ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • nwt Рут 1:1-4:22
  • Рут

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Рут
  • Свето писмо — превод Нов свет
Свето писмо — превод Нов свет
Рут

РУТ

1 Во времето кога управуваа судиите, во земјата завладеа глад. Тогаш еден човек од Витлеем, кој се наоѓа во Јуда, тргна со својата жена и со своите два сина да се насели во моавската земја. 2 Тој се викаше Елимелех,* жена му се викаше Ноемина,* а двата сина — Малон* и Хелеон.* Тие беа Ефраќани од Витлеем во Јуда. На крајот стигнаа во моавската земја и се населија таму.

3 По некое време умре Елимелех, мажот на Ноемина, и таа остана сама со двата сина. 4 Синовите подоцна се оженија со Моавки. Едната се викаше Орфа, а другата Рут. И живееја таму околу 10 години. 5 Потоа умреа Малон и Хелеон, па Ноемина остана и без двата сина и без својот маж. 6 Тогаш таа реши да ја напушти моавската земја и да се врати дома бидејќи слушна дека Јехова се сожалил на својот народ и му дал храна,* а и нејзините снаи појдоа со неа.

7 Така Ноемина замина со двете снаи од местото каде што живееше за да се врати во земјата Јуда. Додека одеа по патот, 8 таа им рече на снаите: „Одете, вратете се дома кај своите мајки. Јехова нека ви покаже верна љубов како што вие им покажавте на починатите и мене. 9 Јехова нека ве благослови, па и двете да се вдомите и да најдете мир во куќата на својот маж“. Тогаш ги избакна, а тие гласно заплакаа 10 и упорно ѝ велеа: „Не, ќе одиме со тебе кај твојот народ“. 11 Но, Ноемина им рече: „Вратете се, ќерки мои. Зошто да доаѓате со мене? Зар уште можам да раѓам синови со кои би се омажиле? 12 Вратете се, ќерки мои, одете. Престара сум за мажење. Па дури и кога би можела уште денес да се омажам и да родам синови, 13 зар ќе останете немажени и ќе ги чекате да пораснат за да се омажите со нив? Не, ќерки мои! Јехова се сврте против мене,* и многу ми е тешко* поради она што ве снајде“.

14 Тогаш тие повторно гласно заплакаа. Потоа Орфа ја бакна својата свекрва и замина, но Рут остана со неа. 15 А Ноемина ѝ рече: „Ете, јатрва ти се врати кај својот народ и кај своите богови. Врати се и ти со неа“.

16 Но Рут ѝ одговори: „Не терај ме да се вратам и да те оставам. Каде што ќе одиш ти, таму ќе одам и јас, и каде што ќе живееш ти, таму ќе живеам и јас.* Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог. 17 Каде што ќе умреш ти, таму ќе умрам и јас, и таму ќе бидам погребана. Јехова нека ме казни* ако нешто друго ме оддели од тебе освен смртта“.

18 Кога виде дека Рут е цврсто решена да оди со неа, Ноемина престана да ја убедува да се врати. 19 Така и двете продолжија да одат по патот кон Витлеем. Штом стигнаа таму, целиот град почна да зборува за нив. Жените велеа: „Ова ли е Ноемина?“, 20 а таа им одговараше: „Не викајте ме Ноемина.* Викајте ме Мара,* зашто Семоќниот многу ми го загорчи животот. 21 Кога заминав, имав сѐ, но Јехова ме врати со празни раце. Зошто да ме викате Ноемина кога Јехова се сврте против мене, кога Семоќниот ми нанесе неволја?“

22 Така Ноемина се врати од моавската земја заедно со својата снаа, Моавката Рут. Тие стигнаа во Витлеем кога почнуваше жетвата на јачменот.

2 Ноемина имаше роднина кој се викаше Вооз и беше многу богат. Тој беше од семејството на маж ѝ, Елимелех.

2 Моавката Рут ѝ рече на Ноемина: „Те молам, пушти ме да одам на нивите и да собирам класја по жетварите што ќе ми се смилуваат“. Ноемина ѝ рече: „Оди, ќерко“. 3 Така Рут отиде и почна да доприбира зад жетварите. А нивата на која дојде, всушност, му припаѓаше на Вооз, кој беше од семејството на Елимелех. 4 Тогаш Вооз дојде од Витлеем и им рече на жетварите: „Јехова нека биде со вас!“ А тие му одговорија: „Јехова нека те благослови!“

5 Потоа Вооз го праша момчето кое ги надгледуваше жетварите: „Чија е онаа млада жена?“ 6 Момчето му одговори: „Младата жена е Моавка која се врати со Ноемина од моавската земја. 7 Таа ме праша: ’Те молам, може ли да доприбирам и да ги собирам ожнеаните класја што ќе останат* зад жетварите?‘ И еве, цело време е на нозе. Откако дојде утринава, дури сега седна под сенка* за да се одмори малку“.

8 Тогаш Вооз ѝ рече на Рут: „Слушај, ќерко моја. Не оди да доприбираш на друга нива и не оди си оттука, туку остани со моите слугинки. 9 Види на која нива жнеат и оди со нив. Им заповедав на момчињата да не те задеваат. Кога ќе ожедниш, оди кај стомните и пиј од водата што ја нацрпиле момчињата“.

10 Тогаш таа падна на колена, се поклони доземи и му рече: „Со што ја заслужив твојата милост и зошто ми покажуваш добрина иако сум туѓинка?“ 11 А Вооз ѝ одговори: „Слушнав за сето она што си го направила за твојата свекрва откако умрел маж ти, и дека си ги оставила татко ти и мајка ти и земјата на твоите роднини за да дојдеш кај народ кој порано не си го познавала. 12 Јехова нека те награди за твоите дела, и Јехова, Богот на Израел, под чии крилја си дошла да побараш засолниште, нека ти даде целосна плата!“* 13 Тогаш Рут му рече: „Господару, биди и понатаму милостив кон мене! Ти ме смири и ме утеши со своите зборови, иако не сум ти ни слугинка“.

14 Кога дојде време да јадат, Вооз ѝ рече: „Дојди ваму, јади од лебот и макај од оцетот“. Рут седна покрај жетварите, а тој ѝ подаде пржени зрна и таа јадеше. Откако се најаде, ѝ остана уште храна. 15 Кога стана да доприбира, Вооз им заповеда на своите жетвари: „Пуштете ја да собира и од ожнеаните класја* и немојте да ја спречувате. 16 Извлекувајте класја и од сноповите и оставајте ги зад себе за да ги собере, и не ѝ приговарајте“.

17 Така Рут доприбираше на нивата до вечерта. Кога го исчука она што го имаше собрано, беше околу една ефа јачмен.* 18 Потоа го зеде јачменот и се врати во градот, и свекрва ѝ виде колку насобрала. Рут ја извади и храната што претходно ѝ остана, и ѝ ја даде.

19 Свекрвата ѝ рече: „Каде доприбираше денес? Каде работеше? Нека биде благословен оној што ти покажал добрина!“ А Рут ѝ кажа на чија нива работела, велејќи: „Човекот кај кого работев денес се вика Вооз“. 20 Тогаш Ноемина ѝ рече: „Нека биде благословен од Јехова, кој не пропушти да им покаже верна љубов ниту на живите ниту на мртвите!“ Потоа додаде: „Човекот ни е роднина. Тој е еден од нашите откупители“.* 21 А Моавката Рут рече: „Тој исто така ми кажа: ’Остани со моите слуги додека не ги ожнеат сите мои ниви‘“. 22 Тогаш Ноемина ѝ рече: „Подобро е, ќерко моја, да одиш со неговите слугинки за да не те задеваат на некоја друга нива“.

23 Така Рут остана покрај слугинките на Вооз и доприбираше додека не заврши жетвата на јачменот и на пченицата. А таа живееше со својата свекрва.

3 Ноемина, нејзината свекрва, ѝ рече: „Ќерко моја, зарем не треба да ти побарам дом за да ти биде добро? 2 Ете, Вооз, со чии слугинки беше ти, е наш роднина. Тој вечерва вее јачмен на гумното. 3 Затоа измиј се, намачкај се со мирисливо масло, облечи се во најубавата облека и појди таму. Но, внимавај да не те види додека не заврши со јадењето и со пиењето. 4 Кога ќе отиде да спие, види каде ќе си легне. Тогаш оди, подоткриј му ги нозете и легни. Тој ќе ти каже што треба да правиш“.

5 Рут ѝ одговори: „Ќе направам сѐ што ми рече“. 6 Па појде на гумното и постапи токму така како што ѝ кажа свекрвата. 7 Во меѓувреме, Вооз јадеше и пиеше, и беше расположен. Потоа отиде да си легне крај купот жито. А таа тивко му се приближи, му ги подоткри нозете и легна. 8 Околу полноќ, тој се стресе и се поткрена, наведнувајќи се нанапред. Тогаш виде дека крај неговите нозе лежи жена. 9 „Која си ти?“, праша тој. А таа му одговори: „Јас сум Рут. Те молам, заштити ја својата слугинка,* зашто си откупител“.* 10 Тогаш тој ѝ рече: „Јехова нека те благослови, ќерко моја! Сега покажуваш уште поголема верна љубов отколку првиот пат, бидејќи не отиде да бараш млад маж — било да е сиромав било да е богат. 11 А сега, ќерко, не плаши се. Ќе направам за тебе сѐ што ќе кажеш, затоа што секој во градот знае дека си беспрекорна жена. 12 Точно е дека сум откупител, но има откупител што ви е поблизок роднина од мене. 13 Преноќевај овде, па ако утре наутро тој сака да те откупи, добро, нека те откупи. Но, ако не сака, тогаш се колнам во Јехова, живиот Бог, јас ќе те откупам! Остани да лежиш тука до утрото“.

14 Така Рут лежеше крај неговите нозе до утрото, па стана уште пред да се раздени за никој да не ја види. Вооз рече: „Не треба да се дознае дека дошла жена на гумното“. 15 Тој уште рече: „Донеси ја твојата наметка и рашири ја“. Таа ја рашири наметката, па Вооз истури шест мери* јачмен во неа и ѝ ја даде да ја носи. Потоа, тој отиде во градот.

16 Кога Рут се врати кај свекрва ѝ, таа ја праша: „Како помина,* ќерко моја?“ Тогаш Рут ѝ раскажа за сето она што човекот го направи за неа 17 и додаде: „Тој ми ги даде овие шест мери јачмен и ми рече: ’Немој да се вратиш кај свекрва ти со празни раце‘“. 18 А Ноемина ѝ рече: „Остани овде, ќерко, и чекај да видиш што ќе се случи. Тој човек ќе направи сѐ за да ја заврши работата уште денес“.

4 Вооз отиде кај градската порта и седна таму. Тогаш наиде откупителот* за кого зборуваше, па му рече: „Пријателе,* дојди ваму и седни“. Човекот дојде и седна. 2 Потоа Вооз повика 10 градски старешини и им рече: „Седнете овде“. И тие седнаа.

3 Тогаш му рече на откупителот: „Ноемина, која се врати од моавската земја, мора да ја продаде нивата што му припаѓаше на нашиот брат Елимелех. 4 Затоа мислев дека треба да ти јавам и да ти предложам да ја купиш во присуство на жителите и старешините на мојот народ. Ако сакаш да ја откупиш, откупи ја. Но, ако не сакаш, кажи ми да знам, бидејќи ти си првиот кој има право на откуп, а по тебе сум јас“. Тој одговори: „Јас ќе ја откупам“. 5 Тогаш Вооз му рече: „Во денот кога ќе ја купиш нивата од Ноемина, ќе ја купиш и од Моавката Рут, жената на починатиот. Така ќе му се зачува името, и тоа парче земја ќе им остане во наследство на неговите потомци“. 6 Тогаш откупителот рече: „Не можам да ја откупам за да не бидам во загуба.* Откупи ја ти со моето право на откуп бидејќи јас нема да можам“.

7 Порано, во Израел, кога стануваше збор за правото на откуп или кога тоа право требаше да се префрли на некој друг, беше обичај секој таков договор да се потврди на следниов начин: едниот мораше да ја собуе сандалата и да му ја даде на другиот. Така се потврдуваа договорите во Израел. 8 Затоа, кога откупителот му рече на Вооз: „Купи ја ти“, ја собу сандалата. 9 Тогаш Вооз им рече на старешините и на сите што беа таму: „Вие сте сведоци денес дека го купувам од Ноемина сето она што им припаѓаше на Елимелех, на Хелеон и на Малон. 10 Исто така, ја земам за жена Моавката Рут, вдовицата на Малон, за да му се зачува името на починатиот, и земјата да им остане во наследство на неговите потомци. Така неговите браќа и жителите на неговиот град* нема да му го заборават името. Вие сте сведоци на ова денес“.

11 Тогаш старешините и сите што беа кај градската порта рекоа: „Сведоци сме! Јехова нека ја благослови жената што ќе дојде во твојот дом. Нека биде како Рахела и како Лија, од кои потекнува израелскиот народ. Биди благословен во Ефрата и стекни си добро име во Витлеем! 12 Преку потомството што Јехова ќе ти го даде од оваа млада жена, твојот дом нека стане како домот на Фарес, кого Тамара му го роди на Јуда“.

13 Така Вооз се ожени со Рут. Тој имаше односи со неа, и Јехова ја благослови, така што таа забремени и роди син. 14 Тогаш жените ѝ рекоа на Ноемина: „Нека е фален Јехова, кој денес не те остави без откупител! А детето нека си стекне славно име во Израел! 15 Тоа ти ја врати радоста во животот и ќе се грижи за тебе кога ќе остариш, бидејќи го роди твојата снаа, која те сака и која ти е подобра од седум синови“. 16 Ноемина го зеде детенцето в раце и се грижеше за него.* 17 Тогаш сосетките му дадоа име. Тие рекоа: „На Ноемина ѝ се роди син!“, и го нарекоа Овид. Тој му е татко на Јесеј, таткото на Давид.

18 Ова е семејната лоза* на Фарес: на Фарес му се роди Есром, 19 на Есром му се роди Арам, на Арам му се роди Аминадав, 20 на Аминадав му се роди Насон, на Насон му се роди Салмон. 21 На Салмон му се роди Вооз, на Вооз му се роди Овид, 22 на Овид му се роди Јесеј, а на Јесеј му се роди Давид.

„Елимелех“ значи „мојот Бог е Цар“.

„Ноемина“ значи „пријатна, мила“.

Името „Малон“ можеби потекнува од еден хебрејски збор што значи „ослабнува; се разболува“.

„Хелеон“ значи „некој што е на умирање“.

Буквално: „леб“.

Буквално: „Раката Јеховина се подигна на мене“.

Буквално: „чувствувам голема горчина“.

Буквално: „каде што ќе ноќеваш ти, таму ќе ноќевам и јас“.

Буквално: „нека ми направи така, и уште нека ми додаде“.

„Ноемина“ значи „пријатна, мила“.

„Мара“ значи „горчина“.

Друго можно значење: „и да собирам класја меѓу сноповите кои ќе останат“.

Или: „натстрешница; сеница“.

Или: „совршена награда“.

Друго можно значење: „од сноповите“.

Една ефа јачмен тежела околу 13 килограми.

Или: „Тој ни е роднина кој има право да нѐ откупи“. Види го поимот „откупител“ во Речникот.

Буквално: „рашири ја наметката над својата слугинка“.

Види го поимот „откупител“ во Речникот.

Ако станувало збор за шест сеи, тоа е околу 25 килограми. Веројатно не би можела да носи повеќе од ова на главата.

Буквално: „Која си“.

Види го поимот „откупител“ во Речникот.

Библискиот писател намерно не го спомнал името на тој човек.

Буквално: „за да не го растурам своето наследство“.

Буквално: „и портата на неговото место“.

Или: „му стана негувателка“.

Буквално: „Ова се поколенијата“.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели