Мојот избор помеѓу двајца татковци
„Повеќе не си ми син! Веднаш да си одиш од оваа куќа и немој да се враќаш сѐ додека не се откажеш од таа религија!“
ЗАМИНАВ само со облеката што беше на мене. Таа ноќ наоколу експлодираа гранати, а јас немав поим каде да одам. Поминаа повеќе од шест години пред повторно да се вратам дома.
Што би можело толку да разбесни еден татко за да го исфрли надвор својот син? Дозволете ми да Ви објаснам како започна сето тоа.
Израснат во свет исполнет со омраза
Моите родители живеат во Бејрут (Либан), земја која некогаш претставуваше туристичка атракција. Меѓутоа, од 1975 до 1990, тој град беше средиште на една деструктивна војна. Роден сум 1969, првороден во едно ерменско семејство со три деца. Така, моите рани спомени се од мирнодопските времиња.
Моите родители припаѓаа на Ерменската апостолска црква, но мајка ми нѐ носеше в црква само двапати годишно — за Велигден и за Божиќ. Значи, нашето семејство не беше многу религиозно. Сепак, мене ме испратија во евангелската средна школа, каде што добив религиозна поука. Во тоа време религијата не ме интересираше многу.
Едно нешто што многу Ерменци го учеа уште во детството беше да ги мразат Турците. Во текот на I светска војна, Турците погубиле стотици илјади Ерменци и го зазеле поголемиот дел од Ерменија. Во 1920, источниот дел кој преостана стана една република на Советскиот Сојуз. Како младо момче, бев одлучен да се борам за да се погрижам дека ќе се оствари правдата.
Промена во размислувањето
Меѓутоа, во 1980-тите, кога бев во тинејџерските години, она што ми го кажуваше вујко ми почна да го менува моето размислување. Тој рече дека Семоќниот Бог наскоро ќе ги исправи сите неправди. Објасни дека, со посредство на Царството за кое Исус Христос ги поучил своите следбеници да се молат, дури и оние кои биле погубени во масакрите ќе воскреснат за живот на Земјата (Матеј 6:9, 10; Дела 24:15; Откровение 21:3, 4).
Бев восхитен. Сакајќи уште да слушам, продолжив да му поставувам прашања. Тоа доведе до библиска студија која се одржуваше во домот на еден друг Сведок.
Додека учев за мојот небесен Татко, Јехова, и го засакував сѐ повеќе и повеќе, почнав да стравувам дека еден ден ќе се соочам со една тешка одлука — да изберам помеѓу моето семејство и Јехова Бог (Псалм 83:18, NW).
Тежок избор за еден 17-годишник
Со текот на времето, мајка ми слушна за мојата поврзаност со Јеховините сведоци. Беше многу вознемирена и ми нареди да ја прекинам библиската студија. Кога сфати дека сум сериозен во моите убедувања, ми се закани дека ќе му каже на татко ми. Во тоа време не се секирав многу затоа што мислев дека ќе можам да се справам со ситуацијата и ќе го задржам својот став пред татко ми. Но, грешев.
Кога татко ми дозна дека се дружам со Јеховините сведоци, се разбесни. Се закани дека ќе ме исфрли од дома ако не ја прекинам библиската студија. Му реков дека нема да се откажам од неа затоа што она што го учам е вистината. Откако заврши со викањето, дерењето и колнењето, почна да плаче како дете. Дословно ме преколнуваше да престанам да се дружам со Сведоците.
Емоционално бев растргнат, поделен помеѓу двајца татковци — Јехова и него. Знаев дека и едниот и другиот многу ме сакаат и сакав да ги задоволам обајцата; но тоа изгледаше невозможно. Притисокот беше поголем отколку што можев да издржам. Му реков на татко ми дека ќе направам сѐ што сака, расудувајќи дека ќе можам и да студирам и да станам Сведок кога ќе бидам постар. Тогаш имав само 17 години.
Во деновите што следеа, се чувствував посрамен поради она што го направив. Чувствував дека не сум го усреќил Јехова и дека немав доверба во зборовите на псалмистот Давид, кој рекол: „Во случај сопствениот татко и сопствената мајка да ме остават, дури самиот Јехова ќе ме прими“ (Псалм 27:10, NW). Но, сѐ уште одев во средно училиште и моите родители ги покриваа трошоците за моето образование.
Поцврст став
Повеќе од две години не одев кај вујко ми и немав никаков контакт со Сведоците, бидејќи знаев дека моите родители го следат секое мое движење. Еден ден во 1989, на возраст од 20 години, се сретнав со еден Сведок што го познавав. Многу љубезно ме праша дали би сакал да го посетам. Бидејќи не спомна ништо за проучување на Библијата, отидов кај него.
Со текот на времето, повторно почнав да ја проучувам Библијата и да присуствувам на состаноците на Јеховините сведоци во Салата на Царството. Проучував на моето работно место, каде што не можеше да ми пречи никој. Како резултат на тоа, стекнав поголемо ценење за Јеховината личност полна со љубов, како и подобро разбирање на тоа колку вреди да се има и да се задржи близок однос со него под секакви околности. Во август истата година почнав дури и да им го пренесувам на другите она што го имав научено.
Дотогаш моето семејство не знаеше ништо. Меѓутоа, после неколку дена татко ми и јас повторно стоевме очи в очи, но овојпат јас бев подобро подготвен за да се соочам со него. Смирено се обиде да ме праша: „Сине, точно ли е дека сѐ уште се дружиш со Јеховините сведоци?“ Во очите имаше солзи додека го чекаше мојот одговор. Мајка ми и сестра ми тивко плачеа.
Објаснив дека дури неодамна почнав да се дружам со Сведоците и дека сум одлучен и јас да станам еден од нив. Притоа, сѐ се случи многу бргу. Татко ми ги извика зборовите што стојат во уводот на оваа статија. Потоа ме зграпчи и викаше дека нема да ме пушти да излезам жив од таа куќа. Успеав да се ослободам и, додека трчав по скалите, го слушнав мојот помлад брат како се обидува да го смири татко ми. „Отсега па натаму ти си ми татко“, му се молев на Јехова. „Те избрав тебе и затоа те молам грижи се за мене.“
Одмазда
После неколку дена татко ми отишол кај вујко ми, мислејќи дека ќе ме најде таму. Го нападнал и сакал да го убие, но некои Сведоци кои биле на гости интервенирале. Татко ми си заминал, ветувајќи дека пак ќе се врати. По кратко време се вратил, придружен со полицајци вооружени со пушки. Ги одвеле Сведоците и вујко ми, кој беше многу болен, во војничкиот главен штаб.
Потоа започна потрага по други Сведоци во тој дел. На еден од нив му влегле во куќата. Биле собирани на куп книги, вклучувајќи и Библии, и запалени на улицата. Но, тоа не беше сѐ. Беа уапсени шест Сведоци, како и некои луѓе кои само проучуваа со нив. Сите ги ставиле во една мала собичка, ги испрашувале и потоа ги истепале. Некои ги гореле со цигари. Новостите за овие настани се раширија во соседството како молња. Полицајците ме бараа насекаде. Татко ми ги замолил да ме најдат и да ме натераат да се премислам, без оглед на тоа кои методи ќе ги употребат.
После неколку дена, полицајците влегле во Салата на Царството, каде што едно собрание одржувало состанок. Го натерале целото собрание — мажите, жените и децата — да ја напуштат салата. Им ги одзеле Библиите и ги привеле во полициската станица, каде што ги испрашувале.
Бегство во Грција
За сето тоа време, за мене се грижеше едно семејство Сведоци далеку од сцената на немирите. После еден месец ја напуштив земјата и заминав за Грција. Кога пристигнав таму, му го предадов животот на Јехова Бог и се крстив како симбол на моето предание.
Во Грција ја почувствував грижата полна со љубов на едно духовно братство во кое спаѓаат луѓе од неколку националности — вклучувајќи и Турци. Ја искусив вистинитоста на Исусовите зборови: „Нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век — и живот вечен“ (Марко 10:29, 30).
Следните три години останав во Грција. Иако неколку пати му пишав на татко ми, тој никогаш не ми одговори. Подоцна ми кажаа дека секогаш кога ќе наминеле пријатели и ќе го прашале за мене, тој велел: „Јас немам син со тоа име“.
Повторна средба после шест години
Се вратив да живеам во Бејрут во 1992, откако заврши војната. Преку еден пријател го известив татко ми дека сакам да се вратам дома. Тој одговори дека би бил добредојден — но само ако се откажам од мојата вера. Затоа, следните три години живеев во еден стан под кирија. Потоа, во ноември 1995, татко ми неочекувано дошол на моето работно место и барал да ме види. Тогаш јас не сум бил таму, па затоа оставил порака дека сака да се вратам дома. На почетокот ми беше тешко да поверувам. Затоа, многу нерешително, отидов кај него. Тоа беше една повторна средба со силен излив на емоции. Рече дека повеќе не му смета тоа што сум Сведок и дека сака да си дојдам дома!
Денес служам како христијански старешина и полновремен министер во едно собрание на ерменски јазик. Честопати сретнувам луѓе кои како татко ми им се противат на домашните затоа што сакаат да му служат на Јехова. Сфаќам дека татко ми искрено веруваше дека го прави она што е исправно со тоа што се противеше на моето обожавање. Библијата дури и ги подготвува христијаните велејќи дека можат да очекуваат противење од семејството (Матеј 10:34—37; 2. Тимотеј 3:12).
Се надевам дека еден ден татко ми и другите од моето семејство ќе ја делат мојата библиска надеж за еден подобар свет кој доаѓа. Тогаш нема повеќе да има војни или масакри и луѓето повеќе нема да бидат истерувани од својата земја или прогонувани заради праведноста (2. Петрово 3:13). И тогаш луѓето нема да мораат да прават избор помеѓу две работи кои им се толку драги на нивните срца (приложено).