда бр. 3: Добрите одат на небоСтражарска кула 2009 | 1 Ноември
-
-
Заблуда бр. 3: Добрите одат на небо
Од каде потекнува оваа заблуда?
По смртта на Исусовите апостоли, некаде во почетокот на 2 век од н.е., првите црковни отци почнале да добиваат сѐ поголем углед. Опишувајќи ги нивните учења, New Catholic Encyclopedia од 2003, том 6, страница 687, вели: „Се ширело учењето дека на душата што излегла од телото ѝ се дава блаженство на небото веднаш откако ќе се изврши потребното очистување по смртта“.
Што вели Библијата?
„Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5).
Иако Исус им ветил на своите ученици дека ќе им ‚приготви место‘ на небото, тој покажал дека праведните не одат таму автоматски (Јован 3:13; 14:2, 3). Зар не се молел Божјата волја да се врши „како на небото така и на земјата“? (Матеј 6:9, 10). Всушност, за праведните има две одредишта. Мал број ќе владеат на небото заедно со Христос, но повеќето ќе живеат вечно на Земјата (Откровение 5:10).
Со текот на времето, раната црква го сменила гледиштето за својата улога на Земјата. Кој бил резултатот од тоа? „Црквата како институција сѐ повеќе го заземала местото на очекуваното Божје Царство“, стои во The New Encyclopædia Britannica. Црквата почнала да ја зацврстува својата моќ со тоа што се вмешала во политиката, игнорирајќи ги на тој начин Исусовите јасни зборови дека неговите следбеници не треба да се „дел од светот“ (Јован 15:19; 17:14-16; 18:36). Под влијание на римскиот император Константин, црквата направила отстапки во некои од своите верувања. Едно од нив е поврзано со природата на Бог.
Спореди ги следниве библиски стихови: Псалм 37:10, 11, 29; Јован 17:3; 2. Тимотеј 2:11, 12.
ФАКТ:
Повеќето добри луѓе ќе живеат засекогаш на Земјата, а не на небото
-
-
Заблуда бр. 4: Бог е троеденСтражарска кула 2009 | 1 Ноември
-
-
Заблуда бр. 4: Бог е троеден
Од каде потекнува оваа заблуда?
„Би можеле да помислиме дека учењето за тројството е воведено кон крајот на 4 век. Во извесна смисла, тоа е точно... Формулацијата ‚еден Бог во три личности‘ не била цврсто втемелена, и секако не сосема прифатена во христијанскиот живот и во христијанската вера пред крајот на 4 век“ (New Catholic Encyclopedia од 1967, том 14, страница 299).
„Концилот во Никеја се одржал на 20 мај 325 год. [од н.е.]. Претседавал самиот Константин, кој активно ги водел дискусиите и лично ја предложил... пресудната формула со која е изразен односот помеѓу Христос и Бог во верувањето изнесено од концилот, според кое Исус е ‚едно битие со Таткото‘... Уплашени од императорот, сите бискупи, освен двајца, го потпишале верувањето, а мнозина од нив го сториле тоа против своите уверувања“ (Encyclopædia Britannica од 1970, том 6, страница 386).
Што вели Библијата?
„Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исуса како стои од десната страна на Бога, и рече: ‚Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога‘“ (Дела 7:55, 56, Превод на МПЦ).
Што дознаваме од ова видение? Исполнет со Божјиот дух, Стефан го видел Исус „како стои од десната страна на Бога“. Значи, ова јасно покажува дека Исус не станал Бог откако воскреснал на небото, туку бил посебно духовно суштество. Во овој извештај не се спомнува дека имало и трета личност до Бог. И покрај обидите да се најдат библиски стихови што ќе го потврдат тројството, доминиканскиот свештеник Мари-Емил Буамар напишал во својата книга Зачетоците на христијанството — раѓањето на догмите (À l’aube du christianisme—La naissance des dogmes): „На ниедно место во Новиот Завет не може да се прочита... дека има три личности во еден Бог“.
Учењето за кое се залагал Константин имало за цел да им стави крај на неслогите во Црквата во 4 век. Меѓутоа, ова само повлекло уште едно прашање: Дали Марија, жената што го родила Исус, била „Богородица“?
Спореди ги следниве библиски стихови: Матеј 26:39; Јован 14:28; 1. Коринќаните 15:27, 28; Колошаните 1:15, 16.
ФАКТ:
Учењето за тројството е воведено кон крајот на 4 век
-