Приближи му се на Бог
„Јас нема да те заборавам“
ДАЛИ Јехова навистина се грижи за својот народ? Ако да, колкава е таа негова грижа? Има само еден начин да го дознаеме одговорот на овие прашања — да ни го открие Бог. Во Библијата, Јехова јасно покажува како се чувствува. Да ги разгледаме зборовите од Исаија 49:15.
За да покаже колку силно го сака својот народ, Јехова го употребил пророкот Исаија за да даде еден од најтрогателните примери што постојат. Бог го поставува следново длабоко прашање: „Може ли жена да го заборави своето доенче и да не му се смилува на синот на својата утроба?“ На прв поглед, одговорот изгледа многу очигледен. Зар може една доилка да го заборави своето доенче? Бебенцето потполно зависи од неа ден и ноќ — и ѝ дава до знаење кога му треба внимание! Но, Јеховиното прашање вклучува нешто повеќе.
Зошто една мајка го дои своето дете и се грижи за секоја негова потреба? Дали само за да го смири расплаканото бебе? Не. Една мајка природно има милост кон „синот на својата утроба“. Хебрејскиот глагол преведен со „смилува“ може да значи и „покаже милост“ (2. Мојсеева 33:19; Исаија 54:10). Овој збор може да означува и нежно сочувство кон некој што е беспомошен или ранлив. Сочувството на една мајка кон нејзиното доенче е една од најсилните емоции што постојат.
Но, за жал, нема секоја мајка милост кон бебето кое е желно да цица од нејзините гради. Со зборовите „ако таа и го заборави него“, Јехова покажал дека сепак постои таква можност. Живееме во свет во кој многу мажи и жени се „нелојални, бесчувствителни кон другите“ (2. Тимотеј 3:1-5). Понекогаш слушаме за мајки кои го запоставуваат, злоупотребуваат или напуштаат своето новороденче. Во еден библиски прирачник, за Исаија 49:15 е даден следниов коментар: „Мајките се грешни и понекогаш може да пропуштат да покажат љубов. Дури и најголемата човечка љубов може да потфрли“.
Но, Јехова нѐ уверува: „Јас нема да те заборавам“. Сега почнуваме да сфаќаме што сака да каже Јехова со прашањето од Исаија 49:15. Тој овде не прави споредба туку разлика. Спротивно на несовршените мајки, кои може да не покажат сочувство кон своето беспомошно бебенце, Јехова никогаш нема да пропушти или да заборави да покаже сочувство кон своите слуги кога им е тешко. Сосема е на место што прирачникот кој го спомнавме го вели следново за Исаија 49:15: „Ова е еден од најсилните, ако не и најсилен израз на Божјата љубов запишан во Стариот Завет“.
Зар не е утешно што знаеме колку длабоко сочувство има нашиот Бог? (Лука 1:78). Зошто не дознаеш како можеш да се зближиш со Јехова? Тој е Бог што нѐ сака и затоа нѐ уверува: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евреите 13:5).
Читање на Библијата во февруари: