Од хипи автостопер до јужноамерикански мисионер
ВО 1974, стопирав за Бирмингем (Англија) заедно со мојата девојка која беше Французинка. Покрај нас поминаа двајца Јеховини сведоци кои се враќаа од работа. Едниот од нив, Џон Хајат, нѐ погледнал и зачудено извикал обраќајќи му се на својот пријател: „Како таквите луѓе ја дознаваат вистината за Бог?“ Се разбира, не го знаев тоа до по едно извесно време. Без оглед на тоа, не ни застанаа; а и вие не би застанале. Изгледав како еден типичен хипик.
Но дозволете да почнам од почетокот. Роден сум во Ричмонд (Вирџинија, САД) во 1948. Првото нешто на што се сеќавам е дека имав пет години и не можев да одам. Имав детска парализа. Мајка ми ме капеше на носилка во кадата. За среќа, после четири-пет недели, со помош на родителите и лекарите, оздравев и повторно можев да одам.
Семејството беше типично јужњачко — конзервативно, јужно баптистичко. Родителите бараа од нас децата — двајца браќа, сестра ми и јас — да одиме в црква до 18-та година, но потоа ја напуштивме. Се крстив на седум години, за време на една евангелизаторска кампања на Били Греам. Сериозно го сфаќав моето крштевање и не го направив тоа во емоционална избезуменост. Добро се сеќавам дека својот живот му го посветив на Бог, иако не знаев вистински кој е тој.
Нашите родители нѐ научија да бидеме морални, да го почитуваме авторитетот и Библијата. Тие рани идеи влијаеја врз одлуките што ги донесував во текот на целиот мој живот. До ден-денеска, јас сум благодарен за таа родителска поука.
Се сеќавам дека во шесто одделение, размислував за светската ситуација и си мислев: ‚Ова не може вака да продолжи‘. Уште тогаш мислев дека политичките системи нема долго да траат.
Во моите тинејџерски години, добив сколиоза, абнормално искривување на ’рбетот, најверојатно добиена од поранешното полио. Служев како заморче кога лекарите ми ствија од колковите до вратот рисер гипс, џакет кој служеше како оклоп.
Тоа не беше имиџот што јас би го одбрал. Изгледав како статуа која оди. Другите деца на школо беа љубезни, но лекцијата што ја научив додека ја носев направата во средно школо беше: Прифати го она што не можеш да го промениш.
Од мене се очекуваше да одам на колеџ и затоа отидов. Бев во генерацијата од 1970. Во 1960-тите хипи-движењето беше во полн замав, а неморалот и дрогата беа на дневен ред. Додека студирав, истовремено и работев за да се издржувам сам, а мојата канцелариска работа бараше да бидам кратко потшишан и во костим. Но слободниот дух и нонкомформизмот на пријателите ме привлекуваше. Ним како и мене им се повраќаше од системот. Под матурската мантија носев фармерки.
Испадна дека образованието не ми причинува задоволство. Додека го набљудував чичко ми кој беше богат, се уверив дека одговорот не се наоѓа во парите. Не беше ништо посреќен од сиромашните луѓе. Во што беше поентата? Го напуштив факултетот, ја пуштив косата да ми расте и тргнав во потрага по вистинската смисла на животот.
Патував низ Европа користејќи Еуреил карта и палецот. Целта ми беше да патувам по светот со стопирање. Можеби некаде ќе ги најдев одговорите. Во ранецот носев два пара фармерки, три кошули и една Библија.
Седев по барови, пиев пиво, ја читав Библијата и им поставував прашања на оние околу мене, така што добивав најразлични одговори. Бев во потрага, тапкав, барав — но што? Не бев сигурен.
Во Лондон ме заинтересираа „Божјите деца“. Но како сите млади хипици, така и целата нивна порака беше детинска — недискриминаторска љубов. Немаше тука никакви одговори за мене.
При една посета на една многу убава англиканска црква, поранешна католичка катедрала, бев исполнет со стравопочитување. Го прашав свештеникот кој ја водеше групата, зошто станал свештеник. Ја крена раката и почна да ги трие прстите и палецот во знак на некој кој држи пари! Бев очаен. Какво лицемерство! Ми зовре, си ја собрав сета верска литература и ја изгорев.
Во септември 1973 повторно се најдов на пат и стопирав за Ливерпул за да ги видам Битлсите и да ја слушнам нивната музика. Гордон Марлер ме зеде со колата. Тема на нашиот разговор беше Библијата бидејќи и обајцата ја читавме и така си разменивме познати библиски стихови.
На тој начин, Гордон ми стана врска за „вистината“. Одржувавме контакт преку писма и, во пролета 1974, ми напиша дека ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Никако не реагирав на името Јеховини сведоци бидејќи во Ричмонд никогаш порано не сум разговарал со нив. После неколку месеци пристигна писмо со покана: „Дојди кај мене на библиска студија“. Ми рече дека неговата студија била во среда навечер. И така, во среда сабајле повторно стопирав. Благодарение на присуството на мојата девојка Французинка добив превоз.
Заедно со Гордон отидовме на неговата библиска студија. Излезе дека домаќинот е Џон Хајат, оној кој порано поминал покрај нас и се чудел: ‚Како таквите луѓе ја дознаваат вистината за Бог?‘ Кога се запознавме, тој извика: „Еј, двојката хипици од патот, Јенките!“
И така започна. Имав многу прашања бидејќи ја читав Библијата. Немаше време за одговори затоа што големиот конгрес на Јеховините сведоци требаше да започне рано следното утро. Џон ми даде една книга, Вистина која води до вечен живот и ми рече да си изберам некое поглавје, да ги донесам сите мои прашања и да дојдам следната среда. Ме покани на конгрес во неделата. Ме импресионираа чистите, љубезни луѓе. Мојата девојка не беше заинтересирана. Кога ѝ реков дека го сакам Бог повеќе од неа, таа си замина.
Во средата, пак бев во куќата на Џон и го избрав поглавјето за Исус Христос. Имав конкретни прашања за сексуалното однесување и за Данииловото пророштво за 70-те годишни седмици. Џон беше полновремен евангелизатор кој добро ја познаваше Библијата. Ми кажа дека библиското гледиште е дека сексуалните односи се ограничени на брачните двојки, а исто така ми ги разјасни 70-те седмици од Даниил. Сите необјаснети детали од моето читање на Библијата беа на исправен начин објаснети. Во два часот сабајлето, си реков: „Ова е вистината“. Имав намера да спијам во паркот како што често го правев тоа во минатото, но Џон рече не, и ме натера да спијам на подот од дневната соба.
Среќа што испадна така бидејќи истата ноќ една банда пијани скинхедси дигнаа немир во лифтот. Со мојата појава сигурно ќе бев мета на насилство.
Како што студијата напредуваше, сфатив дека сум бил во право како дете. Системот не може да продолжи. Оди кон заборав. Самиот Бог ќе ги среди работите со посредство на неговата влада, Царството за кое се молев, но никогаш не го разбирав (Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10). Мојата одвратност поради лицемерството беше потврдена. Ниту на Исус не му се допаѓала (Матеј, 23. поглавје). Го барав Бог, а тој дозволи да го пронајдам (Дела 17:27).
За оваа вистина му зборував на секого што ќе го сретнев. Сакав веднаш да си одам дома и да го споделам спознанието со моето семејство. Кога се вратив во Ричмонд, го сторив токму тоа.
Се јавив во Салата на Царството. Брат Херберт Ловасер се јави на телефон. Работеше на новата сала која ја подготвуваа за нејзиното свечено отворање. Му кажав дека сакам библиска студија. Ми кажа за еден голем состанок следниот ден на кој целиот град бил поканет да чуе едно библиско предавање. Отидов и јас.
Се разликував од сите присутни, а мојата појава навестуваше дека бев гостин. Еден пионер самец по име Мајк Боулс, се претстави и ме покани да седнам до него во првиот ред. После тоа, сите се прашувале: „Која беше таа девојка со прекрасната долга коса која седеше до Мајк Боулс?“ Тоа бев јас!
После третиот пат откако почнавме да проучуваме, се потстрижав и го променив начинот на облекување. Мојата надворешност почна да се совпаѓа со мојата внатрешност. Се запишав во Теократската школа на проповедање во октомври, а во ноември почнав да одам во јавната служба на проповедање. Набргу водев библиски студии со други. Во март 1975, повторно се крстив, овој пат во знак на мојата предаденост на Јехова, Богот кого најпосле го запознав.
Започнав со полновремената служба, како оние кои мене многу ми помогнаа. Бетелот во Бруклин, светското седиште на Јеховините сведоци, ми стана дом во мај 1976. Имав две работи — работев во еден лифт и разнесував пошта. Обете ми ја овозможуваа предноста секојдневно да разговарам со духовно настроени браќа.
После две години, се вратив дома во Вирџинија и некое време бев полновремен проповедник. Со текот на времето, станав старешина во собранието. Работата ми причинуваше задоволство, но во себе имав некакво неугодно чувство. Постојано си мислев: ‚Мора да постои нешто повеќе што би можел да сторам во Божјата служба‘. Мисионерска служба? Дали тоа е тоа? Се пријавив за библиската школа Гилеад на Watchtower и бев повикан за мисионерско оспособување во класот од зимата 1983.
Пред да дипломирам, беше најавена мојата мисионерска доделба: Колумбија (Јужна Америка). Повторно бев на пат, но овој пат не со стопирање.
Првата станица ми беше канцеларијата на подружницата на Watch Tower во Санта Фе де Богота, каде што три месеци интензивно учев шпански. Потоа добив доделба во мисионерскиот дом во Меделин, каде што се учеше шпанскиот јазик четири часа дневно, шест дена во седмицата.
Сведочењето на нов јазик имаше и свои интересни моменти. Уште во почетокот, тропав на една врата сам додека една сестра која зборуваше шпански беше во близина да ме слуша. Ги понудив нашите христијански списанија на една жена за 30 пезоса. Жената изгледаше налутена и ја затвори вратата! Кога се вратив кај сестрата, добив објаснување. „Внимавај на изговорот“, ми рече таа. „Ти рече безос, а не пезос“. На жената сум ѝ побарал 30 бакнежи!
Колумбија е прекрасна земја. Луѓето се доста атрактивни. Тие се срдечни и поприродни во однос на луѓето од поиндустријализираните општества. Затоа, начинот на кој се поучува за Библијата е поинаков. На приказни, споредби и искуства од стварниот живот Колумбијците реагираат без комплицирани детали. Тие повеќе се прилагодени на стварниот живот. Овде луѓето живеат блиску едни до други. Многу се емоцтивни и пристапливи. Моите слушатели се слични на слушателите на кои им зборувал Исус, луѓе од земјата; тоа ме тера да се трудам тесно да го имитирам Исус во поучувањето. Луѓето ме потсетуваат на Ефесјаните 3:19, каде што Павле зборувал за „Христовата љубов, што го надминува секое знаење“.
Во 1989, добив нова доделба, покраински надгледник. Тоа значи дека секоја седмица патувам до различни собранија на Јеховините сведоци, ноќевам кај нив и со нив одам од врата до врата во потрагата по оние кои сакаат да го запознаат Бог. Држам говори во Салата на Царството и ги придружувам месните браќа и сестри на нивните библиски студии.
Јехова и понатаму ме кара и прочистува на многу начини. Се сеќавам посебно на еден настан. Москера, надвор од Богота, беше собранието каде што служев. И како и обично, браќата организираа да престојувам кај едно семејство — една сестра чиј сопруг е неверник, со две деца.
Пристигнав и наидов на еднособна куќа со некаков стеснет дел, во кој се наоѓаа креветчиња на спрат и само со една завеса тој беше одвоен од другиот дел на куќата. Таму бев упатен и бидејќи ми беше речено да си изберам кревет, јас го одбрав долниот. Тоа беше во вторник. Додека лежев и ја читав Библијата околу 21.30 часот, двете деца влегоа и, трас-трес, се најдоа во горното креветче.
Почнаа да ми надоаѓаат мисли низ главата. ‚О, не! Ми треба поголема приватност од ова. Што барам јас овде — човек кој навикнал да си има своја соба (или барем сопствен простор во паркот)?‘ Одлучив да барам друго сместување за следната посета и си легнав. Секоја вечер се случуваше истото. Но во четврток, додека си читав, од горното креветче се појави едно главче. Тоа беше Андрес, кој имаше девет години. „Брат Флит“, ме праша, „спиеш ли?“ Кратко одговорив, не. Уште едно прашање. „Брат Флит, дали веќе се помоли?“ Повторно, не.
Потоа Андрес праша: „Кога ќе се молиш, можам ли да слезам долу и за мене да се молиш?“ Тоа ме трогна. Ставот ми се измени. Всушност, ми се промени ставот спрема целата посета. Ете, едно ‚сираче‘ бараше некој да се моли со него. Јас бев тој некој. Се помолив со него, а со тоа семејство останав и при една друга посета. Малиот Андрес ми помогна да не бидам премногу свртен кон сопствените интереси, туку кон личните потреби на браќата. Почнав да ги барам ‚сираците‘ — оние кои го бараа Бог, како и јас кога бев дете (Псалм 9:34). Татко му на Андрес сега ги посетува состаноците во Салата на Царството и со нас оди во јавното дело на проповедање.
Откако пристигнав во Колумбија, бројот на оние кои го обожаваат Јехова порасна од 22.000 на 55.000. Повеќе не се борам со тоа неугодно чувство дека треба повеќе да работам. Јас сум задоволен што сум во ова добро место. Засекогаш ќе му бидам благодарен на милосрдниот Бог кој погледна право низ мојата надворешна хипи појава и виде една личност која се бори да го пронајде вистинскиот Бог, чие име е Јехова (Раскажал Ричард Флит).
[Слика на страница 14]
Ричард во 1973
[Слика на страница 16]
Ричард Флит, јужноамерикански мисионер