Дали си спремен да ја наследиш Земјата?
СИТЕ ние едвај чекаме да се исполни ветувањето што го дал Исус: „Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Мат. 5:5). Помазаниците ќе ја наследат Земјата така што ќе владеат како цареви заедно со Исус на небото (Отк. 5:10; 20:6). Сепак, повеќето вистински христијани денес имаат надеж дека ќе ја наследат Земјата така што засекогаш ќе живеат на неа во совршенство, мир и среќа. За да се постигне ова, тие ќе треба да извршат неколку важни задачи. Ќе разгледаме три од нив — да ја претворат Земјата во рај, да им обезбедат сѐ што им е потребно на оние што ќе воскреснат и да ги поучуваат воскреснатите. Исто така, ќе видиме како можеш уште сега да покажеш дека сакаш да учествуваш во овие важни задачи во новиот свет.
ДА ЈА ПРЕТВОРИМЕ ЗЕМЈАТА ВО РАЈ
Со тоа што им ја дал следната задача на луѓето: „Наполнете ја земјата и потчинете ја“, Јехова укажал дека целата Земја со текот на времето ќе стане рај (1. Мој. 1:28). Оние што ќе ја наследат Земјата ќе ја имаат истата задача. Меѓутоа, по Армагедон на Земјата нема да има рај кој би го прошириле бидејќи градината Еден повеќе не постои. Ќе има многу работа уште од самиот почеток бидејќи ќе треба да се исчистат и средат сите делови од Земјата кои денес се уништени. Тоа навистина ќе биде огромна задача!
Ова нѐ потсетува на задачата што ја имале Израелците кога се вратиле од Вавилон. Се вратиле во земја каде што 70 години никој не живеел. Но Исаија прорекол дека со помош од Јехова ќе успеат да ја обноват. Тој напишал: „Ќе направи неговата пустина да биде како Еден и неговата пустелија како Јеховината градина“ (Иса. 51:3). И, Израелците го направиле тоа. Со помош на Јехова, и оние кои ќе ја наследат Земјата ќе успеат да ја претворат во рај. Како можеш уште сега да покажеш дека и ти сакаш да учествуваш во таа задача?
Еден начин е така што ќе правиш сѐ што можеш за твојот дом и околината да бидат чисти, без разлика дали твоите соседи го прават тоа или не. Исто така, може да помагаш во чистењето и одржувањето на вашата сала за состаноци и на конгресната сала. Ако условите ти дозволуваат, би можел да се ставиш на располагање да помагаш и во акции за помош при катастрофи. Така ќе покажеш дека си спремен да им помагаш на твоите браќа и сестри. Еве едно прашање за размислување: „Какви вештини би можел да стекнам кои ќе бидат од корист ако Јехова ми дозволи да ја наследам Земјата?“
ДА ИМ ОБЕЗБЕДИМЕ НА ВОСКРЕСНАТИТЕ СЀ ШТО ИМ Е ПОТРЕБНО
Веднаш откако ја воскреснал ќерката на Јаир, Исус им рекол на родителите да ѝ дадат нешто да јаде (Мар. 5:42, 43). Сигурно не им било тешко да се погрижат за ова 12-годишно девојче. Но да размислиме што сѐ ќе биде потребно кога Исус ќе го исполни своето ветување дека „сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Библијата не дава многу детали околу ова. Но разумно е да заклучиме дека на оние што ќе воскреснат ќе им биде потребна помош околу храна, облека и покрив над главата. Како можеш уште сега да покажеш дека си спремен да помагаш? Да разгледаме неколку прашања во врска со ова.
Што можеш да правиш денес за да покажеш дека си спремен да ја наследиш Земјата?
Кога ќе се извести дека покраинскиот надгледник ќе го посети твоето собрание, дали ќе се пријавиш да го примиш на ручек? Кога некој што служел во Бетел ќе биде замолен да служи како специјален пионер или кога покраинскиот надгледник ќе заврши со патувачката служба, дали би можел да му помогнеш да најде стан? Ако во твојата околина се одржува регионален или специјален конгрес, дали ќе се понудиш да помагаш пред или после конгресот и дали ќе се ставиш на располагање да им изразиш добредојде на делегатите?
ДА ГИ ПОУЧУВАМЕ ВОСКРЕНАТИТЕ
На темел на она што го пишува во Дела 24:15 можеме да заклучиме дека ќе воскреснат милијарди луѓе. Многу од нив претходно немале шанса да го запознаат Јехова, но кога ќе воскреснат, ќе имаат.a Тие луѓе ќе бидат поучувани од верни, искусни слуги на Бог (Иса. 11:9). Шарлот, која има проповедано во Европа, Јужна Америка и Африка, со душа го чека тоа време. Таа радосно вели: „Едвај чекам да ги поучувам оние што ќе воскреснат. Кога читам за некој од минатото, си размислувам: ’Да го познавал Јехова, овој човек ќе имал многу поинаков живот‘. Со душа чекам да им кажувам на воскреснатите за Јехова“.
Дури и верните слуги на Јехова кои живееле пред Исус да дојде на Земјата ќе треба многу да учат. Да си замислиме само колкава радост и чест ќе биде да му објасниме на Даниел како се исполниле пророштвата што тој ги запишал, но не ги разбрал (Дан. 12:8). Или замисли колку убаво ќе биде да им објасниме на Рут и Ноемина дека Месијата дошол од нивната лоза. Колку голема радост ќе претставува за нас да учествуваме во оваа голема образовна програма без пречките и притисоците од овој злобен свет!
Како можеш уште сега да покажеш дека си спремен да учествуваш во тоа образовно дело? Еден начин е така што ќе се трудиш повешто да поучуваш и редовно ќе учествуваш во проповедањето денес (Мат. 24:14). Ако поради возраста или други околности не можеш да правиш во службата онолку колку што би сакал, со тоа што ќе го даваш своето најдобро ќе покажеш дека сакаш да ги поучуваш оние што ќе воскреснат.
Размислувај за овие важни прашања: „Дали со душа чекаш да ја наследиш Земјата? Дали се радуваш на можноста да учествуваш во тоа да ја претвориш Земјата во рај, како и во тоа да им помагаш на воскреснатите и да ги поучуваш?“ Ќе покажеш дека си спремен така што уште денес ќе учествуваш во задачи слични на оние што ќе ги имаме кога ќе ја наследиме Земјата.
a Види ја статијата „Мнозина ќе бидат доведени до праведност“, која излезе во Стражарска кула од септември 2022.