Шокантни статистики за СИДА-та!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈУЖНА АФРИКА
ТЕМБЕКА е 12-годишно девојче кое живее во една селска населба во јужна Африка. Нејзините родители умреле од СИДА и таа мора да се грижи за своите три сестрички кои се на возраст од десет, шест и четири години. „Девојчињата немаат никакви приходи и сосема зависат од љубезноста на соседите . . . векна леб, неколку компири“, навела репортерката на еден весник. Сликата на четирите девојчиња кои останале сирачиња била прикажана на насловната страница на еден јужноафрикански весник, во кој бил даден извештај за 13-тата Меѓународна конференција за СИДА, што се одржа во јули 2000 во Дурбан (Јужна Африка).
Милиони деца кои останале сирачиња затоа што родителите им умреле од СИДА се соочуваат со слична ситуација како Тембека и нејзините сестрички. На конференцијата се дискутираше за методите на справување со сѐ поголемата криза со СИДА-та, како што е едукацијата во врска со превенција на СИДА со користење кондом; користење поефтино лекување за СИДА, кое сега е достапно; и вложување поголеми финансиски средства за пронаоѓање вакцини против СИДА-та. Се посвети внимание и на подложноста на жените на оваа болест, особено на девојките.
За жал, многу деца кои останале сирачиња затоа што родителите им умреле од СИДА ги бараат мажи кои веруваат дека сексуалните односи со невина личност ќе ги излечат сексуално преносливите болести. Освен тоа, многу мажи не сакаат да се оженат со некоја девојка сѐ додека најнапред не им роди дете. Затоа, користењето кондом се смета за пречка како за стапување во брак така и за да се стане мајка.
За несреќа, многу девојки не се запознати со ризикот од СИДА. Јужноафриканскиот весник Sowetan коментирал за еден извештај кој бил објавен на конференцијата што ја одржа Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ): „Анкетите што ги спроведе УНИЦЕФ открија дека 51 процент од девојчињата на возраст од 15 до 19 години во Јужна Африка не знаат дека некој што изгледа здрав може да биде инфициран со ХИВ и да им го пренесе тој вирус“.
Уште еден фактор за ширењето на СИДА-та е сексуалната злоупотреба на жените. Ранџени Мунусамај, која присуствувала на оваа конференција, известила во Sunday Times од Јоханесбург (Јужна АФрика): „Насилството над жените, кое е највознемирувачки облик на моќта на мажите, и понатаму е главна пречка за превенција и лекување на ХИВ. Многуте негови облици — силување, инцест, тепање на жената и сексуална злоупотреба — значат дека честопати сексуалните односи се под принуда, а самото тоа е фактор на ризик за инфекција од ХИВ“.
Статистичките податоци објавени на оваа конференција беа застрашувачки, како што покажува придружната табела. Се проценува дека секој ден 7.000 млади луѓе и 1.000 деца се инфицирани од ХИВ. За една година, 1999, околу 860.000 деца во субсахарска Африка ги изгубија своите наставници кои умреа од СИДА.
Според една анкета што ја објави Медицинскиот совет за истражување во Јужна Африка, 4,2 милиони луѓе во Јужна Африка се инфицирани од ХИВ, што значи секој 10-ти жител. Ситуацијата во соседните земји е уште полоша. The Natal Witness извести за една проценка што ја даде Одделот за попис на населението на САД: „Населението на некои африкански земји погодени од СИДА наскоро ќе почне да се намалува додека милиони умираат од оваа болест, а очекуваниот животен век до крајот на деценијава ќе се спушти на 30 години“.
Трагедијата на СИДА-та е уште еден доказ дека човештвото живее во „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ кои Библијата претскажала дека ќе настапат „во последните денови“ (2. Тимотеј 3:1—5). Оние што имаат љубов кон Божјата реч, Библијата, едвај чекаат да се најде едно целосно и трајно решение за СИДА-та и за сите други проблеми што го измачуваат човештвото. Наскоро, Божјето Царство ќе ја преземе управата над работите на Земјата. Во новиот свет на праведност, сиромаштијата и угнетувањето ќе бидат минато (Псалм 72:12—14; 2. Петрово 3:13). Наместо тоа, жителите на Земјата повторно ќе имаат совршено здравје и никој од нив никогаш нема да рече: „Болен сум“ (Исаија 33:24).
[Истакната мисла на страница 18]
Во светот има околу 13.000.000 сирачиња чии родители умреле од СИДА
[Табела/карта на страница 19]
(Види во публикацијата)
БРОЈ НА ВОЗРАСНИ (од 15 до 49 ГОДИНИ) КОИ ИМААТ ХИВ/СИДА, НА КРАЈОТ НА 1999
Северна Америка 890.000
Кариби 350.000
Латинска Америка 1.200.000
Западна Европа 520.000
Северна Африка и Средниот Исток 210.000
Источна и централна Европа 410.000
Јужна и југоисточна Азија 5.400.000
Источна Азија и Пацификот 530.000
Австралија и Нов Зеланд 15.000
Субсахарска Африка 23.400.000
[Извор на слика]
Извор: UNAIDS
[Графикон/слика на страница 19]
(Види во публикацијата)
ПРОЦЕНТ НА ВОЗРАСНИ (од 15 до 49 ГОДИНИ) СО ХИВ/СИДА ВО 16 АФРИКАНСКИ ЗЕМЈИ, НА КРАЈОТ НА 1999
1 Боцвана 35,8%
2 Свазиленд 25,2
3 Зимбабве 25,0
4 Лесото 23,5
5 Замбија 20,0
6 Јужна Африка 20,0
7 Намибија 19,5
8 Малави 16,0
9 Кенија 14,0
10 Централноафр. Реп. 14,0
11 Мозамбик 13,2
12 Џибути 11,7
13 Бурунди 11,3
14 Руанда 11,2
15 Брегот на сл. коска 10,7
16 Етиопија 10,6
[Извор на слика]
Извор: UNAIDS
[Слика]
Тембека со своите сестри
[Извор на слика]
Фотографија: Brett Eloff