Приближувањето до Бог ми помогна да се борам
НЕМАВ никаков интерес за религијата. Сите организирани религии ми изгледаа лицемерни. Не можев да увидам дека луѓето имаат некаква корист од неа, освен што ги правеше да бидат нетолерантни спрема другите. Тоа беше во доцните 60-ти години. Беше извршен атентат на еден американски претседател, а илјадници умираа во војната во Виетнам. Светот беше во хаос. И мојот живот се распаѓаше. Како би можело да постои Бог кој се грижи за мене или за човештвото?
Имав 27 години, бев омажена, имав две мали дечиња и работев полно работно време во една клиника за нервни болести, кога една сосетка почна да ми зборува за Библијата. На мое изненадување, јас слушав. Зборуваше за она што таа ги нарекуваше последните денови. Тоа ми звучеше чудно, а сакав одговор. Ми остави книга со наслов Вистина која води до вечен живот. Ја прочитав за една ноќ, ги побарав сите библиски стихови и се прашував: ‚Дали навистина ја најдов вистината?‘
Ако ја најдов, тогаш се појавуваше еден проблем. Бев родена во еврејска фамилија, мажот ми беше Евреин, имав две малечки дечиња и роднини Евреи. Знаев дека би биле огорчени кога би станала Јеховин сведок. Не сакав непотребно да му нанесам болка на семејството; морав да бидам сигурна. Почнав да ја голтам библиската литература. За една седмица бев уверена дека тоа е вистината. Учењето на вистината беше нешто што морав да го сторам. Затоа почнав да проучувам со Јеховините сведоци. За неколку недели почнав на сите да им сведочам. Бев воодушевена од спознанието дека Божјето име е Јехова, дека тој се грижи за мене и за целото човештво и дека е возможен бескраен живот на рајска Земја. Се крстив на 12. јуни 1970.
Како што си мислев, моето семејство, како и семејството на сопругот, беше многу разочарано, а некои дури ме отфрлија. Мажот ми со години проучуваше со прекини, но никогаш не стана верник. Меѓутоа, децата станаа Јеховини сведоци. Уште од почетокот сакав да станам полновремен слуга, да ја проповедам добрата вест за Божјето Царство од куќа до куќа. Но имав семејство кое растеше и сопруг неверник. И покрај тоа што работев полно работно време, изгубивме две куќи и неколку пати останавме на улица. Животот беше многу тежок.
Еднаш го изгубивме правото на нашата куќа. Моравме да се иселиме од куќата до пладнето во недела, а немавме каде да одиме. Сторив сѐ што можев, и на крајот, во сабота наутро, дента пред тоа, одлучив да направам онака како што рекол Исус во Матеј 6:33 — да го барам најпрво Царството и да чекам Јехова да ми ги даде работите што ми се потребни. Отидов во служба на проповедање. Се сеќавам дека плачев поради стресот што го создаваше ситуацијата, но по пет минути веќе се чувствував подобро. Открив дека проповедањето секогаш има позитивен учинок на мене; ме издигнува над моите проблеми, а Јеховиниот дух ме одржува среќна и продуктивна и му дава смисла на мојот живот. Сепак, кога се вратив дома тој ден, сѐ уште немавме каде да одиме, но јас се чувствував подобро.
Таа вечер ни се јави агенцијата за недвижнини која се грижеше за нашите потреби. Беше 23:30 часот, и претставникот на агенцијата беше толку загрижен што немавме каде да одиме што ни нашол едно привремено место додека да ја завршат куќата која требаше да ја добиеме. Така, некои од Сведоците ни помогнаа да се преселиме во таа куќа во неделата. Три седмици живеевме таму со спакувани работи додека најпосле не се вселивме во нашата куќа кога таа беше готова. Не беше лесно, но Јехова се грижеше за нашите потреби. Тоа многу ме зајакна и ми ја изгради верата. Токму онака како што рекол цар Давид во Псалми 36:25: „Бев млад, веќе остарев, и не видов оставен праведник, ниту потомците негови леб да просат“.
Имаше потешкотии во водењето на семејните финансии. Понекогаш јас ќе го преземев раководењето со парите и сѐ ќе средев. Во текот на тие години очајнички се трудев да го задржам бракот, најмногу заради мојата љубов спрема Јехова и од почитување спрема неговото брачно уредување, а длабоко во себе се надевав дека сопругот ќе се промени и ќе дојде во вистината.
Постојано се молев да бидам во општа пионерска служба, и во секоја можна прилика служев како помошен пионер.a Знаев дека проповедањето е најдобриот и најважниот начин да го искористам својот живот. Го сакав Јехова и сакав да му служам со цела душа. Ги сакав и луѓето, и сакав да им помагам. Од сопствениот тежок живот сфатив колку се корисни библиските начела и знаев дека на луѓето им е потребна надежта што ја дава Царството. Но се плашев дека семејството нема да може да опстане ако јас не работев. И без тоа едвај преживувавме.
Кога вриснав, силувачот побегна
Потоа се случи нешто во мојот живот што ми даде вера дека Јехова секогаш ќе се грижи за мене. Некој насилно влезе во домот и се обиде да ме силува. Ме нападна додека спиев, и кога се разбудив, ми се закани дека ќе ме убие ако пискам или ако мрдам. И покрај тоа што бев преплашена, Јехова ми помогна да бидам смирена и да останам при себе за да се молам и да размислам која постапка би била најдобра. Знаев што Библијата вели за врискањето, но исто така мислев дека веројатно ќе ме убие ако врискам, а потоа би се разбудиле децата, и нив би ги убил. Веќе си го гледав името во некролозите и се молев Јехова да ми ги чува децата ако умрам. И покрај сето тоа, го сторив она на што укажува Библијата — вриснав (5. Мојсеева 22:26, 27). Силувачот побегна. Навистина мислев дека таа ноќ ќе умрам. На Јехова му се приближив повеќе од кога и да е порано.
Во 1975, ја напуштив работата и почнав да служам како општ пионер. Шест години бев пионер, а сопругот ги плаќаше сметките. За жал, добив дијабетис на млади години и едно време бев многу болна. За да издржам, продолжив уште повеќе да ја јакнам довербата во Јехова. И покрај моите околности, тоа беа најсреќните и најпродуктивните години што сум ги имала дотогаш. Јехова ме благослови со многу библиски ученици кои напредуваа до крштение, а некои и самите станаа пионери.
Подоцна, во 1980, се распадна нашиот брак. Јас и мојот сопруг се отуѓивме. Децата беа многу потресени, и заради нив се обидов да го спасам бракот, но мојот сопруг не се одѕиваше на моите напори. Сега знаев дека беше време за библиски оправдан развод. Неговото заминување имаше опустошувачко влијанието врз децата.
Во тоа време, очајно се трудев да продолжам со пионерската служба и така издржав скоро една година. Меѓутоа, ќерка ми, не можејќи да се бори со ситуацијата, почна да се буни против сѐ, вклучувајќи ме мене и вистината. Престанав со пионерската служба во тој период поради нејзиното однесување. Тоа ме скрши; мојата животна жила ми беше пресечена. Се чувствував многу осамено, повеќе ништо не ми остана освен Јехова.
Отприлика во тој период, Јехова ми испрати двајца драги браќа кои ми помогнаа повеќе отколку што самите беа свесни. Едниот беше покраински надгледник, а другиот старешина во едно друго собрание кој ги знаеше нашите околности затоа што проучуваше со мојот сопруг. Никогаш не можам доволно да му се заблагодарам на Јехова за тие дарови во облик на луѓе. Секогаш ќе ми бидат многу драги.
Недолго после тоа, ќерка ми се омажи многу млада со човек кој не беше во вистината. Тоа го растури семејството и нѐ фрли потполно во очај. Набргу после тоа, синот ја напушти вистината. Постојано му се молев на Јехова да му помогне на семејството да опстане во вистината. Ми беа многу драгоцени, и единственото нешто кое толку многу го посакував беше тие да останат крај Јехова. Тоа ми беше постојана молитва во текот на мојот живот во вистината. Тој временски период ми беше потежок отколку сите 20 години брак — а тие беа многу тешки. Меѓутоа, знаев дека Јехова некако ќе ни помогне да се извлечиме, и без разлика на цената, јас морав да ја вршам неговата волја.
Многу убаво се сеќавам на една случка. Сѐ уште бев пионерка и немавме пари, а ни требаа околу 70 долари за да ја поминеме седмицата и да имаме пари за превоз до работа за таа седмица. Работев два дена седмично како привремено вработена. Обично, морав да чекам околу една седмица за да ги добијам парите што сум ги заработила — околу 40 долари. Немав пари ни за храна, а камоли за превоз. Следната вечер имав библиска студија со една жена која можеше да ми даде пари за карта за подземната железница.
Утредента беше петок. Кога отидов да ја земам поштата имаше две писма. Едно беше чекот што го очекував следната седмица. Отишло до градот и назад за помалку од три дена. Бев зачудена. Сѐ уште ми требаа 29 или 30 долари за да излезам на крај. Во второто плико имаше чек со 29 долари, токму онолку колку што ми требаше. Најчудното во сето тоа беше што во февруари таа година, владата ми беше дала паричен додаток за нафта за греење на куќата. Сега беше август, а тие решиле дека ми должат 29 долари — во август за греење? Зошто би мислеле дека мене ми должат нешто, и тоа за нафта и во август? Колку зајакнувачки за верата беше тоа за мене!
Материјалните работи не усреќуваат
Почнав да работам полно работно време и учев да работам на компјутер. Годините во кои не бев пионерка беа многу тешки. Иако имав одлична работа и некаква финансиска сигурност и материјални добра, не бев среќна. Децата живееја сами и имаа многу тешки проблеми. Ќерка ми правеше напори да се врати во вистината, но сѐ уште имаше проблеми. И син ми имаше свои проблеми. После некое време, чувствував дека го губам оној близок однос со Јехова кој толку многу го ценев. Чувствував дека се оддалечувам од Јехова иако никој друг не можеше тоа да го забележи. Доаѓав на сите состаноци, проучував, одев во служба, но тоа не беше доволно. Се обидов повеќе да се дружам со браќата, но и тоа не помогна.
Почнав да се самосожалувам. Почнав да се повлекувам и да размислувам за себеси. Зарем не заслужував нешто повеќе? Очигледно, токму така сакаше Сатана да размислувам. За првпат чувствував дека ме привлекуваат колегите на работа. Си помислив: ‚Па, ќе им сведочам‘. И им сведочев. Но длабоко во себе чувствував дека срцето почна да преминува преку некои работи кои не треба да се преминуваат. Проблемите не беа однадвор. Јас бев проблемот. Не можев да побегнам од мојата библиски школувана совест. Му се молев на Јехова.
Работев полно работно време. Морав да се откажам од материјалната сигурност што сум ја изградила. Патував натаму и наваму три часа дневно од Лонг Ајленд до Вол Стрит. Премногу време! Тоа што контактирав со многу световни луѓе во возовите не ја подобруваше мојата ситуација. Разговарав со старешините и за викендите почнав да одам на конгреси за да се концентрирам на поважните работи. За првпат во мојот живот не морав да се грижам за материјални работи, па зошто би сакала сега пак да се борам? После една година молитва, во која внимателно размислував дали треба да направам промена, го сторив токму тоа.
Се преселив во квартот Бруклин Хајтс. Претходно го бев посетила тамошното собрание и почувствував дека таму владееше токму онаа духовност која ми требаше. Толку многу верни Сведоци кои служеле полновремено долги години — ми даваше чувство дека таму припаѓам. За шест месеци бев спремна да ја оставам кариерата и да бидам пионер. Најдов работа со скратено работно време, и во 1984 повторно бев наименувана како општ пионер.
Во текот на годините, Јехова не само што ме благослови на прекрасен начин туку ми даде и многу, многу скапоцени поуки. Се обидував да задржам позитивен став и да учам од секое искушение. Не е срамота човек да има проблеми; гревот доаѓа кога не се следат библиските начела за да се решаваат проблемите. Овде во Бруклин, ги немам оние проблеми што ги имав во првите години во вистината. Парите повеќе не се проблем. Повеќе немам проблеми со сопруг кој не е верник. Срцето ми е обновено. Благословена сум со многу духовни деца.
Но секогаш има нови проблеми и предизвици. Во 1987 син ми Марк доживеа нервен слом и страдаше од сериозна депресија, но Јехова ни помогна да го пребродиме тоа. Марк сега се труди и добро напредува во собранието. Ќерка ми Андреа се врати во вистината и се крсти и своите деца ги воспитува во вистината. Бидејќи брзо се приближуваме кон големата неволја, претпоставувам дека проблемите ќе продолжат и можеби ќе станат уште поголеми, но Јехова секогаш ќе биде тука да ни помогне да совладаме секакви препреки или предизвици на кои би можеле да наидеме.
Навистина, Јехова ми помогна да имам многу среќен и продуктивен живот. Се радувам преостанатиот дел од животот да го поминам така што ќе останам близу до него и ќе ја вршам неговата волја. (Раскажала Марлин Павлов).
[Фуснота]
a „Пионерска служба“ е термин што се користи за да означи полновремена проповедничка активност.
[Слика на страница 23]
Марлин Павлов, полновремена проповедничка на добрата вест за Царството