Сида-та се шири во Африка
„Се соочуваме со еден вид современа апокалипса.“
ОВИЕ зборови што ги кажал Стивен Луис, специјален пратеник на ОН за ХИВ/СИДА во Африка, ја одразуваат загриженоста на многу луѓе во врска со ситуацијата со СИДА-та што владее во субсахарска Африка.
Во ширењето на ХИВ се вклучени повеќе фактори. СИДА-та, пак, зголемила некои други проблеми. Болестите што владеат во некои африкански земји и во други делови од светот каде што се шири СИДА-та честопати се поврзани со следниве работи:
Морал. Бидејќи сексуалниот контакт е главен начин за инфицирање со ХИВ, недостигот на јасни морални мерила очигледно го забрзува ширењето на оваа болест. Но, мнозина сметаат дека не е практично да се застапува воздржување од секс за оние што не се во брак. „Само да се опоменуваат тинејџерите да се воздржуваат од секс нема да биде ефикасно“, пишува Франсоа Дифер во The Star, весник од Јоханесбург (Јужна Африка). „Тие секојдневно се бомбардирани со неморални сцени што им покажуваат како треба да изгледаат и како треба да се однесуваат.“
Изгледа дека однесувањето на младите луѓе ја потврдува оваа анализа. На пример, истражувањето во една земја покажало дека околу една третина од младите на возраст од 12 до 17 години веќе имале сексуални односи.
Силувањето е опишано како државна криза во Јужна Африка. Еден новински извештај во весникот Citizen од Јоханесбург навел дека тоа „е толку раширено што го надминува секој друг здравствен ризик за жените во оваа земја и, сѐ повеќе, и за децата“. Истата статија забележала: „Во последно време има двапати повеќе случаи на силување деца . . . Изгледа дека сето тоа се прави затоа што и понатаму се верува во митот дека носителот на ХИВ што ќе силува девица ќе биде излекуван“.
Сексуално преносливи болести. Во овој регион има висок степен на сексуално преносливи болести. South African Medical Journal забележал: „Присутноста на сексуално преносливи болести го зголемува ризикот од ХИВ-1 инфекција за 2 до 5 пати“.
Сиромаштија. Многу земји во Африка се борат со сиромаштијата, а тоа создава поволна клима за ширење на СИДА. Она што можеби се смета за најосновно во развиените земји не е достапно во повеќето земји во развој. Големи заедници немаат електрична енергија ниту чиста вода за пиење. Во селските подрачја патиштата се неадекватни или, пак, воопшто ги нема. Многу жители се недоволно исхранети и има многу малку медицински установи.
СИДА-та влијае негативно врз бизнисот и индустријата. Додека сѐ повеќе вработени луѓе ја добиваат оваа инфекција, рударските компании ги чувствуваат последиците од намаленото производство. Некои размислуваат на кои начини да се автоматизираат и механизираат извесни операции за да се надомести недостигот на работна рака. Проценето е дека во еден рудник за платина во 2000 година, бројот на случаи на СИДА кај вработените речиси се удвоил, а околу 26 проценти од работниците биле инфицирани.
Тажна последица на СИДА-та се големиот број деца што стануваат сирачиња кога нивните родители ќе подлегнат на болеста. Освен тоа што ќе ги изгубат своите родители и финансиската сигурност, овие деца мораат да го поднесуваат и срамот што е поврзан со СИДА-та. Роднините или другите во средината честопати се премногу сиромашни за да им помогнат или, пак, не се спремни на тоа. Многу сирачиња се отпишуваат од училиште. Некои се свртуваат кон проституција и со тоа го забрзуваат ширењето на болеста. Некои земји основале владини или приватни програми за да им се помогне на овие сирачиња.
Незнаење. Голем број од оние што се инфицирани со ХИВ не се свесни за тоа. Мнозина не сакаат да одат на преглед поради срамот поврзан со оваа болест. „На луѓето што имаат или, пак, постои сомневање дека имаат ХИВ може да им бидат одбиени здравствени услуги, место за живеење и вработување, можат да бидат напуштени од своите пријатели и колеги, да не им биде дадено осигурување или да не им биде дозволен влез во странски земји“, забележало едно издание на печатот на Заедничката програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА (UNAIDS). Некои биле дури и убиени кога се открило дека се ХИВ-позитивни.
Култура. Во многу африкански култури, жените честопати не се во положба да ги распрашуваат своите партнери за нивните вонбрачни врски, да одбијат сексуален контакт или да предложат побезбедни сексуални практики. Културните верувања честопати одразуваат незнаење во врска со СИДА-та или бегање од ралноста. На пример, болеста им се припишува на магии и се бара помош од врачеви.
Несоодветни медицински установи. Веќе ограничените медицински установи се уште пооптоварени поради СИДА-та. Две големи болници известуваат дека повеќе од половина пациенти се ХИВ-позитивни. Главниот службеник за здравство на една болница во Квазулу-Натал рекол дека неговите оддели работат со капацитет од 140 проценти. Понекогаш двајца пациенти делат еден кревет, а третиот лежи на подот под креветот! (South African Medical Journal).
Ситуацијата во Африка веќе е трагична, а постојат показатели дека може да стане уште потрагична. „Сѐ уште сме во раните стадиуми на оваа епидемија“, забележал Питер Пјо од UNAIDS.
Очигледно е дека во некои земји се вложуваат напори да се излезе на крај со оваа болест. И, за првпат, во јуни 2001 Генералното собрание на Обединетите нации одржа специјална конференција за да се дискутира за ХИВ/СИДА. Дали човечките напори ќе бидат успешни? Кога конечно ќе биде запрен смртоносниот марш на СИДА-та?
[Рамка/слика на страница 5]
НЕВИРАПИН — ЛЕК ПРОТИВ СИДА-та — И ДИЛЕМАТА ВО ЈУЖНА АФРИКА
Што е невирапин? Според новинарката Никол Итано, тоа е „антиретровирусен лек за кој тестовите покажале дека може за половина да ја намали веројатноста да се пренесе СИДА [од мајката] на детето“. Една германска компанија за лекови понудила бесплатно да ја снабдува Јужна Африка во текот на следните пет години. Сепак, до август 2001, владата сѐ уште не ја прифатила оваа понуда. Во што е проблемот?
Во Јужна Африка има 4,7 милиони ХИВ-позитивни лица, повеќе од која и да е друга земја во светот. Во февруари 2002, лондонскиот The Economist извести дека јужноафриканскиот претседател Табо Мбеки „се сомнева во општоприфатеното гледиште дека ХИВ предизвикува СИДА“ и дека „има сомневања во врска со трошокот, безбедноста и ефикасноста на лековите против СИДА. Тој не ги забранил, но лекарите од Јужна Африка не се охрабрени да ги користат“. Зошто ова е причина за голема загриженост? Затоа што секоја година во Јужна Африка се раѓаат илјадници бебиња со ХИВ, а 25 проценти од бремените жени го носат овој вирус.
Како резултат на овој судир на гледишта, во судовите беше покрената судска постапка за да се присили владата да го дели невирапинот. Уставниот суд на Јужна Африка го изнесе своето мислење во април 2002. Според Рави Несман, кој пишува во The Washington Post, судот донел одредба според која „владата мора да го стави на располагање лекот во здравствените институции што можат да го користат“. Иако владата на Јужна Африка го давала овој лек само на 18 пробни места во земјата, се вели дека оваа нова одредба им дала надеж на сите ХИВ-позитивни бремени жени во таа земја.
[Рамка/слика на страница 6]
ЕДЕН ЛУКАВ ВИРУС ЈА ИЗМАМУВА КЛЕТКАТА
Влезете за момент во минијатурниот свет на вирусот на човечка имунодефициенција (ХИВ). Еден научник забележал: „По толку многу години гледање во честичките на вирусот со помош на електронски микроскоп, сѐ уште не сум престанал да се восхитувам и да се воодушевувам на прецизноста и сложеноста на дизајнот на нешто што е толку мало“.
Вирусот е помал од бактеријата, која, пак, е многу помала од просечната човечка клетка. Според еден авторитет, ХИВ е толку мал што „во точката на крајот од оваа реченица ќе можат да се сместат 230 милиони [честички на ХИВ]“. Вирусот не може да се размножува освен ако не се вовлече во некоја клетка-домаќин и не загосподари со клетката.
Кога ХИВ ќе го нападне човечкото тело, мора да се бори со големите сили со кои располага имунолошкиот систем.a Во коскената срцевина се создава еден систем за одбрана што се состои од бели крвни клетки. Во белите крвни клетки спаѓаат два главни типа лимфоцити, познати како Т клетки и Б клетки. Некои други бели крвни клетки се наречени фагоцити, односно „јадачи на клетки“.
Различните категории на Т клетки извршуваат различни функции. Оние што се наречени Т клетки-помошници играат клучна улога во воената стратегија. Т клетките-помошници помагаат во откривањето непознати напаѓачи и даваат упатства за да се создадат клетки што го напаѓаат и уништуваат непријателот. Кога напаѓа, посебна мета на ХИВ се овие Т клетки-помошници. Т клетките-убијци се активираат за да ги уништат телесните клетки што биле нападнати. Б клетките создаваат антитела што учествуваат во борбата против инфекциите.
Лукава стратегија
ХИВ спаѓа во класата на ретровируси. Генетичкиот шематски план на ХИВ е во форма на РНК (рибонуклеинска киселина), а не на ДНК (дезоксирибонуклеинска киселина). ХИВ припаѓа на една специфична подгрупа на ретровируси познати како лентивируси затоа што може да остане скриен долг период пред да се манифестираат сериозни симптоми на болеста.
Кога ХИВ ќе влезе во клетката-домаќин, може да го искористи механизмот на клетката за да ги постигне своите цели. Тој ја „репрограмира“ ДНК на клетката за да почне да прави многу копии на ХИВ. Но, пред да го стори тоа, ХИВ мора да употреби поинаков „јазик“. Мора да ја промени сопствената РНК во ДНК за да може да го прочита и да го разбере механизмот на клетката-домаќин. За да го постигне ова, ХИВ применува еден вирусен ензим наречен реверзна транскриптаза. Со текот на времето, клетката умира, откако најнапред ќе создаде илјадници нови ХИВ-честички. Овие новосоздадени честички ги инфицираат другите клетки.
Штом бројот на Т клетки-помошници значително ќе се намали, и други сили можат да го совладаат телото без страв од напад. Телото подлегнува на секакви болести и инфекции. Кај оној што е инфициран се развива краен стадиум на СИДА. ХИВ успешно го онеспособил целиот имунолошки систем.
Ова е само поедноставено објаснување. Мора да имаме на ум дека има уште многу работи што истражувачите не ги знаат, како за имунолошкиот систем така и за начинот на кој функционира ХИВ.
Речиси две децении, овој мал вирус ги преокупирал умствените и физичките способности на врвни медицински истражувачи во светот, што наметнало големи финансиски трошоци. Како резултат на тоа, научивме многу за ХИВ. Д-р Шервин Б. Нуланд, хирург, пред неколку години коментирал: „Износот на информации што . . . се собрани во врска со вирусот на човечка имунодефициенција и напредокот што е направен во создавањето одбрана од неговите напади навистина се восхитувачки“.
Сепак, смртоносниот марш на СИДА-та продолжува со алармантно темпо.
[Фуснота]
a Видете го српското издание на Разбудете се! од 8 февруари 2001, страници 13—15.
[Слика]
ХИВ ги напаѓа лимфоцитите на имунолошкиот систем и ги репрограмира да создаваат ХИВ
[Извор на слика]
CDC, Atlanta, Ga.
[Слика на страница 7]
Илјадници млади луѓе се придржуваат за библиските мерила