ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • nwt Проповедник 1:1-12:14
  • Проповедник

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Проповедник
  • Свето писмо — превод Нов свет
Свето писмо — превод Нов свет
Проповедник

ПРОПОВЕДНИК

1 Ова се зборови на проповедникот* — синот на Давид — кој владее како цар во Ерусалим.

 2 „Бесмислено!“,* вели проповедникот.

„Колку бесмислено! Сѐ е бесмислено!“

 3 Каква корист има човекот

од сета своја макотрпна работа под сонцето?

 4 Едно поколение заминува, а друго доаѓа,

но земјата останува засекогаш.

 5 Сонцето изгрева, па заоѓа,

и пак брзо се враќа онаму каде што изгрева.

 6 Ветрот дува кон југ, па свртува кон север.

Кружи без престан — одново и одново врти во круг.

 7 Сите реки се влеваат во морето, а морето сепак не се преполнува.

Реките се враќаат во своите врутоци од каде што повторно течат.

 8 Сѐ е толку заморно!

И кој може да го опише сето тоа?

Очите не можат да се нагледаат

и ушите не можат да се наслушаат.

 9 Она што веќе било пак ќе биде,

и она што се правело пак ќе се прави;

нема ништо ново под сонцето.

10 Има ли нешто за кое некој би можел да рече: „Еве, ова е ново“?

Тоа веќе постои одамна;

постоело уште пред да се родиме.

11 Никој не се сеќава на луѓето што живееле во дамнешни времиња.

А никој нема да се сеќава ни на оние што допрва ќе дојдат;

а и тие ќе бидат заборавени од оние што ќе дојдат по нив.

12 Јас, проповедникот, владеам како цар на Израел во Ерусалим. 13 Одлучив да ја употребам својата мудрост за да го проучам и истражам сето она што се прави под небото — целата макотрпна работа што Бог им ја дал на луѓето да ја извршуваат.

14 Го гледав сето она што се прави под сонцето,

и сфатив дека сѐ е бесмислено, сѐ е трчање по ветар!

15 Она што е криво не може да се исправи;

она што го нема не може да се изброи.

16 Тогаш си реков: „Еве, станав многу мудар, помудар од сите што беа пред мене во Ерусалим. Стекнав голема мудрост и знаење во срцето“. 17 Внимателно ја проучував мудроста, но и лудоста и безумноста. На крајот сфатив дека и тоа е трчање по ветар.

18 Бидејќи, колку е поголема мудроста, толку е поголема маката,

и колку е поголемо знаењето, толку е поголема болката.

2 Тогаш си реков: „Ајде да им се препуштам на уживањата,* па да видам дали ќе бидам среќен“. Но ете, и тоа беше бесмислено.

 2 За смеењето го заклучив следново: „Тоа е лудост!“

А за уживањата* реков: „Каква корист има човек од нив?“

3 Решив да испитам дали има нешто добро ако човек ужива во виното, но никогаш не пиев до степен да ми се изгуби мудроста. Дури правев и безумни работи за да дознаам што најмногу ги усреќува луѓето во текот на нивниот краток животен век под небото. 4 Направив големи работи: си изградив дворци* и си засадив лозја. 5 Си направив градини и паркови, и ги засадив со најразлични овошки. 6 Си направив езерца за да ги наводнувам дрвцата во мојата шума. 7 Си доведов слуги и слугинки, а некои слуги се родија во мојот дом. Освен тоа, имав и многу добиток — говеда, овци и кози — повеќе од сите што живееја пред мене во Ерусалим. 8 Си насобрав сребро и злато, богатство од цареви и од големи покраини. Доведов многу пејачи и пејачки, а уживав и во друштвото на жената, да, на многу жени* — нешто што им причинува големо задоволство на синовите човечки. 9 Станав славен и се издигнав повисоко од сите што живееја пред мене во Ерусалим. Сепак, останав мудар.

10 Не си скратував ништо од она што ќе го посакав.* Не се лишував од ниедно задоволство* бидејќи се радував на сето она што го правев, и тоа ми беше награда за сиот мој труд. 11 Но, кога размислив за сето она што го направив со свои раце и за сета моја макотрпна работа, увидов дека сѐ беше бесмислено, сѐ беше трчање по ветар. Ништо од тоа немаше вистинска вредност* под сонцето.

12 Тогаш решив да ги истражам мудроста, лудоста и безумноста. (Впрочем, може ли некој што ќе дојде по царот да направи нешто повеќе? Може да го направи само она што веќе било направено.) 13 И сфатив дека мудроста е подобра од безумноста, како што светлината е подобра од темнината.

14 Мудриот јасно ги гледа работите, а безумниот талка во темнина. Но, сфатив и дека сите ги чека ист крај. 15 Па си реков: „И мене ќе ме снајде истото што ќе го снајде безумниот“. Тогаш, што ми вреди што сум стекнал толкава мудрост? Затоа си реков: „И тоа е бесмислено“. 16 Ниту мудриот ниту безумниот нема да остават траен спомен. Времето ќе ги фрли и двајцата во заборав. А како ќе умре мудриот? Исто како и безумниот.

17 И го замразив ваквиот живот. Заклучив дека сѐ што се прави под сонцето е мачно — дека сѐ е бесмислено, сѐ е трчање по ветар. 18 Ми одмиле сето она за кое толку многу се трудев под сонцето, бидејќи морам да му го оставам на мојот наследник. 19 А кој знае дали ќе биде мудар или глупав? Каков и да е, тој ќе стане господар на сето она што со голем труд и со мудрост го стекнав под сонцето. Сфатив дека и тоа е бесмислено. 20 И паднав во очај поради сето она за кое толку многу се трудев под сонцето. 21 Човек може макотрпно да работи користејќи ги својата мудрост, знаење и умешност, но на крајот мора да му остави сѐ на некој што воопшто не се трудел околу тоа. И ова е бесмислено и многу жалосно.*

22 Што, всушност, добива човекот за сиот свој труд и за силната желба* која го тера напорно да работи под сонцето? 23 Секој ден работата му задава толку многу маки и грижи што ни ноќе не може мирно да спие.* И тоа е бесмислено.

24 За човекот нема ништо подобро отколку да јаде и да пие и да ужива во својот труд.* Сфатив дека и тоа е дар од* вистинскиот Бог. 25 Впрочем, кој има побогата трпеза од мене?*

26 На оној што му е мил, вистинскиот Бог му дава мудрост, знаење и радост. А на грешникот му дава задача да собира за оној што му е мил Нему. И тоа е бесмислено — трчање по ветар.

3 Сѐ си има свое време,

сѐ што се прави под небото си има свое време:

 2 време за раѓање и време за умирање;

време кога се сади и време кога се корне посаденото;

 3 време кога се убива и време кога се лекува;

време кога се урива и време кога се гради;

 4 време за плачење и време за смеење;

време кога се тагува и време кога се танцува;*

 5 време кога се отстрануваат* камења и време кога се собираат камења;

време за прегрнување и време што не е за прегрнување;

 6 време кога се бара нешто и време кога човек се помирува со загубата;

време кога се чува нешто и време кога се фрла;

 7 време кога се кине и време кога се сошива;

време кога се молчи и време кога се зборува;

 8 време кога се сака и време кога се мрази;

време за војна и време за мир.

9 Каква корист има работникот од сиот свој труд? 10 Ја набљудував сета работа која Бог им ја дал на луѓето да ја извршуваат. 11 Тој направил сѐ да е прекрасно* во свое време, а во срцето на човекот дури всадил желба да живее вечно.* Сепак, луѓето никогаш нема да ги сфатат во потполност* делата на вистинскиот Бог.

12 Заклучив дека за нив нема ништо подобро од тоа да се радуваат и да прават добро во животот, 13 и секој да јаде и да пие и да ужива во сиот свој труд.* Тоа е дар од Бог.

14 А сфатив и дека сето она што го прави вистинскиот Бог ќе трае засекогаш. Ништо не може да му се додаде на тоа и ништо не може да му се одземе. Вистинскиот Бог прави сѐ на таков начин за луѓето да имаат стравопочит кон него.

15 Она што се случува сега, веќе се случувало, и она што ќе дојде, веќе било и порано. Но, вистинскиот Бог ќе го оствари* она по кое луѓето трагаат.*

16 Го видов и ова под сонцето: таму каде што треба да има правда и праведност, владее злоба. 17 Тогаш си реков: „Вистинскиот Бог ќе му суди и на праведниот и на злобниот, зашто постои време за секое дело и за секоја постапка“.

18 А заклучив и дека вистинскиот Бог ги испитува луѓето за да им помогне да сфатат дека се како животните: 19 и луѓето имаат крај и животните имаат крај. Всушност, сите имаат ист крај. Како што умираат животните, така умираат и луѓето. Сите имаат иста животна сила.* Човекот не е ништо подобар од животните. Сѐ е бесмислено! 20 Сите одат на исто место. Сите се од прав и се враќаат во прав. 21 И кој може да каже дали животната сила* на луѓето оди нагоре, а животната сила на животните оди долу во земјата? 22 Сфатив дека за човекот нема ништо подобро отколку да ужива во својата работа, зашто тоа му е награда. Бидејќи, кој може да му покаже што ќе биде кога него веќе ќе го нема?

4 Пак почнав да размислувам за сите неправди под сонцето. Ги гледав солзите на оние што трпеа неправда, а немаше кој да им даде утеха. Бидејќи оние што ги угнетуваа имаа моќ, немаше кој да ги утеши. 2 Затоа заклучив дека е подобро човек да е мртов отколку жив. 3 А уште подобро е никогаш да не се ни родил и да не ги видел страдањата под сонцето.

4 И видов колку голем труд вложуваат луѓето и колку вешто си ја вршат работата кога има ривалство меѓу нив. Но и тоа е бесмислено — трчање по ветар.

5 Безумникот седи со скрстени раце и самиот се уништува.*

6 Подобро е малку да се одмориш* отколку да се отепуваш од работа* и да трчаш по ветар.

7 Размислував и за уште една бесмислена работа под сонцето: 8 некој е сам и нема ни пријател, ни син, ни брат, а сепак работи без престан. Неговите очи не можат никогаш да се наситат со богатство. Но, дали некогаш му паѓа на ум да се праша: „За кого се мачам? И заради кого пропуштам да уживам во добрите работи во животот?“* Тоа навистина е бесмислено и жалосно.

9 Подобро им е на двајца отколку на еден бидејќи имаат поголема корист од својот труд.* 10 Ако едниот падне, другиот ќе го подигне. А што ќе се случи со оној што е сам? Кој ќе го подигне кога ќе падне?

11 Освен тоа, ако двајца спијат еден до друг, ќе им биде потопло. А како ќе се стопли човек што е сам? 12 Ако некој е сам, друг може да го совлада. Но, ако се двајца, ќе можат да се одбранат. А трикратно јаже не се кине лесно.*

13 Подобро е сиромашно, но мудро момче, отколку стар и безумен цар, кој повеќе не прифаќа никаков совет. 14 Човекот* излегол од затвор за да стане цар, иако во тоа царство се родил сиромашен. 15 Размислував за она што им се случува на сите живи под сонцето, како и за она што му се случува на младиот цар кој го наследува оној што владеел пред него. 16 Иако во почетокот има безброј приврзаници, подоцна луѓето нема да бидат задоволни од него. Заклучив дека и ова е бесмислено, трчање по ветар.

5 Внимавај што правиш* во домот на вистинскиот Бог. Кога ќе појдеш таму, подобро е да слушаш отколку да принесеш жртва како што принесуваат безумниците, бидејќи тие не сфаќаат дека она што го прават е лошо.

2 Немој да бидеш брз на јазик и не зборувај* непромислено пред вистинскиот Бог, бидејќи вистинскиот Бог е на небото, а ти си на земјата. Затоа, размисли пред да кажеш нешто.* 3 Ако човек се оптоварува со многу работи,* ќе има немирни соништа,* а ако многу зборува, ќе каже нешто непромислено. 4 Кога ќе му ветиш нешто на Бог, исполни го без да одложуваш, бидејќи нему безумните не му се мили. Исполни го она што си го ветил. 5 Подобро е воопшто да не ветуваш отколку да ветиш нешто, а да не го исполниш. 6 Не дозволувај твојата уста да те наведе на грев, и не вели пред ангелот* дека тоа што си го ветил било грешка. Зошто да го разгневиш вистинскиот Бог со своите зборови, па да го уништи она што си го постигнал со своите раце? 7 Како што зафатеноста со многу работи води* до немирни соништа,* така и многуте зборови водат до бесмисленост. Наместо тоа, имај стравопочит кон вистинскиот Бог.

8 Немој да се чудиш ако во твојата земја видиш како некој што е на власт ги угнетува сиромасите и ги гази законот и правдата. Таквиот човек го набљудува некој друг, кој има поголема власт од него. А и над двајцата има некои што се на уште повисока положба.

9 Сите тие луѓе имаат корист од земјата. Дури и царот зависи од она што ќе се роди на нивите.

10 Оној што ги сака парите нема никогаш да се насити со пари, и оној што го сака богатството нема никогаш да се насити со добивка. И тоа е бесмислено.

11 Каде што расте нечие богатство, расте и бројот на оние што го трошат. И каква корист има од него сопственикот? Зар само да го гледа?

12 Сладок му е сонот на оној што служи, сеедно дали јаде малку или многу. Но, оној што има богатство не може око да склопи.

13 Видов нешто многу жалосно* под сонцето: човек кој си трупа богатство на сопствена штета. 14 Кога работата му тргнува наопаку, неговото богатство пропаѓа, и тој нема што да му остави во наследство на својот син.

15 Како што човек доаѓа на свет гол,* така и си заминува. Со себе не може да понесе ништо од она за кое цел живот макотрпно работел.

16 Ова навистина е многу жалосно:* човек ќе си замине токму така како што дошол. И каква корист има што цел живот залудно се трудел? 17 Згора на тоа, ни јадењето не му е слатко.* Цел живот се мачи, се јадосува и се разболува.

18 Увидов дека е добро и убаво човек да јаде, да пие и да ужива во сета работа која вредно ја врши под сонцето во текот на краткиот живот што му го дал вистинскиот Бог, бидејќи тоа му е награда. 19 Освен тоа, човекот кому вистинскиот Бог му подарил богатство и имот, и му дал можност да ужива во нив, треба да си ја земе наградата и да ужива во сиот свој труд. Тоа е дар Божји. 20 Таквиот нема ни да забележи како му минуваат деновите,* бидејќи вистинскиот Бог постојано му го исполнува срцето со радост.

6 Видов уште една жална работа* под сонцето која често се случува меѓу луѓето: 2 некому вистинскиот Бог му дава богатство, имот, чест и сѐ што ќе му посака душата, но не му дава можност да ужива во она што го има, туку дозволува некој друг да се насладува на тоа. Колку бесмислено и жалосно! 3 Ако човек има и 100 деца, и ако поживее многу години и дочека длабока старост, но не се наужива на животот пред да биде положен во гробот, тогаш велам дека му е подобро на мртвороденчето отколку нему. 4 Тоа залудно дошло на свет и веднаш заминало во темнина, а неговото име го покрил мрак.* 5 Иако не го видело сонцето и ништо не знаело, подобро му е отколку на* оној што поживеал многу години. 6 Каква корист има човек ако живее дури и двапати по 1.000 години, а воопшто не ужива во животот? Зарем не заминуваат сите на исто место?

7 Човек напорно работи само за да се насити; сепак, неговите желби немаат крај. 8 Тогаш, во што е мудриот подобар од безумниот? И каква корист има сиромашниот од тоа што знае како да опстане?* 9 Подобро е да уживаш во она што го гледаш отколку да копнееш по нешто што не можеш да го имаш, бидејќи и тоа е бесмислено и трчање по ветар.

10 Сѐ што постои, веќе си има свое име. Освен тоа, се знае што е човекот. Тој не може да се правда пред* оној што е помоќен од него. 11 Колку повеќе зборови, толку повеќе бесмисленост.* И каква корист има човек од нив? 12 Кој знае што е најдобро човек да прави во текот на својот краток и бесмислен живот, кој исчезнува како сенка? И кој ќе му каже што ќе се случува под сонцето кога него веќе ќе го нема?

7 Доброто име е повредно од скапоцено масло, и денот кога човек ќе умре е подобар од денот кога се родил. 2 Подобро е да одиш во куќа каде што тагуваат по мртовец отколку во куќа каде што се веселат,* бидејќи таков крај ги чека сите луѓе. Живите треба да извлечат поука од тоа. 3 Жалоста е подобра од смеата, зашто кога некој тагува, тоа му помага да стане подобар човек.* 4 Мудриот длабоко размислува за животот и смртта,* а безумниот мисли само на разонода.*

5 Подобро е да го слушаш укорот на мудриот отколку пофалбите* на безумните. 6 Нивното смеење е како потпукнувањето на трњето под котелот. И тоа е бесмислено. 7 Угнетувањето може да го наведе мудриот да постапува лудо,* а митото го расипува срцето.

8 Крајот на една работа е подобар од нејзиниот почеток. Подобро е да бидеш стрплив отколку вообразен. 9 Немој лесно да се навредуваш бидејќи оние што брзо се лутат се безумни.*

10 Не прашувај: „Зошто поранешните времиња беа подобри од сегашниве?“ Не е мудро да поставуваш такво прашање.

11 Добро е кога оној што има мудрост ќе добие и наследство. Мудроста му користи на секој жив човек.* 12 И мудроста и парите служат како заштита. Но, предноста на знаењето и на мудроста е во тоа што им го чуваат животот на оние што ги поседуваат.

13 Размисли за делата на вистинскиот Бог. Кој може да го исправи она што тој го искривил? 14 Во добри времиња покажувај добрина, а во време на неволја размислувај за тоа дека вистинскиот Бог дозволува да имаш и добри и лоши денови. Така, луѓето не можат со сигурност да знаат* што им носи иднината.

15 Се изнагледав сѐ и сешто во овој минлив* живот — видов како праведник пропаѓа, иако е праведен, и како лош човек живее долго, иако е злобен.

16 Немој да бидеш преправеден и не прави се премногу мудар. Зошто да се упропастиш самиот себе? 17 Немој да бидеш премногу злобен и немој да бидеш безумен. Зошто да умреш предвреме? 18 Добро е да го земеш присрце и едното и другото предупредување. Оној што има стравопочит кон Бог ќе ги послуша и двете.

19 Поради својата мудрост, мудриот човек е помоќен од 10 воини што чуваат некој град. 20 На земјата нема праведник што секогаш постапува добро и никогаш не греши.

21 Не обрнувај внимание на сѐ што зборуваат луѓето за да не дознаеш дека и твојот слуга те колнел.* 22 Добро знаеш дека и самиот многупати си ги колнел другите.

23 Сето ова го испитав со мудроста што ја имав, и си реков: „Ќе станам уште помудар“. Но, не успеав во тоа. 24 Она што се случува е несфатливо и многу длабоко. Кој може да го разбере? 25 Тогаш го насочив вниманието на други работи со надеж дека тие ќе ми помогнат да ја откријам мудроста. Одлучив да истражувам за да сфатам зошто работите се такви какви што се и за да ги разберам злобата на безумните и глупавоста на лудите. 26 И открив дека поголемо зло од смртта е жена која е како ловечка стапица,* чие срце е како рибарска мрежа и чии раце се како окови. Оној што ја врши волјата на вистинскиот Бог нема да ѝ падне в раце, но грешникот ќе се фати во нејзината замка.

27 „Еве што сфатив“, вели проповедникот.* „Ги истражував работите една по една за да дојдам до заклучок. 28 Но, не го најдов она што непрестајно го барав. Во 1.000 луѓе можев да најдам еден чесен човек, но чесна жена не можев да најдам. 29 Само ова го сфатив: вистинскиот Бог ги создал луѓето чесни, но тие се поведуваат по своите сопствени замисли.“

8 Кој може да се мери со мудриот човек? Кој го знае решението на проблемите?* Мудроста му го разведрува лицето на човекот и му го ублажува строгиот израз на лицето.

2 Еве што советувам: „Слушај ги царските заповеди бидејќи се заколна пред Бог дека ќе го правиш тоа. 3 Не брзај да си заминеш откај царот и немој да се вплеткаш во нешто лошо, бидејќи тој може да направи што сака. 4 Зборот на царот е последен, и никој не смее да му рече: ’Што правиш?‘“

5 Оној што ја извршува заповедта нема да го снајде неволја. Мудриот човек ќе знае кога треба да направи нешто и како да го направи тоа. 6 Иако луѓето се погодени од многу неволји, има и време и начин за да се реши секоја работа. 7 Никој не знае што ќе се случи во иднина, а камоли како ќе се случи тоа.

8 Како што ниту еден човек не може да ја задржи животната сила,* така и никој нема власт над смртниот час. Како што никој не отпушта војник за време на војна, така ни злобата нема да ги пушти злосторниците да се извлечат без последици.*

9 Го видов сето ова и внимателно размислував за сите работи што се прават под сонцето. За сето тоа време, човек владее над човек на негова штета. 10 Видов како ги погребуваат злобните, кои порано доаѓаа на светото место и заминуваа од таму. А споменот за нив брзо беше избришан во градот каде што правеа зло. И тоа е бесмислено.

11 Кога гледаат дека казната за некоја лоша постапка не се извршува веднаш, луѓето се осмелуваат да прават зло. 12 Иако некој грешник може стопати да направи зло и да живее долго, јас знам дека ќе им биде добро на оние што длабоко го почитуваат вистинскиот Бог, бидејќи имаат стравопочит кон него. 13 Но, злобниот нема добро да си помине. Затоа што нема стравопочит кон Бог, тој нема да си го продолжи животот, кој исчезнува како сенка.

14 На земјата се случува уште нешто бесмислено:* има праведници со кои се постапува како да се злосторници и има злобни со кои се постапува како да се праведници. Велам дека и тоа е бесмислено.

15 Затоа сметам дека човек треба да ужива во животот. За него нема ништо подобро под сонцето отколку да јаде, да пие и да се весели додека трудољубиво работи во сите денови од својот живот, кој вистинскиот Бог му го дал под сонцето.

16 Се потрудив да стекнам мудрост за да го разберам сето она што луѓето го прават на земјата, и притоа не склопував очи ни дење ни ноќе.* 17 А размислував и за сето она што го прави вистинскиот Бог. На крајот заклучив дека луѓето не можат да го сфатат она што се случува под сонцето. Колку и да се трудат, не можат да разберат. Дури и да тврдат дека се доволно мудри и дека го знаат сето тоа, тие не можат во потполност да ги сфатат работите.

9 Размислував за сето ова и заклучив дека праведните и мудрите, како и нивните дела, се во рацете на вистинскиот Бог. Луѓето не се свесни ниту за љубовта ниту за омразата што ја покажувале оние кои живееле пред нив. 2 Сите ги чека сосем ист крај — и праведните и злобните, и оние што се добри и чисти и оние што се нечисти, и оние што принесуваат жртви и оние што не принесуваат. Истото им се случува и на добриот човек и на грешникот; на оној што лесно дава заклетва, како и на оној што размислува пред* да го стори тоа. 3 Жалосно е ова што се случува под сонцето: бидејќи крајот е ист за сите, срцето на луѓето е полно со зло и со безумство додека се живи, а потоа умираат.

4 За секој жив човек има надеж, бидејќи подобро е живо куче отколку мртов лав. 5 Живите знаат* дека ќе умрат. А мртвите не се свесни за ништо и веќе не добиваат никаква награда,* туку паѓаат во заборав. 6 Освен тоа, нивната љубов, нивната омраза и нивната љубомора исчезнале, и тие повеќе немаат никаков удел во она што се случува под сонцето.

7 Затоа, јади и пиј вино со радосно и весело срце, бидејќи вистинскиот Бог е задоволен од она што го правиш. 8 Секогаш носи бела облека* и ставај си масло на главата. 9 Уживај со својата сакана жена во текот на краткотрајниот* живот што ти го дал Бог под сонцето, во деновите што брзо летаат,* бидејќи тоа ти е награда во животот, награда за сиот твој труд под сонцето. 10 Сѐ што можеш да правиш, прави го со сета своја сила, бидејќи нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост во гробот* каде што ќе отидеш.

11 Размислував за она што се случува под сонцето и увидов дека брзите не победуваат секогаш во трката ниту силните во битката, дека мудрите немаат секогаш храна ниту разумните богатство и дека не успеваат секогаш оние што имаат знаење, бидејќи секого од нив може ненадејно да го снајде нешто непредвидено.* 12 Човек не знае кога ќе му дојде часот. Како што рибите се ловат во смртна мрежа и како што птиците се фаќаат во стапица, така и луѓето паѓаат во замка кога ненадејно ќе ги снајде неволја.

13 Додека гледав што сѐ се случува под сонцето, го видов и овој пример за мудрост, кој ми остави силен впечаток: 14 Едно гратче кое имаше малку жители беше нападнато од еден моќен цар, кој го опколи и подигна голем опсаден насип. 15 Таму живееше и еден сиромашен, но мудар човек, кој го спаси градот со својата мудрост. Сепак, подоцна сите го заборавија овој сиромав. 16 Тогаш си реков: „Мудроста вреди повеќе од силата; но мудроста на сиромавиот се потценува,* и никој не ги слуша неговите зборови“.

17 Подобро е да се послушаат зборовите кои смирено ги изговараат мудрите луѓе отколку зборовите кои на сет глас ги извикува оној што владее над безумници.

18 Мудроста вреди повеќе од воено оружје, но еден единствен грешник може да направи голема штета.*

10 Како што мртви муви го усмрдуваат и расипуваат мирисливото масло, така и мала глупост му го расипува угледот на мудриот и почитуван човек.

2 Срцето го води мудриот по исправниот пат, но глупавиот го води по погрешниот пат. 3 Со секоја своја постапка, безумниот открива дека нема здрав разум* и им покажува на сите колку е безумен.

4 Ако владетелот се разгневи на тебе,* не напуштај го своето место бидејќи смиреноста покрива големи гревови.

5 Видов нешто жалосно под сонцето, грешка што ја прават оние кои се на власт: 6 ги поставуваат глупавите на високи положби, а способните* остануваат на ниски положби.

7 Сум видел слуги што јаваат на коњи, а кнезови што одат пеш исто како да се слуги.

8 Оној што копа јама може да падне во неа; оној што урива каменен ѕид може да го касне змија.

9 Оној што вади камења во каменолом може да се повреди и оној што цепи дрва може да настрада.*

10 Ако железната алатка е затапена и ако сечилото не ѝ е наострено, човек ќе мора повеќе да се напрега. Но, мудроста ќе му помогне успешно да си ја заврши работата.

11 Ако змијата касне пред да биде скротена, нема никаква корист од вештиот скротител.*

12 Кога мудриот зборува, им станува мил на другите. А глупавиот се упропастува со сопствените зборови. 13 Штом ќе отвори уста, почнува да кажува глупости, и на крајот завршува со безумни зборови кои го водат во пропаст. 14 И покрај тоа, глупавиот не престанува да зборува.

Нема човек кој знае што му носи иднината. Кој може да му каже што ќе биде кога него ќе го нема?

15 Колку напорно и да работи, безумникот само ќе се измори, бидејќи ни патот до градот не знае да си го најде.

16 Тешко на земјата чиј цар е дете и чии кнезови одат по гозби уште од рани зори! 17 Блазе си ѝ на земјата со која владее цар од благородничко потекло и чии кнезови јадат и пијат кога е време за тоа, со цел да им се врати силата, а не за да се опијат.

18 Од голема мрзливост попушта таванот и од немарност* прокапува покривот.

19 Храната* го радува човекот и виното му го развеселува животот, но за сѐ се потребни пари.

20 Не проколнувај го царот ни во мислите,* не колни го богатиот ни во собата во која спиеш, бидејќи птица може да однесе глас* и да го повтори она што си го кажал.

11 Фрли го својот леб да плови по водата, и по многу денови пак ќе го најдеш. 2 Подели го она што го имаш со седуммина, па дури и со осуммина, бидејќи не знаеш каква неволја ќе ја снајде земјата.

3 Ако облаците се полни со вода, ќе истури дожд на земјата. Ако некое дрво падне, било кон југ било кон север, ќе остане таму каде што паднало.

4 Оној што гледа дали дува ветар, никогаш нема да сее, и оној што гледа дали има облаци, никогаш нема да жнее.

5 Исто како што не знаеш како дејствува духот* во коските на бебето во утробата на бремената жена, така не ги разбираш ни постапките на вистинскиот Бог, кој прави сѐ.

6 Сеј го своето семе од утро до мрак,* бидејќи не знаеш дали ќе роди она што си го посеал в зори или она што си го посеал навечер. А можеби и едното и другото семе ќе дадат род.

7 Светлината е пријатна за очите, и убаво е кога човек гледа сончева светлина. 8 Колку долго и да живее, нека му се радува на секој ден. Но, не смее да заборави дека ќе дојдат и црни денови, кои може да ги има многу! Секој таков ден е бесмислен.

9 Момче, радувај се додека си младо и весели се во деновите на својата младост. Оди каде што те влече срцето и каде што те водат очите. Но, знај дека вистинскиот Бог ќе побара од тебе да му положиш сметка за сѐ.* 10 Затоа, чувај си го срцето од она што може да ти нанесе болка и чувај си го телото од она што може да ти наштети, бидејќи младоста и најубавите години од животот брзо ќе летнат.*

12 Размислувај за* својот Величествен Творец уште додека си млад, пред да дојдат тешките денови и пред да притиснат годините за кои ќе речеш: „Не ми се мили“; 2 пред да се помрачи светлината на сонцето, на месечината и на ѕвездите, и пред повторно да надојдат облаци по дождот;* 3 кога ќе почнат да се тресат* чуварите на куќата и кога ќе се свиткаат јунаците, кога ќе се проретчат мелничарките и ќе престанат да мелат, и кога ќе им се стемни на оние* што гледаат низ прозорците; 4 кога ќе се затвори портата кон улицата и ќе замре шумот на мелницата, кога човек ќе почне да се буди штом ќе запеат птиците и кога ќе стивнат сите звуци* на песната; 5 кога ќе почне да се плаши од височина и ќе има страв да оди по улица; кога бадемот ќе расцути, кога скакулецот ќе почне да се влече и кога бобинките* ќе прснат, бидејќи човекот оди кон својот дом во кој долго ќе почива, а луѓето што го оплакуваат веќе се на улица; 6 пред да се скине сребреното јаже и да се скрши златниот сад, пред да се распарчи стомната кај изворот и да се разбие тркалото на бунарот. 7 Тогаш човекот се враќа во правот од кој бил земен, а животната сила* се враќа кај вистинскиот Бог, кој му ја дал.

8 „Колку бесмислено!“,* вели проповедникот.* „Сѐ е бесмислено!“

9 Освен што самиот стекна мудрост, проповедникот постојано го поучуваше народот за она што го знаеше. Тој длабоко размислуваше и темелно истражуваше за да состави збирка од многу изреки. 10 Проповедникот се трудеше да пронајде пријатни зборови и да го напише она што е веродостојно и вистинито.

11 Зборовите на мудрите се како остени,* а нивните изреки се како забиени клинци. Тие зборови се од еден пастир. 12 А во врска со сите други записи, сине мој, биди претпазлив, бидејќи секогаш ќе се пишуваат книги, и ако некој премногу чита, ќе се исцрпи.

13 Кој е заклучокот од сето ова? Имај стравопочит кон вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди, бидејќи тоа е сѐ што се бара од човекот, 14 и бидејќи вистинскиот Бог ќе им суди на луѓето за сѐ што прават — дури и за она што е скриено — и ќе одреди дали е добро или лошо.

Или: „оној што го собира народот; оној што го поучува народот“.

Или: „Суета; Залудно; Бескорисно“.

Или: „веселбата“.

Или: „веселбата“.

Буквално: „куќи“.

Или: „на угледна жена, да, на многу угледни жени“.

Буквално: „ќе го посакаа моите очи“.

Или: „ниедна веселба“.

Или: „Од сето тоа немаше никаква корист“.

Или: „голема несреќа“.

Буквално: „стремежите на своето срце“.

Или: „ни ноќе неговото срце нема мир“:

Или: „во плодовите од својот труд“.

Буквално: „тоа е од раката на“.

Буквално: „кој јаде и пие подобро од мене“.

Или: „игра; потскокнува“.

Или: „фрлаат“.

Или: „добро организирано; исправно; како што треба“.

Буквално: „дури ја ставил вечноста“.

Буквално: „од почетокот до крајот“.

Или: „во плодовите од сиот свој труд“.

Или: „вистинскиот Бог го бара“.

Друго можно значење: „она што поминало“.

Или: „ист дух“.

Или: „духот“.

Или: „и неговото тело полека пропаѓа“.

Буквално: „грст одмор“.

Буквално: „два грста напорна работа“.

Буквално: „во она што е добро“.

Или: „имаат голема награда за својот труд“.

Или: „не може брзо да се скине“.

Можеби се мисли на мудрото момче.

Или: „Внимавај на своите чекори кога одиш“.

Или: „твоето срце нека не зборува“.

Буквално: „твоите зборови нека бидат малубројни“.

Или: „многу грижи“.

Или: „би можел да се препушти на своето мечтаење“.

Или: „гласникот“.

Или: „Како што многуте грижи водат“.

Или: „до мечтаење“.

Или: „едно големо зло“.

Или: „излегува гол од мајчината утроба“.

Или: „големо зло“.

Или: „сите денови му се мрачни“. Буквално: „сите денови јаде во темнина“.

Или: „да размислува како му поминале деновите во животот“.

Или: „едно зло“.

Или: „и останало без име“.

Буквално: „поспокојно е од“.

Или: „да се снаоѓа во животот“.

Или: „да се препира со“.

Друго можно значење: „Колку се побројни нештата, толку е поголема бесмисленоста“.

Или: „гоштаваат“.

Буквално: „од загрижено лице срцето станува подобро“.

Буквално: „Срцето на мудриот е во куќата каде што се тагува“.

Буквално: „срцето на безумниот е во куќата каде што има веселба“.

Буквално: „песната“.

Или: „да го излуди мудриот“.

Или: „навредливоста е одлика на безумните“.

Буквално: „им користи на оние што го гледаат сонцето“.

Или: „не можат да откријат“.

Или: „бесмислен“.

Или: „зборувал лошо за тебе“.

Или: „ловечка мрежа“.

Или: „оној што го собира народот; оној што го поучува народот“.

Или: „Кој знае да ги толкува работите?“

Или: „да го задржи духот; здивот; ветрот“.

Друго можно значење: „така ни злосторниците нема да ги спаси нивната злоба“.

Или: „жалосно; обесхрабрувачко“.

Друго можно значење: „поради кое не можат да склопат око ни дење ни ноќе“.

Буквално: „оној што се плаши“.

Или: „се свесни“.

Или: „плата“.

Односно, облека со светли бои која укажува на весело расположение, а не облека каква што носат ужалените.

Или: „минливиот; суетниот“.

Или: „во сите твои суетни дни“.

Буквално: „шеолот“. Види го поимот „гроб“ во Речникот.

Или: „времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого од нив“.

Или: „се презира“.

Или: „може да упропасти многу добра“.

Буквално: „му недостига срце“.

Или: „Ако духот на владетелот се подигне против тебе“.

Буквално: „богатите“.

Друго можно значење: „треба да биде внимателен“.

Буквално: „од оној што го владее јазикот“.

Или: „немарни раце“.

Буквално: „Лебот“.

Друго можно значење: „на својата постела“.

Или: „порака“.

Овој збор може да се однесува на животната сила, или пак на Божјиот дух.

Буквално: „Сеј го своето семе наутро и нека не ти почива раката до вечерта“.

Или: „дека ќе одговараш за сѐ што правиш пред вистинскиот Бог“.

Или: „се минливи; се суетни“.

Буквално: „Сеќавај се на“.

Друго можно значење: „пред да надојдат облаци кои леат поројни дождови“.

Или: „да треперат“.

Или: „жените“.

Буквално: „ќерки“.

Станува збор за еден посебен вид бобинки кои се користеле за зголемување на апетитот.

Буквално: „духот“.

Или: „Суета над суетите!“

Или: „оној што го собира народот; оној што го поучува народот“.

Види го поимот „остен“ во Речникот.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели