ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g99 8/2 стр. 4-7
  • Сида — како да се води борба против неа

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Сида — како да се води борба против неа
  • Разбудете се! 1999
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Клуч за превенција
  • Кога да се направи тест
  • Како може да помогне едукацијата?
  • Кои се некои можности за лекување?
  • Дали вакцините се решение?
  • Сида-та се шири во Африка
    Разбудете се! 2003
  • „Најразорната пандемија во човечката историја“
    Разбудете се! 2003
  • Да им се помогне на заразените од СИДА
    Разбудете се! 1994
  • Мајките кои имаат СИДА се соочуваат со дилема
    Разбудете се! 2000
Повеќе
Разбудете се! 1999
g99 8/2 стр. 4-7

Сида — како да се води борба против неа

ВО МОМЕНТОВ не постои лек за СИДА-та и изгледа дека медицината веројатно и нема наскоро да го пронајде. Додека некои нови лекувања го забавуваат напредокот на болеста, многу подобро е уште на почетокот да се избегне инфекција. Но, пред да дискутираме за превенцијата, ајде да разгледаме како вирусот на СИДА-та (ХИВ) се пренесува и како не се пренесува од едно лице на друго.

До инфекција може да дојде на четири главни начини: 1) преку употреба на заразена игла или шприц, 2) преку сексуален контакт (вагинален, анален или орален) со инфицирано лице, 3) преку трансфузија на крв и крвни производи, иако оваа опасност е намалена во поразвиените земји каде што сега се проверува дали има антитела на ХИВ во крвта и 4) преку мајката инфицирана со ХИВ, која може да го инфицира бебето пред или за време на породувањето или, пак, додека го дои.

Според Центрите за контрола и превенција на болестите во САД (ЦДК), моменталните научни докази велат дека 1) не може да се добие СИДА како што би се добила настинка или грип; 2) не може да се добие ако седите покрај некој кој има СИДА или ако допирате или прегрнувате некој кој е инфициран; 3) не може да се добие ако јадете храна што ја допирал, подготвувал или послужувал некој што е инфициран и 4) не може да се добие ако се користи ист тоалет, телефон, облека или прибор за јадење и пиење. Освен тоа, ЦДК вели дека вирусот не се пренесува преку комарци или преку некој друг инсект.

Клуч за превенција

Вирусот на СИДА-та демне во крвта на инфицираните луѓе. Ако некој што е инфициран прими инјекција, на иглата или во шприцот може да остане малку крв заедно со вирусот. Ако некој друг прими инјекција со игла која била заразена на ваков начин, вирусот може да се пренесе. Никогаш немојте да се плашите да го прашате лекарот или медицинската сестра кога се сомневате за иглата или за шприцот. Вие имате право да знаете, во прашање е Вашиот живот.

Вирусот на СИДА-та се наоѓа и во спермата или во вагиналните секрети на инфицираните. Затоа, во поглед на превенцијата, ЦДК препорачува: „Апстиненцијата е единствената сигурна заштита. За да имате сексуални односи, почекајте додека не влезете во една долготрајна врска на взаемна верност, како што е бракот, со неинфициран партнер“.

Забележете дека за да се заштитите, мора да одржувате „врска на взаемна верност“. Ако Вие сте верен но Вашиот партнер не е, тогаш не сте заштитени. Ова честопати претставува тежок проблем за жените кои живеат во општества каде што мажите се сексуално и економски доминантни. Во некои земји на жените не им е дозволено дури ни да разговараат за сексот со мажите, а уште помалку да се спогодуваат за побезбеден секс.

Меѓутоа, не се немоќни сите такви жени. Едно истражување во една земја во Западна Африка покажало дека некои финансиски независни жени можеле, без да трпат насилнички последици, да одбијат секс со своите инфицирани сопрузи. Во Њу Џерси (САД), некои жени одбиле секс кога мажот не сакал да стави презерватив. Се разбира, иако презервативите од латекс можат да пружат заштита од ХИВ и од други сексуално преносливи болести, тие мора да се користат исправно и постојано.

Кога да се направи тест

Карен, спомната во претходната статија, не можела да стори многу за да се заштити од инфекцијата. Нејзиниот сопруг бил инфициран неколку години пред да стапат во брак, а тие влегле во брак во време кога епидемијата и тестирањето за ХИВ биле во раните фази. Меѓутоа, денес во некои земји тестирањето за ХИВ станало рутинска постапка. Затоа, ако некој има некакви сомнежи за својата состојба во поглед на ХИВ, мудро е да направи тест пред да почне да се додворува. Советот на Карен е: „Мудро изберете го својот брачен другар. Лошиот избор може скапо да Ве чини, па дури и самиот Ваш живот“.

Тестирањето може да помогне да се заштити невиниот сопружник во случаи на прељуба. Бидејќи ХИВ може да не се покажува на тестот дури и шест месеци после инфекцијата, можеби ќе бидат потребни неколку тестови. Ако повторно се започне со сексуални односи (со што се покажува дека на прељубникот му е простено), употребата на презерватив може да помогне за заштита од инфекција.

Како може да помогне едукацијата?

Значајно е тоа што иако Библијата била напишана долго време пред да се појави СИДА-та, живеењето според нејзините начела е делотворна заштита од болеста. На пример, Библијата осудува вонбрачен секс, бара верност во бракот и вели дека христијаните треба да стапуваат во брак само со оние кои ги применуваат библиските начела исто како нив (1. Коринтјаните 7:39; Евреите 13:4). Исто така, таа забранува секакви облици на злоупотреба на супстанции и внесување крв, бидејќи сето тоа го онечистува телото (Дела 15:20; 2. Коринтјаните 7:1).

Мудро е да бидете поучени за ризиците и опасностите кои би можеле да бидат вклучени во контактот со лица кои се ХИВ позитивни. Информираноста за СИДА-та ги опремува луѓето да се заштитат од неа.

Лигата за дејствување против СИДА-та вели: „Во повеќето случаи СИДА-та може да се спречи. Сѐ додека не се пронајде лек, едукацијата е најдобрата и за сега единствената [општа] одбрана против СИДА-та“. (Курзивот е од нас.) Добро е родителите отворено да разговараат меѓу себе и со своите деца за СИДА-та.

Кои се некои можности за лекување?

Симптомите на болеста обично се појавуваат дури шест до десет години откако лицето е инфицирано со ХИВ. Во текот на тие години, во телото се води војна. Поединечни вируси се размножуваат и ги убиваат клетките на имунолошкиот систем. Клетките на имунолошкиот систем возвраќаат. На крајот, додека секој ден се создаваат милијарди нови вируси, имунолошкиот систем е надвладеан.

Произведени се различни лекови во обидот да му се помогне на имунолошкиот систем, лекови со комплицирани имиња кои се идентификуваат со букви — АЗТ, ДДИ и ДДЦ. Иако некои сметале дека овие лекови ветуваат драматични користи, па дури и потенцијално излекување, таквите надежи брзо биле разбиени. Тие не само што со текот на времето ја губат делотворноста туку кај некои луѓе предизвикуваат и опасни нуспојави — празнење на крвните клетки, пореметувања во засирувањето на крвта и оштетување на нервите на рацете и стапалата.

Сега пристигна еден нов вид лекови: инхибитори на протеази. Лекарите ги препишуваат во комбинации од три лека заедно со други антивирусни лекови. Тестовите покажале дека, иако оваа коктел терапија не го убива вирусот, таа го стопира, или речиси го стопира, неговото размножување во телото.

Коктел терапијата довела до драматично подобрување на здравјето на оние кои се заболени. Сепак, стручњаците сметаат дека лековите се најефикасни кога на луѓето кои се инфицирани со ХИВ им се даваат рано, уште пред да се појават симптомите. Ако се направи така, постои можност да се спречи, можеби за неодредено време, инфекцијата да прерасне во СИДА во целосен развој. Бидејќи ова лекување е ново, останува да се види колку долго ваквата терапија ќе ја потиснува инфекцијата.

Коктел терапијата е скапа. Просечните трошоци за овие три антивирусни лекови плус лабораториското тестирање изнесуваат 12.000 долари годишно. Освен финансискиот товар, пациентот кој е на коктел терапија треба многу пати да оди до ладилникот, каде што мораат да се чуваат лековите. Обично пациентот зема некои апчиња два пати на ден, а други три пати на ден. Некои треба да се земат на празен желудник, а други на полн. Терапијата станува далеку покомплицирана кога мора да се земаат додатни лекови во борбата против многуте други инфекции на кои е подложен пациентот кој има СИДА.

Една од главните грижи на лекарите е она што би можело да се случи кога некој би прекинал со коктел терапијата. Размножувањето на вирусот би продолжило со несмалено темпо, а оние вируси кои го преживеале лекувањето може да станат отпорни на лековите кои лицето претходно ги земало за да се бори против нив. Би било потешко да се лекуваат оние видови на ХИВ кои се отпорни на лекови. Освен тоа, овие супервируси би можеле да преминат и на други луѓе.

Дали вакцините се решение?

Некои истражувачи на СИДА-та сметаат дека клучот за запирање на светската епидемија на СИДА е безбедна, делотворна вакцина. Успешните вакцини против жолтата грозница, сипаниците, заушките и рубеолата се направени од ослабнати вируси. Во нормални услови, кога една ослабена верзија на вирусот ќе се внесе во телото, имунолошкиот систем не само што реагира за да го уништи туку создава и одбрана која успешно ќе порази секаква инвазија од страна на вистинскиот вирус.

Два неодамнешни експеримента на мајмуни укажаа дека проблемот со ХИВ е во тоа што дури и ослабените вируси можат да станат смртоносни. Со други зборови, вакцината би можела да ја предизвика болеста од која треба да заштити.

Потрагата по вакцина беше разочарувачка и фрустрирачка. ХИВ остана неповреден од десетици експериментални препарати кои сигурно би ги убиле помалите вируси. Освен тоа, ХИВ мутира со што станува една недофатна мета. (Моментално во светот има барем десет фамилии на ХИВ.) Проблемот го зголемува тоа што вирусот директно ги напаѓа клетките на имунолошкиот ситем чија одбрана вакцината би требало да ја зајакне.

И економијата игра улога во истражувањето. Постои едно „ниско ниво на посветеност од страна на приватната индустрија“, изјави Меѓународниот институт за вакцина против СИДА-та сместен во Вашингтон. Тоа обвинение беше упатено од страв дека вакцината нема да донесе профит, бидејќи повеќе би се продавала во неразвиените земји.

И покрај тешкотиите, истражувачите и понатаму работат на неколку пристапи во потрагата по успешна вакцина. Меѓутоа, за сега не изгледа веројатно дека наскоро ќе биде произведена вакцина. Кога некоја надежна вакцина сепак ќе излезе од лабораториите, после неа ќе следи напорната, скапа и потенцијално ризична задача да се тестира на луѓе.

[Рамка на страница 5]

Кој се инфицира со ХИВ?

Ширум светот секој ден се инфицираат околу 16.000 луѓе. Се вели дека повеќе од 90 проценти живеат во земјите во развој. Отприлика секој 10-ти е дете на возраст под 15 години. Останатите се возрасни од кои повеќе од 40 проценти се жени а повеќе од половината се на возраст од 15 до 24 години (Светска здравствена организација и придружна програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА).

[Рамка на страница 7]

Како може да се знае кој е инфициран?

Не може да се знае дали некој е инфициран само ако го погледнете. Иако носителите на ХИВ кои не покажуват симптоми може да изгледаат здрави, тие можат да им го пренесат вирусот на другите. Можете ли некому да му верувате на збор дека не е инфициран? Не баш. Многумина од оние кои се инфицирани со ХИВ не се свесни за тоа. Оние кои сепак знаат може да го чуваат тоа во тајност или, пак, може да лажат. Една анкета во Соединетите Држави открила дела 4 од секои 10 луѓе инфицирани со ХИВ не го информирале сексуалниот партнер за својата состојба.

[Рамка на страница 6]

Врската помеѓу ХИВ и СИДА-та

ХИВ означува „вирус на човечки недостиг на имунитет“, вирус кој полека уништува делови од имунолошкиот систем на телото за одбрана од болести. СИДА означува „синдром на стекнат недостиг на имунитет“. Тоа е последниот, животозагрозувачки стадиум на инфекцијата со ХИВ. Називот опишува како ХИВ сериозно го оштетува имунолошкиот систем, правејќи го пациентот жртва на инфекции кои инаку имунолошкиот систем би ги совладал.

[Извор на слика]

CDC, Atlanta, Ga.

[Слика на страница 7]

Тестирањето на ХИВ пред да се размислува за брак е мудар чекор

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели