Истрага на „заразената крв“ во Канада
Од дописникот на Разбудете се! во Канада
ВО КАНАДА, во сѐ поголеми броеви умираат жртвите на сидата кои се заразиле преку крв. Зошто толкав пораст? Во 1980-тите, повеќе од илјада Канаѓани го добиле вирусот на сида преку „заразена крв“ и крвни производи. Овие вознемирувачки факти ја поттикнаа федералната влада да формира Истражна комисија на трансфузиолошкиот систем во Канада. Преку една јавна истрага ќе треба да се одреди сигурноста на канадскиот трансфузиолошки систем.
Еден од најпочитуваните виши судии во земјата беше поставен за одговорен на истрагата. Комисијата врши сослушувања ширум Канада. Сослушувањата започнаа во Торонто на 14 февруари 1994 година и Почитуваниот г-н судија Хорас Кревер, од Апелациониот суд на Онтарио, беше задолжен да поднесе извештај за неговите наоди до одреден рок и да даде предлог за подобрување.
Една ужалена мајка чиј син умрел од сида добиена преку заразена крв, се обратила до судијата со следниве зборови: „Ми го зедоа синот и сѐ што ми остана сега е оваа истрага. Ве молам, погрижете се истрагата да успее“. Таа имала голема желба истрагата да биде темелно извршена за да можат да се преземат неопходните чекори со цел да се избегнат опасностите поврзани со трансфузија на крв. Таа не била единствената мајка која изгубила син поради заразена крв. Комисијата слушнала трогателни сведоштва во врска со оваа трагедија која ги потресе животите на многу Канаѓани.
Насловните страници на торонтскиот Globe and Mail известија: „Гнев и солзи — додека жртвите кажуваат за хоророт на крвта“; „Истражната комисија за крвта слуша застрашувачки сведоштва“; „Детален извештај за незнаењето на лекарите по општа пракса“ и „Според Истражната комисија за крвта, службените лица процениле дека ризикот од сида е мал“.
Жртвите кои се заразени со ХИВ преку крвта рекле дека не биле предупредени за ризиците. Во повеќето случаи тие дури и не знаеле дека примиле трансфузија на крв сѐ додека не дознале дека се заразени со вирусот на сида.
Еден тинејџер кој има сида, добил ХИВ преку трансфузија на крв во текот на една отворена операција на срцето кога имал само три години. Еден човек кој е ХИВ-позитивен и има лесна хемофилија, користел производи на крв пред 1984 година, во времето кога играл хокеј. Тој би го променил својот начин на живот кога би ги знаел ризиците. Една мајка добила крв заразена со ХИВ уште во 1985 година и сега таа, нејзиниот сопруг и нивната четиригодишна ќерка се заразени со сида.
Имало потресни извештаи за луѓе инфицирани само од една или две единици крв. „Сакаа само да добие малку црвенило на образите“, огорчено рекла една жена за трансфузијата преку која се заразил нејзиниот сопруг со ХИВ. Сега и таа го има вирусот.
Со натамошните искази на сведоците, вниманието се сврте кон една друга трагедија од огромни размери — заболувања од хепатитис добиен преку крвта. Според The Globe and Mail, се проценува дека „најмалку 1.000 Канаѓани секоја година умираат од хепатитис Ц“. Весникот додава дека „околу половина од нив можеби ја добиле болеста по пат на трансфузија на крв“.
Еден човек раскажал како добил хепатитис Ц преку трансфузија на крв за време на операција на ’рбетот во 1961 година. По операцијата, станал редовен дарител на крв. Во 1993 година открил дека има цироза на црниот дроб. „Што е со сите оние луѓе кои ја добиваа мојата крв сите тие години кога не знаев дека ја имам болеста?“, ја прашал Истражната комисија.
Судијата Кревер внимателно сослушал преку сто Канаѓани чии животи биле уништени од ХИВ и од други трагедии како последица на заразена крв. Медицинските стручњаци посведочиле дека е невозможно залихите со крв потполно да се заштитат од пренесување на болести и од други опасности. Тие признале дека со крвта се поврзани сериозни ризици и злоупотреба. Д-р Џ. Брајан Мек Шефри, медицински директор на една регионална трансфузиолошка служба покажал како му обрнува внимание на проблемот, со тоа што во своите предавања вели: „Ако морате да дадете трансфузија, тогаш или сте дале погрешна дијагноза или сте примениле погрешна терапија“.
Имало и обвинувања за нечесна политика и ривалство помеѓу оние кои државната комисија ги нарекла „главни чувари на влогови“ во канадскиот трансфузиолошки систем кој државата ја чини 250 милиони канадски долари годишно. Црвениот крст и владините агенции биле остро критизирани. Како никој да не е одговорен за комплексниот национален систем за обезбедување на крв.
Радосен контраст
За разлика од обесхрабрувачките докази, на 25 мај 1994 година во Риџајна, Саскачивен, пред судијата Кревер беше изнесен еден поволен извештај. Вилијам Џ. Хол, 75-годишен човек со тешка хемофилија, раскажа како тој успешно се бори со својата болест, употребувајќи алтернативи на крвни производи. И не е заболен од сида. Како Јеховин сведок, г-н Хол избегнувал крв и крвни фактори поради неговата религиозно школувана совест. (Види ја рамката на страница 19.)
Но, следуваат уште информации. Владата ја продолжила истрагата до крајот на 1995 година. Така, комисијата ќе има време да ги испита делотворните бескрвни постапки на илјадници заболувања кај возрасни и деца кои се Јеховини сведоци. Овие алтернативни лекувања се применуваат и на другите пациенти.
Лекарите кои користат такви алтернативи имаат стручни докази кои би можеле да ги споделат со комисијата. Во 1993 година, д-р Марк Бојд од универзитетот Мек Гил, за весникот The Medical Post коментирал: „Всушност, треба донекаде да им бидеме благодарни на Јеховините сведоци затоа што ни покажаа како можеме да бидеме успешни и без трансфузија на крв“. Една американска претседателска комисија во 1988 година забележала: „Најсигурната превентивна мерка во поглед на залихите на крв е да се отстрани изложеноста на пациентот на туѓа крв, секогаш кога е тоа можно“. Со послушноста спрема Божјиот закон „да се воздржуваат . . . од крв“, Јеховините сведоци биле благословени со „најсигурната превентивна мерка“ на заштита од заразена крв и од други опасности кои ги носи трансфузијата на крв (Дела 15:20, 29).
Потребно е обучување
За жал, повеќето жртви на трансфузиите со заразена крв не биле информирани за алтернативите кои можеле да ги спречат нивните трагедии. На пациентите не им бил даден избор на информирана согласност — да ги прифатат ризиците од крвта или да користат посигурни алтернативи.
Доказите пред комисијата ја откриваат потребата да се обучуваат лекарите и јавноста за алтернативите на трансфузија на крв. Таквата висока владина Истражна комисија би можела да има голем учинок во Канада. Препораките на судијата Кревер би можеле да го отворат патот за потребните промени во ставовите и обуката на канадската медицина во врска со праксата за трансфузија. Наодите на Истражната комисија ќе бидат од голем интерес за сите оние кои сакаат да ги избегнат опасностите што се поврзани со трансфузија на крв.
[Рамка на страница 19]
БЕСКРВНО ЛЕЧЕЊЕ НА ХЕМОФИЛИЈА
Вилијам Џ. Хол од Нипавин, Саскачивен, ѝ раскажал на комисијата како и зошто тој ја совладува тешката хемофилија без крвни производи. Следат извадоци од судскиот запис на неговото сведоштво:
◻ „Моите родители станаа свесни дека сум хемофиличар кога еднаш отеков од петици до колкови, и лекарите поставија дијагноза — хемофилија. . . . Мислам дека тогаш сум имал околу една година.
◻ Никогаш не сум примил крв или било каков крвен производ . . . Примањето крв е против моите религиозни убедувања затоа што сметам дека таа е света“.
◻ Во врска со неговиот брат кој исто така имал хемофилија, тој рекол: „Тој ја немаше истата вера [религија] како јас, па прими трансфузија на крв и умре од хепатитис“.
◻ За чирот на дванаесетпалечното црево во 1962 година: „Лекарот рече дека ако не примам крв, ќе умрам. . . . Во болницата добро ме излекуваа [без крв]“. Крвавењето било ставено под контрола.
◻ Во врска со операцијата во 1971 година кога морало да му се прицврсти скршен колк: „Тоа беше само една внимателна операција без крв. . . . Операцијата беше успешна“. Повеќето испитувања на крвта во тоа време не му откриле фактор VIII (фактор на згрутчување) во крвта.
◻ На прашањето како тој живее со тоа, одговорил: „Начин на живот . . ., со претпазливост“. Под тоа се подразбира исхрана, одмор, вежбање и внимателна нега на отоците, модрините и крвавењата.
◻ „Многу полагам на релаксација и на медитирање за добрите работи што ни ги дал нашиот Бог и се трудам да заборавам на грижите. Тоа многу ми помага.“
Вилијам Хол има 76 години и е Јеховин сведок.
[Слика на страница 17]
Судијата Хорас Кревер, претседавач на комисијата
[Извор на слика]
CANPRESS PHOTO SERVICE (RYAN REMIROZ)
[Слика на страница 18]
Вилијам и Маргарет Хол возеле 370 километри за да се појават пред Истражната комисија