Мајките кои имаат СИДА се соочуваат со дилема
СИНТИЈАa‚ една жена која живее на Западноиндиските Острови, требало до избере дали ќе го дои или ќе го храни со шише своето новороденче. Можеби одлуката изгледа едноставна. Сепак, веќе со децении експертите од областа на здравството го популаризираат мајчиното млеко како „основна здрава храна“ за бебињата. Освен тоа, кај бебињата од сиромашните заедници кои се хранети со шише постои 15 пати поголема веројатност да умрат од дијареа отколку оние што се доени. Всушност, Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) известува дека секој ден умираат околу 4.000 деца како резултат на ризиците поврзани со некоја замена на мајчиното млеко.
Но, во случајот на Синтија, одлуката во врска со доењето вклучувала уште една опасност. Нејзиниот сопруг ја инфицирал со вирусот на човечки недостиг на имунитет (ХИВ), кој предизвикува СИДА. Откако се породила, Синтија дознала дека кај детето на ХИВ-позитивна мајка постои шанса 1 спрема 7 да се инфицира од мајчиното млеко.b Затоа требало да направи тежок избор: да го изложи своето бебе на ризиците на доењето или да го подложи на ризиците од хранењето со шише.
Во оние делови од светот каде што СИДА-та погодува најмногу, 2 или 3 од секои 10 трудни жени се ХИВ-позитивни. Во една земја, повеќе од половина од сите тестирани трудни жени биле инфицирани. „Овие алармантни цифри“, известува радиото на ОН, „ги натераа научниците итно да побараат лек.“ За да ѝ се спротивстават на оваа закана, шест организации на ОН го здружија своето искуство, напори и средства за да ја формираат Здружената програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА, позната како УНАИДС.c Но, УНАИДС откри дека решението на дилемата СИДА не е толку едноставно.
Комплицирани препреки кои блокираат едно едноставно решение
Според Едит Вајт, специјалист од областа на доењето и пренесувањето ХИВ од мајка на дете, здравствените работници им советуваат на ХИВ-позитивните жени кои живеат во индустријализираните земји да не ги дојат своите бебиња, бидејќи тоа речиси го удвојува ризикот од инфицирање на бебето. Користењето бебешки лактовит изгледа логична алтернатива. Но, во земјите во развој — каде што идеалистичките теории брзо се повлекуваат пред грубата реалност — тешко е да се изведе ова едноставно решение.
Една од препреките е од социјална природа. Во земјите каде што доењето е норма, жените кои ги хранат своите бебиња со шише би можеле да откријат дека се инфицирани со ХИВ. Некоја жена можеби се плаши дека ќе биде обвинета, напуштена, па дури и тепана кога ќе се дознае за нејзината болест. Некои жени што се наоѓаат во вакви околности мислат дека немаат друг избор освен да го дојат своето бебе за да не откријат дека се ХИВ-позитивни.
Има и други препреки. На пример, размислете за 20-годишната Маргарет. Исто како и најмалку 95 проценти од жителките на селата во Уганда, и таа никогаш не проверила дали има ХИВ. Но, Маргарет има причина да биде загрижена. Нејзиното прво дете умрело, а второто е слабо и болежливо. Маргарет го дои третото дете десет пати на ден, и покрај тоа што можеби има ХИВ. „Никогаш нема да можам да го хранам моето бебе со лактовит“, вели таа. Зошто не? Маргарет вели дека трошокот од исхраната на едно дете со бебешки лактовит е еден и половина пати поголем од сумата што едно семејство од нејзиното село ја заработува за една година. Дури и ако лактовитот е бесплатен, сѐ уште ќе го има проблемот да најде чиста вода за да го подготви лактовитот во здрава бебешка храна.d
Некои од овие препреки можат да се отстранат ако мајките што се инфицирани со ХИВ имаат добра санитарна заштита, соодветни количества замена за мајчино млеко и пристап до чиста вода. Скапо? Можеби. Сепак, изненадува тоа што таквите набавки изгледа повеќе се работа на поставување приоритети отколку наоѓање парични средства. Всушност, ОН известуваат дека некои од најсиромашните земји во развој во светот трошат отприлика двојно повеќе на војската отколку на здравството и образованието.
Што е со лековите против СИДА?
Научниците на ОН известиле дека еден едноставен и релативно ефтин лек наречен АЗТ може значително да го намали пренесувањето на ХИВ од мајката на доенчето. Со помош на УНАИДС, трошокот на ова лекување е намален на 50 долари. Освен тоа, во јули 1999 истражувачите на полето на СИДА-та објавија дека лекувањето на ХИВ-позитивните мајки и нивните новороденчиња за само 3 долари, колку што чини лекот невирапин, изгледа е поделотворно од употребата на АЗТ во спречувањето на пренесувањето на ХИВ. Стручњаците од областа на здравството велат дека секоја година невирапинот би можел да спречи 400.000 новороденчиња да го започнат животот инфицирани со ХИВ.
Меѓутоа, некои го критикуваат користењето лекови, тврдејќи дека, бидејќи лековите само спречуваат да се пренесе ХИВ од мајката на бебето, мајката на крајот ќе подлегне на СИДА-та и ќе го остави детето да биде сираче. ОН возвраќа дека мрачната алтернатива е да се остават бебињата да добијат ХИВ и со тоа да се осудат тие невини жртви на бавна и тажна смрт. Исто така, тие приговараат дека мајките кои се инфицирани со ХИВ можеби ќе живеат со години. Размислете за Синтија, спомната претходно. Таа дознала дека има ХИВ во 1985, кога ѝ се родило бебето, но се разболела дури по осум години. И иако нејзиното бебе имало ХИВ кога се родило, на двегодишна возраст веќе немало.
Утешно е тоа што Библијата нѐ уверува дека ни претстои една навистина безбедна околина и трајно решение за чумите како што е СИДА-та (Откровение 21:1—4). Јехова Бог ветува еден нов свет во кој „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). Јеховините сведоци би сакале да Ви кажат нешто за ова трајно решение. За повеќе информации, Ве молиме стапете во контакт со издавачите на ова списание или со Јеховините сведоци во Вашето место.
[Фусноти]
a Не е нејзиното вистинско име.
b Според УНИЦЕФ, околу 500 до 700 доенчиња на ден се инфицираат од мајчиното млеко од своите ХИВ-позитивни мајки.
c Шесте организации се УНИЦЕФ, Програмата за развој при Обединетите нации, Фондот за население при Обединетите нации, Светската здравствена организација, Светската банка и Образовната, научна и културна организација при Обединетите нации. УНАИДС беше основана во 1995.
d Едно неодамнешно истражување укажува на тоа дека комбинацијата на лактовит и доење може да го зголеми ризикот од инфекција со ХИВ и дека мајчиното млеко може да содржи антивирусни агенси кои помагаат да се неутрализира вирусот. Ако ова е точно, исклучителното доење — дури и со своите ризици — може да биде посигурен избор. Меѓутоа, наодите на ова истражување допрва треба да се потврдат.
[Извор на слика на страница 20]
WHO/E. Hooper