Можеме ли да им ставиме крај на војните и конфликтите?
Луѓето се борат од разни причини. Некои се борат за политичка, економска или општествена промена. Други се борат за да преземат контрола врз некоја територија или некои природни ресурси. Многу конфликти се предизвикани од долгогодишни етнички или религиозни разлики. Какви напори се вложуваат за да се стави крај на војните и да се постигне мир? Можеме ли да очекуваме овие напори да успеат?
Drazen_/E+ via Getty Images
ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ
Цел: Да се подобри квалитетот на животот на луѓето. Ова може да помогне да се елиминира или намали економската нееднаквост, која може да биде главна причина за конфликти.
Ограничување: Тоа бара од владите да го променат начинот на кој ги трошат парите. Се проценува дека во 2022 год. низ целиот свет биле потрошени 34,1 милијарда американски долари на мировни мисии. Но, тоа е само 0,4 отсто од парите кои таа година биле потрошени за воени цели.
„Трошиме многу повеќе пари и ресурси за да ги решаваме конфликтите отколку за да ги спречуваме и да градиме мир“ (Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации).
Што вели Библијата: Светските влади и институции можат да им помогнат на сиромашните, но никогаш нема да успеат потполно да ја искоренат сиромаштијата (5. Мојсеева 15:11; Матеј 26:11).
ДИПЛОМАТИЈА
Цел: На мирен начин да се спречуваат или решаваат споровите преку дијалог и преговори, во корист на двете страни.
Ограничување: Понекогаш една или повеќе страни не се спремни да преговараат, да направат компромис или да прифатат договор. А мировните договори лесно се прекршуваат.
„Дипломатијата не успева секогаш. Постигнат договор за крај на некоја војна може да биде со толку недостатоци што подоцна уште повеќе ќе го влоши конфликтот“ (Рејмонд Смит, American Diplomacy).
Што вели Библијата: Луѓето треба да бараат мир (Псалм 34:14). Но многумина денес се „нелојални... неспремни за каков и да било договор... предавници“ (2. Тимотеј 3:1-4). Таквите особини ги спречуваат искрените политички водачи да ги решат конфликтите.
РАЗОРУЖУВАЊЕ
Цел: Да се намали или отстрани оружјето, особено нуклеарното, хемиското и биолошкото оружје.
Ограничување: Државите честопати не сакаат да се разоружаат бидејќи се плашат дека ќе изгубат моќ или ќе станат ранливи. Со отстранување на оружјето не се решаваат причините зошто луѓето се борат.
„Многу од договорите и ветувањата за разоружување склучени на крајот од Студената војна не се исполнети. Во нив спаѓаат практични чекори за редуцирање на опасностите, за намалување на меѓународните тензии, кои на крај би нѐ довеле до побезбеден и посигурен свет“ (Securing Our Common Future: An Agenda for Disarmament).
Што вели Библијата: Луѓето треба да го остават оружјето и да ги „прековаат своите мечеви во плугови“ (Исаија 2:4). Но не е доволно само тоа, бидејќи насилството извира од срцето на човекот (Матеј 15:19).
КОЛЕКТИВНА БЕЗБЕДНОСТ
Цел: Државите се согласуваат да преземат колективни активности против агресорите. Теоретски, еден агресор нема да започне војна ако тоа значи дека ќе се бори со здружени сили на многу држави.
Ограничување: Тоа што владите склучуваат сојузи за да се одбранат од некој агресор не е гаранција за мир. Државите не секогаш ги исполнуваат своите обврски, ниту пак се согласуваат за тоа како и кога да дејствуваат против агресорите.
„Иако колективната безбедност... играла важна улога во Пактот на Лигата на народите и е втемелена во Повелбата на Обединетите нации, и во двата случаи доживеала потполн неуспех“ (Encyclopedia Britannica).
Што вели Библијата: Честопати е подобро кога повеќе луѓе соработуваат заедно (Проповедник 4:12). Но не можеме да очекуваме човечките институции да донесат траен мир и сигурност. „Вашата вера да не биде во владетели, во смртници кои не можат да бидат спасители: душа штом ќе испуштат — во земјата се враќаат, а нивните планови — во тој ден пропаѓаат!“ (Псалм 146:3, 4, Радосна вест).
Иако многу држави вложуваат голем труд за да постигнат траен мир, сѐ уште има ужасни војни.