ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w17 Јуни стр. 16-20
  • Дали градиш мир со другите?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали градиш мир со другите?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ПРОБЛЕМИ И РЕШЕНИЈА
  • РАЗЛИЧНИТЕ КАРАКТЕРИ ГО ЗБОГАТУВААТ СОБРАНИЕТО
  • НЕ ДОЗВОЛУВАЈ НЕСОГЛАСУВАЊЕТО ДА ТРАЕ
  • ”Барај мир и стреми се кон него“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Меѓусебна слога во љубов
    Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата
  • Мир — како можеш да го најдеш?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2018
  • Варнава — ‚синот на утехата‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
w17 Јуни стр. 16-20
Една налутена сестра на собраниски состанок

Дали градиш мир со другите?

ЈЕХОВА БОГ ги поттикнува своите слуги да го ценат мирот. Тој сака тие да прават сѐ што можат за да бидат во мир еден со друг. Кога сме мирољубиви, тогаш во собранието преовладува мир. А како резултат на тоа, и другите луѓе кои доаѓаат во нашите собранија се чувствуваат пријатно.

На пример, еден познат бајач од Мадагаскар ги забележал единството и мирот кои владеат меѓу слугите на Јехова. Тој си помислил: „Кога би бирал на која религија да припаѓам, тоа би биле Јеховините сведоци“. Со текот на времето, престанал да се занимава со спиритизам, ги направил потребните промени во својот брачен живот и станал слуга на Јехова, Богот на мирот.

Слично како тој човек, илјадници луѓе секоја година стануваат дел од Божјата организација каде што го наоѓаат мирот по кој копнеат. Но, Библијата нѐ предупредува дека, ако во собранијата има „горчлива љубомора и кавгаџиство“, тоа може да уништи пријателства и да создаде проблеми (Јак. 3:14-16). За среќа, Библијата ни дава и добри совети за тоа како да ги избегнеме таквите проблеми и како да го зајакнеме мирот со нашите браќа и сестри. Да видиме како овие совети се покажале делотворни во ситуации од секојдневниот живот.

ПРОБЛЕМИ И РЕШЕНИЈА

„Често имав несогласувања со еден брат со кој работев заедно. Еднаш, додека гласно се расправавме, дојдоа двајца луѓе и ја слушнаа нашата караница“ (КРИС).

Две сестри налутено се погледнуваат

„Една сестра со која честопати проповедав, наеднаш ги откажа термините што ги имавме договорено за служба. Потоа престана и да ми зборува. Немав поим која беше причината за тоа“ (ЏЕНЕТ).

„Еднаш, во телефонски разговор бевме поврзани тројца браќа. Еден од браќата кажа ’Чао‘ и јас си мислев дека се исклучи. Потоа на другиот брат му кажав негативни работи за братот за кој мислев дека се исклучил, но тој сѐ уште бил на линија“ (МАЈКЛ).

„Во нашето собрание, меѓу две пионерки се појавија проблеми. Почнаа да се навредуваат една со друга. Поради нивните расправии другите беа обесхрабрени“ (ГАРИ).

Можеби овие проблеми не ти изгледаат сериозно. Но, тие можеле да им нанесат трајна емоционална штета на оние што биле вклучени во нив и да го нарушат мирот во собранието. За среќа, браќата и сестрите примениле некои библиски начела, и повторно имале мир меѓу себе. Кои библиски начела им помогнале?

„Немојте да се карате патем!“ (1. Мој. 45:24). Јосиф им го дал овој мудар совет на своите браќа кога тие требало да се вратат кај татко им. Ако некој не си ги контролира чувствата и лесно се вознемирува, може да ги налути другите и уште повеќе да ги влоши работите. Крис сфатил дека понекогаш му е тешко да биде понизен и да следи упатства. Тој сакал да се смени, и затоа му се извинил на братот со кој имал проблем. Исто така, Крис многу се трудел да го контролира гневот. Кога братот видел колку Крис се труди да се смени, и самиот направил промени. Сега во мир заедно му служат на Бог.

„Плановите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор“ (Изр. 15:22, фус.). Џенет решила да го примени овој библиски совет кога нејзината пријателка престанала да ѝ зборува. Затоа отишла да разговара со неа. Џенет ја прашала дали со нешто ја навредила или вознемирила. Во почетокот на разговорот, и на двете им било непријатно. Но, работите се подобриле бидејќи продолжиле да разговараат на смирен начин. Сестрата сфатила дека погрешно разбрала некоја ситуација во која Џенет дури не ни била вклучена. Таа ѝ се извинила на Џенет, и сега повторно му служат на Јехова како пријателки.

„Ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот“ (Мат. 5:23, 24). Исус го дал овој совет во својата Проповед на гората. На Мајкл му било многу тешко откако кажал негативни работи за другиот брат. Тој решил да направи сѐ што е потребно за да ја поправи ситуацијата. Затоа, отишол кај братот и му се извинил. Со каков резултат? Мајкл вели: „Братот ми прости од срце“. Повторно биле пријатели.

„Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (Кол. 3:12-14). Што се случило со двете пионерки кои се расправале? Еден старешина на љубезен начин им помогнал да сфатат дека со своето однесување ги вознемируваат другите. Тој ги потсетил дека треба да бидат стрпливи една со друга и да го чуваат мирот во собранието. Сестрите го прифатиле и го примениле неговиот совет. Сега добро се согласуваат и радосно соработуваат во службата.

Советот од Колошаните 3:12-14 може да ти помогне доколку некој те повреди. Многумина увиделе дека понизноста им помага да простат и повеќе да не мислат на проблемот. А што ако си се обидел да простиш, но тоа не ти успеало? Тогаш може да ти помогне библиското начело кое се наоѓа во Матеј 18:15. Овие зборови на Исус главно се однесуваат на тешки гревови. Но, тоа начело може да го примениш за да решиш каков и да било проблем со некој брат или сестра. Треба едноставно да отидеш кај тоа лице и љубезно и понизно да разговарате за проблемот со цел да најдете решение.

Во Библијата има многу други практични совети. За да можеш да ги примениш тие совети, треба да ги покажуваш „плодовите на духот“. Тоа се особините љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Гал. 5:22, 23). Размисли за следново: За да може една машина добро да работи, треба да се подмачкува со масло. Слично на тоа, полесно ќе ги надминеме нашите разлики со другите и ќе имаме подобри односи ако ги покажуваме особините што ги има Јехова.

РАЗЛИЧНИТЕ КАРАКТЕРИ ГО ЗБОГАТУВААТ СОБРАНИЕТО

Секој од нас има различен карактер — имаме различни особини, на поинаков начин гледаме на работите и на поинаков начин се изразуваме. Таквите разлики ги збогатуваат пријателствата. Но, различните карактери можат да доведат до недоразбирања и несогласувања. Еден искусен старешина го дал следниов пример: „Некој што е срамежлив можеби се чувствува непријатно во друштво на некој што е поотворен и зборлив. Иако таквите разлики можеби не изгледаат значајни, тие можат да водат до сериозни проблеми“. Што мислиш, дали две лица со многу различни карактери не можат добро да соработуваат? Да го разгледаме примерот на двајца апостоли. Кога ќе се спомне апостол Петар, можеби помислуваме на некој што веднаш кажувал што мисли. А кога ќе се спомне Јован, можеби си замислуваме љубезен брат кој обично добро промислувал пред да каже или направи нешто. Иако Петар и Јован имале различни карактери, тие добро соработувале во службата за Јехова (Дела 8:14; Гал. 2:9). Истото важи и денес. Дури и христијаните со различни карактери можат добро да соработуваат.

Но, што ако некој брат во собранието кажува или прави нешто со кое ти оди на нерви? Добро е да имаш на ум дека Христос умрел и за него и дека треба да покажуваш љубов (Јован 13:34, 35; Рим. 5:6-8). Не би било исправно да го прекинеш пријателството со него или да го избегнуваш. Наместо тоа, прашај се: „Дали братот прекршува некој од Јеховините закони? Дали намерно ме повредува, или едноставно имаме различни карактери? Дали можеби има убави особини кои јас би сакал да ги имам?“

Последното прашање е многу важно. На пример, ако ти си срамежлив, а братот лесно започнува разговор, зошто не се договориш да одите заедно во служба? Така ќе можеш да научиш нешто од него. А што ако тој е подарежлив од тебе? Дали си забележал каква радост чувствува затоа што им помага на постарите, болните или на сиромашните? Дали би можел да научиш од него како и самиот да бидеш подарежлив? Значи, иако имате различни карактери, можете да се зближите ако се концентрирате на добрите страни на другиот. Можеби нема да станете најдобри пријатели, но сигурно ќе станете поблиски. Тоа ќе ви помогне да градите мир — и меѓу себе и во собранието.

Во првиот век, две сестри по име Еводија и Синтихија можеби имале многу различни карактери. Сепак, апостол Павле ги поттикнал „да бидат сложни во размислувањето, како што и им прилега на слугите на Господарот“ (Фил. 4:2). И ние сакаме да му служиме на Јехова заедно со нашите соверници и да го градиме мирот во собранието.

НЕ ДОЗВОЛУВАЈ НЕСОГЛАСУВАЊЕТО ДА ТРАЕ

Зошто треба брзо да се ослободиме од негативните чувства кон другите? Тие чувства може да ги споредиме со грд плевел што расте во прекрасна цветна градина. Доколку не го откорнеме плевелот, тој ќе се рашири низ целата градина. Слично на тоа, ако нашите негативни чувства кон другите станат многу силни, тоа може лошо да влијае врз целото собрание. Но, ако ги сакаме Јехова и браќата, ќе сториме сѐ што можеме за да го зачуваме мирот во собранието.

Две сестри разговараат и го решаваат несогласувањето

Ако понизно се трудиш да градиш мир со другите, можеби ќе се изненадиш од добрите резултати

Кога се трудиме да бидеме во мир со другите, можеби ќе се изненадиме од добрите резултати. Една сестра која го доживеала ова вели: „Имав чувство дека една сестра се однесува со мене како да сум дете. Тоа толку ме нервираше што, со текот на времето, почнав отсечно и грубо да ѝ возвраќам. Си мислев: ’Штом таа не ме почитува мене, ниту јас нема да ја почитувам неа‘“.

По некое време, оваа сестра почнала да размислува за својот став. „Станав свесна за моите слабости, и многу се разочарав од себеси. Сфатив дека мора да си го сменам ставот. Откако му се молев на Јехова за таа работа, ѝ купив на сестрата мал подарок и ѝ напишав картичка во која ѝ се извинив за моето лошо однесување. Се прегрнавме и се договоривме да го оставиме тоа зад нас. Оттогаш немаме никакви проблеми.“

Секој човек има потреба од мир. Но, чувството на несигурност или гордоста може да ги тера луѓето да постапуваат на начин со кој се нарушува мирот. Ова е вообичаено кај луѓето од светот, но Јехова очекува неговите слуги да бидат поинакви. Меѓу Божјите слуги треба да владеат мир и единство. Јехова го поттикнал Павле да напише: „Сесрдно ве молам да водите живот достоен на позивот со кој сте повикани, со сета понизност и благост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов, вистински трудејќи се да го одржите единството на духот, во мирот кој ве поврзува“ (Еф. 4:1-3). Мирот кој ги поврзува слугите на Јехова е скапоцен. Затоа, секој од нас нека даде сѐ од себе за да го зајакне тој мир и да ги реши сите проблеми што можеби ги има со браќата и сестрите.

Павле и Варнава — добро соработувале и покрај разликите

Павле и Варнава

Павле бил човек со цврсти ставови. Пред да стане христијанин, тој им се заканувал на учениците на Исус и имал силна желба да ги убива (Дела 9:1). Подоцна, Павле опишал какви чувства имал кон христијаните. Тој рекол: „Бев толку бесен на нив“ (Дела 26:11).

Откако се крстил, Павле се сменил. Но, луѓето не заборавиле каков бил порано. Дури и кога станал христијанин, браќата во Ерусалим едно време се плашеле од него бидејќи не верувале дека е ученик на Исус (Дела 9:26).

Но, еден брат од Кипар по име Јосиф му помогнал на Павле. Јосиф бил љубезен брат кој сите во собранието го сакале и го почитувале. Браќата дури го нарекле Варнава, што значи „син на утехата“ (Дела 4:36, 37). Како тој му помогнал на Павле? Во Дела 9:26-28 пишува: „Варнава се зазеде за него и го одведе кај апостолите, па подробно им раскажа како овој на патот го видел Господарот, кој му се обратил, и како во Дамаск смело зборувал во името на Исус“. Откако браќата во Ерусалим ги слушнале зборовите на Варнава, почнале да му веруваат на Павле и го прифатиле како брат. По кратко време, Павле и Варнава почнале заедно да служат во мисионерското дело (Дела 13:2, 3).

Варнава сигурно ги ценел ревноста и искреноста на Павле кој никогаш не се плашел да го каже или да го направи она што е потребно. Од друга страна, Павле сигурно бил многу благодарен што можел да соработува со некој како Варнава кој бил љубезен и многу се грижел за другите.

Меѓутоа, од Библијата дознаваме дека меѓу Павле и Варнава дошло до „жестока караница“. Тоа не се случило поради нивните различни карактери. Напротив, тие се расправале околу тоа дали Јован наречен Марко ги исполнувал условите да служи како мисионер заедно со нив (Дела 15:36-40).

Павле и Варнава добро соработувале и покрај различните карактери. Тие сигурно го решиле своето несогласување. Во Библијата читаме дека подоцна Јован Марко повторно служел заедно со Павле (Кол. 4:10). Значи, иако имаме различни карактери, можеме заедно да му служиме на Јехова во мир.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели