Дали Вашиот дом е безбеден? Проверете 20 работи
„КОНЕЧНО дома!“ Можеби воздивнувате со олеснување кога ќе се вратите од работа после еден исцрпувачки ден, среќни што сте на безбедно и на сигурно дома. Но, дали навистина сте безбедни? Иронично е тоа што некои луѓе се соочени со сериозни опасности во домот, а можеби не се ни свесни за нив. Особено оние кои имаат мали деца треба да преземат промислени мерки на претпазливост за да го минимизираат бројот на несреќни случаи дома. Со помош на следниов список, проверете го својот дом и забележете ги промените што треба да ги направите.
✔ Растенија. Ако имате мали деца, водете сметка да немате ниедно отровно растение. Запомнете, љубопитните бебиња што проодуваат, ќе стават речиси сѐ во устата.
✔ Завеси. Врвките на завесите нека бидат вон дофат. Малите деца можат да се заплеткаат, па дури и да се задават со нив.
✔ Фиоки и ормари. Размислете да ставите безбедносно резе. Тоа ќе ги спречи децата да дојдат во допир со остри алати и опасни средства за чистење.
✔ Скали. Дали се добро осветлени и расчистени? Дали имате ставено ограда за да не паднат бебињата што проодуваат?
✔ Шпорет. Рачките на тенџерињата и тавите нека бидат свртени кон задната страна на шпоретот, особено додека готвите.
✔ Грил. Чистете го често. Тавче за грил полно со масло може да предизвика пожар во кујната.
✔ Апарат за гасење пожар. Имајте дома барем еден и погрижете се секој што е на одговорна возраст да знае да го користи.
✔ Креветче. Летвичките на оградата треба да бидат близу една до друга. Просторот околу душекот не смее да биде толку голем за да може да се заглави главчето на детето.
✔ Прозорци. Безбедносните решетки на прозорците ќе ги заштитат децата да не паднат, а возрасните можат лесно да ги отстранат во случај на пожар.
✔ Витамини и лекови. Чувајте ги во заклучена витрина или на место кое е непристапно за деца.
✔ Када. Никогаш не оставајте мало дете само во када. За да се удави му треба само малку време — и малку вода.
✔ Микропечки. Не заборавајте дека во микропечка храната брзо се загрева. Бебешкиот лактовит, на пример, може да биде жежок иако шишенцето е само млако.
✔ Печка. Одвреме навреме проверувајте дали печката пропушта јаглероден моноксид.
✔ Скара. Погрижете се децата да бидат на безбедна оддалеченост од скарата кога е жешка.
✔ Врата на гаражата. Поучете ги децата никогаш да не трчаат под вратата на гаражата додека се движи, особено ако работи на струја.
✔ Детектори за чад. Одржувајте ги чисти и редовно проверувајте ги. Секоја година менувајте ги батериите.
✔ Електрични кабли и штекери. Фрлете ги излижаните електрични жици. Најдобро е штекерите што не ги користите да имаат заштитни капачиња.
✔ Електрични апарати. Чувајте ги апаратите подалеку од кадата или од мијалникот. Осигурувачите можат да спречат струен удар.
✔ Кутија за играчки. На кутијата за играчки направете една или повеќе дупки за воздух и ставете шарки кои спречуваат капакот да се спушти одеднаш.
✔ Пегла. Пеглата – како и кабелот што виси — нека биде вон дофат на децата.