Увод
СО СВОИТЕ обележја и со богатите придружни текстови и содржини, чија обработка беше многу олеснета благодарение на современата компјутерска технологија, ова издание на Светото писмо — превод Нов свет ќе му помогне на читателот добро да се запознае со Библијата.
ОБЕЛЕЖЈА НА ОВА ИЗДАНИЕ
ПОДЕЛБА НА ТЕКСТОТ: Текстот е поделен на поглавја и стихови според англиското издание на преводот Нов свет, со што се овозможува доследно спроведување на образовната програма на Јеховините сведоци низ целиот свет. Стиховите не стојат секој посебно, туку се групирани во поголеми целини, што олеснува да се следи смислата. Во поетските делови на Библијата, како што се псалмите, задржана е поетската форма. Деловите од текстот што се пишувани во азбучен акростих се исто така соодветно означени (види го 119. псалм).
НАСЛОВИ НА ПОЧЕТОКОТ ОД СТРАНИЦАТА: Се наоѓаат на почетокот од повеќето страници во овој превод. Тие ја содржат суштината на текстот на таа страница и му помагаат на читателот побрзо да ги пронајде стиховите што ги бара во Библијата.
ИНДЕКС НА ЗБОРОВИ: При крајот на книгава се наоѓа конкорданција со наслов: „Индекс на зборови во библискиот текст“. Тоа е список на избрани зборови во кој е наведено каде можат да се најдат тие зборови во Библијата. До повеќето од нив стои и краток извадок од текстот за да може читателот да го види контекстот. На читателите друга помош при проучувањето ќе им биде и „Индексот на фусноти“.
ДОДАТОК: Во Додатокот има статии кои ги разјаснуваат основните библиски учења, како и други сродни теми. При крајот на тој дел се наоѓа табела на пари и мерки, прикажани се месеците според библискиот календар, има географски карти на библиските земји и други илустрации. На почетокот на Додатокот има Содржина, која ќе му помогне на читателот полесно да се снајде. Додатокот ќе им помогне на многу читатели темелно да го проучуваат Светото писмо и ќе ги поучи за да можат уште поспремно да ја бранат библиската вистина (1. Петрово 3:15).
МАРГИНАЛИИ: Ова издание содржи скоро 125.000 маргиналии, кои упатуваат на други стихови. Тие се показател дека за скоро секој детаљ што се спомнува во библискиот текст има потврда и на некое друго место во Библијата. Со внимателно споредување на стиховите на кои упатуваат маргиналиите, како и на соодветните фусноти под текстот, се открива меѓусебната поврзаност и складност на 66-те библиски книги. Тоа е доказ дека сите тие книги, всушност, сочинуваат една книга, која е вдахновена од Бог.
Маргиналиите се наоѓаат во колона во средината на текстот, и во нив се користат скратеници за имињата на библиските книги. Знаците во текстот, кои се наведени по азбучен ред, го упатуваат читателот на соодветните маргиналии. На местата каде што маргиналиите не ги собираше во средната колона, тие продолжуваат на дното на десната колона од текстот на истата страница. Во колоната со маргиналии се наведени броевите на поглавјата на кои тие се однесуваат.
Маргиналиите во текстот го упатуваат читателот на стихови кои содржат паралелни мисли и опис на настани; укажуваат на биографски или на географски податоци; ги поврзуваат пророштвата со описот на нивното исполнување; укажуваат на директни цитати и на идентични изрази, реченици, па дури и на цели стихови од некој друг дел на Библијата; поврзуваат места од хебрејскиот дел на Библијата, кои зборуваат за карактеристики на сојузот на Законот, со места во грчкиот дел на Библијата, кои го опишуваат нивното исполнување. Сето ова ќе му овозможи на читателот добро да се запознае со Библијата.
ФУСНОТИ: Големиот број фусноти разјаснуваат како се користени некои изрази во Библијата (на пример, „душа“ или „гроб“), кои се важни за да се разберат нејзините основни учења; го наведуваат буквалниот превод или некое друго можно значење на изворните изрази што имаат повеќе од едно значење; даваат објаснување на неразбирливи детали и изрази, на игри на зборови и идиоми од изворните јазици; содржат податоци за личните и географските имиња; наведуваат пресметани вредности на библиските парични единици и мерки; го упатуваат читателот на додатни објаснувања во Додатокот и слично.
По зборот или изразот на кој се однесува фуснотата се наоѓа и знак за фуснота. Самата фуснота се наоѓа на дното на страницата, под соодветната колона. Започнува со бројот на стихот напишан со мрсни букви. Ако во некој стих има повеќе фусноти, за секоја од нив се користи поинаков знак. Користени се следниве знаци: *, #, *, *, *.
ЗАКЛУЧОК
Големиот број маргиналии и други помагала во ова издание на преводот Нов свет, од 2006 година, му покажуваат на читателот дека 66-те книги од Библијата претставуваат една меѓусебно испреплетена и вдахновена целина, единствен текст кој го содржи ,чистиот јазик‘ на вистината (Софонија 3:9). Оние што навистина ,треперат‘ од Јеховината света Реч и со проучување навлегуваат во нејзините длабочини, го продлабочуваат своето разбирање на Библијата (Исаија 66:2, 5). Наша желба е сите придружни текстови и содржини што се наоѓаат во ова издание на Библијата да му помогнат на секој читател што ќе се служи со нив да се увери во тоа што е вистина и уште повеќе да се убеди дека „речта Божја е жива и делотворна“ (Евреите 4:12). Навистина, среќни се оние што постојано се хранат од Јеховината богата духовна трпеза така што ја проучуваат неговата жива Реч — Библијата! (Матеј 5:3).