Мудроста од апстиненција и моногамија
ДО ДЕНЕШЕН ДЕН, скоро 30 милиони луѓе се заразени од вирусот на СИДА, а преку 6 милиони веќе умреле. Секој ден се дијагностицираат приближно 8.500 нови случаи — од кои 1.400 се деца, кои обично умираат во текот на првата година од животот. Акции на таканаречен безбеден секс го подбудиле вниманието на јавноста, но некои сметаат дека тоа не е доволно. „СИДА-та е болест-убиец“, пишува д-р Стивен Џ. Сејнсбери во The Tampa Tribune, „и секоја мерка која се презема за да се спречи нејзиното пренесување мора да биде 100-процентно делотворна.“
Во врска со употребата на кондоми како средство за спречување на СИДА-та, д-р Сејнсбери коментира: „Вака да гледаме на тоа. Да претпоставиме дека, од непознати причини, автомобилите наеднаш експлодираат секој пат кога некој ќе го запали моторот. Ширум земјата, возачи се креваат во воздух. Конечно, владата изнесува едно решение. Само ставете го овој додаток во горивото, велат тие, и ризикот од експлозија ќе се намали за 90 проценти. Дали Вие би сметале дека проблемот е решен? Дали и понатаму би го возеле Вашиот автомобил? Се сомневам. Тогаш, зошто ги прифаќаме кондомите како решение за СИДА-та?“
Увидувајќи дека СИДА-та најчесто се пренесува со сексуален контакт, д-р Сејнсбери нуди едно решение: „Никаков секс сѐ додека поединецот не е подготвен да се обврзе во една моногамна врска со лице кое не е инфицирано. Клучните зборови се апстиненција и моногамија“.
Библијата заповеда сексуална апстиненција за самците и моногамија за оние кои се во брак. Високите мерила на Библијата забрануваат блуд, прељуба и хомосексуалност (Матеј 19:4—6; 1. Коринтјаните 6:9, 10; 7:8, 9). Иако многумина го критизираат ова мерило, велејќи дека е застарено или старомодно, моралноста на Библијата го унапредила здравјето и душевниот мир (Исаија 48:17).