Зошто има толку страдања?
За да разбереме зошто има толку многу страдања и зошто луѓето не успеваат да им стават крај иако вложуваат големи напори, мораме да откриеме каде лежи коренот на проблемот. И покрај тоа што причините за страдањата се длабоки и различни, Библијата ни открива кои се тие. Во оваа статија ќе стане збор за пет главни причини зошто има толку страдања. Те молиме, внимателно прочитај како Библијата ни помага да ѕирнеме под површината на работите (2. Тимотеј 3:16).
ЛОШОТО ВЛАДЕЕЊЕ
„Кога владее злиот, народот воздивнува“, пишува во Библијата (Изреки 29:2).
Низ историјата имало многу диктатори кои владееле со железна тупаница и им нанеле неописливо страдање на своите потчинети. Се разбира, не се такви сите владетели. Некои можеби искрено сакаат да им помогнат на своите сонародници. Сепак, штом ќе дојдат на власт, честопати сфаќаат дека нивните напори се неуспешни поради безмилосната конкуренција и борбата за власт. Други, пак, ја злоупотребуваат својата моќ за лична добивка, на штета на народот. „Историјата е приказна за неуспешни обиди и неостварени стремежи“, рекол поранешниот државен секретар на САД Хенри Кисинџер.
И во Библијата јасно пишува: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Луѓето се несовршени и затоа немаат доволно мудрост и проникливост успешно да ги решаваат своите проблеми. Ако човек не може да управува со сопствените чекори, односно со својот живот, како ќе може да владее со еден цел народ? Дали сега сфаќаш зошто оние што се на власт не можат да им стават крај на страдањата? Всушност, многу често самите влади се причина за страдањата на луѓето!
ЛАЖНАТА РЕЛИГИЈА
„По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“, рекол Исус (Јован 13:35).
Верските водачи од секоја вероисповед проповедаат за љубов и единство. Но, вистината е дека не успеале на нивните следбеници да им всадат љубов која е доволно силна да ги надмине предрасудите. Наместо да ги учи луѓето да се сакаат, честопати религијата придонесува за поделби, верска нетрпеливост и судири. Во заклучокот на својата книга Христијанството и религиите во светот (Christianity and the World Religions), теологот Ханс Кинг напишал: „Најфанатичните и најбезмилосни политички судири биле подбуцнати и одобрени од религијата“.
Згора на тоа, многу свештеници од различни религии отворено ги поддржуваат предбрачниот и вонбрачниот секс и хомосексуалноста. Ова придонело да има сѐ повеќе болести, абортуси, несакана бременост, пропаднати бракови, уништени семејства и неискажлива болка.
НЕСОВРШЕНОСТА И СЕБИЧНОСТА НА ЛУЃЕТО
„Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:14, 15).
Поради тоа што сме несовршени, сите грешиме и мора да се бориме против „желбите на своето тело“ (Ефешаните 2:3). Уште потешко е да се спротивставиме на некоја погрешна желба ако ни се укаже прилика да ја задоволиме. Доколку им се препуштиме на погрешните желби, ќе пожнееме горки последици.
Писателот П. Д. Мехта напишал: „Многу страдања се должат на нашите незауздани страсти, на желбата за задоволства, на нашата алчност и амбициозност“. Пороците и зависностите како што се алкохолот, дрогата, коцкањето итн. им ги уништиле животите на голем број „угледни граѓани“ и им нанеле болка на нивните семејства, пријатели и на други. Со оглед на тоа што сме несовршени, сигурно ќе се согласиме со следниве зборови запишани во Библијата: „Знаеме дека целото создание заедно воздивнува и дека е во болка сѐ досега“ (Римјаните 8:22).
ВЛИЈАНИЕТО НА ЃАВОЛОТ И ДЕМОНИТЕ
Библијата открива дека Сатана е „богот на овој свет“ и дека на своја страна има злобни ангели наречени демони (2. Коринќаните 4:4; Откровение 12:9).
Исто како Сатана, демоните прават сѐ за да манипулираат со луѓето и да ги заведуваат. Апостол Павле рекол: „Ние не се бориме против крв и месо, туку против владите, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесата“ (Ефешаните 6:12).
Демоните уживаат да ги малтретираат луѓето. Сепак, нивната главна цел е да го одвратат секој човек од Севишниот Бог, Јехова (Псалм 83:18). Некои начини на кои демоните ги мамат и ги држат луѓето под своја контрола се астрологијата, магијата, гатањето и претскажувањето на иднината. Затоа, Бог нѐ предупредува на тие опасности и е спремен да ни помогне да им се спротивставиме на Сатана и демоните (Јаков 4:7).
ЖИВЕЕМЕ ВО „ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ“
Пред околу 2.000 години, во Библијата било проречено: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња“.
Библијата кажува и зошто тие времиња ќе бидат тешки: „Луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени... бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“. Значи, една од главните причини за сите страдања денес е тоа што живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-4).
Фактите јасно говорат дека луѓето не можат да им стават крај на страдањата, дури и ако имаат добри намери. Тогаш, кој може да ни помогне? Нашиот Творец. Тој ветил дека ќе „ги уништи делата на Ѓаволот“ и сите оние што се на негова страна (1. Јованово 3:8). Во следната статија ќе видиме што ќе направи Бог за да им стави крај на страдањата.