Младите прашуваат . . .
Што има лошо во препишувањето?
„Сите знаат дека е лошо да се препишува, но тоа е лесно“ (Џими, 17 години).
ДАЛИ некогаш си бил на искушение да ѕирнеш во листот на некој твој соученик додека сте имале тест? Ако да, не си единствениот. Џена, која е четврта година средно училиште, зборува за безобразниот став со кој препишуваат многу нејзини соученици: „Се фалат како го прават тоа“, вели таа. „Те сметаат за чуден ако не препишуваш!“
Во една анкета спроведена во САД, 80 проценти од тинејџерите што се најдобри во својот клас признале дека препишуваат, а 95 проценти од тие „петкаши“ никогаш не биле фатени на дело. Откако била спроведена анкета на повеќе од 20.000 ученици од основно и средно училиште, Институтот за етика Џозефсон заклучил: „Во поглед на чесноста и интегритетот, работите одат од лошо на полошо“. Просветните работници се вчудовидени од тоа колку станала раширена навиката да се препишува! Директорот на едно училиште, Гери Џ. Најлс, дури тврдел: „Всушност, оние што не препишуваат се многу малку“.
Повеќето родители очекуваат нивните деца да се однесуваат чесно кога станува збор за училиштето. Но, за жал, многу млади ја компромитираат својата чесност со тоа што препишуваат. Кои нови методи ги користат? Зошто некои млади се служат со препишување? Зошто треба да ја избегнуваш оваа навика?
Софистицирано препишување
Денешниот препишувач ги користи сите можни лукави методи. Всушност, препишувањето на домашната задача или користењето ливчиња е ништо во споредба со денешните софистицирани техники. Во нив спаѓа употреба на пејџери со кои некој што се наоѓа на друго место ги праќа одговорите на прашањата од тестот; дигитрони однапред програмирани со „додатни“ информации; минијатурни камери скриени во облеката, кои се користат за да се испратат прашањата до некој помошник што се наоѓа на друго место; направи со кои се пренесуваат пораки до блиските соученици со помош на инфрацрвени зраци; па дури и Интернет сајтови што содржат состави по речиси секој предмет!
Просветните работници се обидуваат да го променат алармантниот тренд на препишување, но тоа не е лесно. На крајот на краиштата, секој ученик — или наставник — нема иста претстава за тоа што значи да се препишува. На пример, кога учениците работат во заеднички тимови на некој проект, границата помеѓу чесната соработка и нечесниот заговор можеби не е толку јасна. Потоа, има и такви што можеби го искористуваат трудот на групата оставајќи другите да ја завршат целата работа. „Некои од тие ученици се многу мрзливи — ништо не прават!“, вели Јуџи, кој е на виша школа. „Потоа добиваат иста оценка како и другите. Мислам дека и тоа е исто како препишување!“
Зошто препишуваат?
Според една анкета е откриено дека недоволната подготовка е водечка причина зошто многу ученици одлучуваат да препишуваат. Други ученици, принудени од натпреварувачкиот дух што владее на училиште или од високите очекувања на своите родители, заклучуваат дека немаат друг избор. „На моите родители оценките им се најважни“, вели 13-годишниот Сем. „Ме прашуваат: ‚Каква оценка доби на тестот по математика? Каква оценка доби на писмената задача по англиски?‘ Го мразам тоа!“
Некои се наведени да препишуваат поради постојаниот притисок да добиваат добри оценки. Книгата The Private Life of the American Teenager (Приватниот живот на американскиот тинејџер) вели: „Има нешто неурамнотежено во еден систем во кој притисокот е толку силен што задоволството од учењето честопати е истиснато од притисокот да се постигне успех, понекогаш и по цена на чесноста“. Многу ученици се согласуваат со ова. На крајот на краиштата, никој не сака да добие единица на некој тест, а уште помалку за целиот школски предмет. „Некои едноставно се преплашени дека ќе добијат единица“, забележува Џими, кој е средношколец. „Дури и ако го знаат одговорот, препишуваат за секој случај.“
Големиот број на оние што се спремни да ги жртвуваат начелата на чесноста може да остави впечаток дека не е штетно да се препишува. А понекогаш можеби препишувањето изгледа и сосем корисно. „Вчера видов едно дете што препишуваше на тестот на еден час“, вели 17-годишниот Грег. „Денес ни ги вратија тестовите и тој доби повисока оценка од мене.“ Врз мнозина влијае и тоа што препишувањето е многу раширено меѓу врсниците. „Некои ученици сметаат дека ‚ако другите прават така, морам да правам и јас‘ “, вели Јуџи. Но, дали е така?
Измамлива зависност
Да го споредиме препишувањето со крадење. Дали тоа што многу луѓе крадат го прави крадењето прифатливо? ‚Се разбира дека не‘, можеби ќе речеш — особено ако се украдени твоите пари! Препишувајќи, ние си ја земаме заслугата за нешто што не го заслужуваме — можеби дури и ги искористуваме оние што постапуваат чесно (Ефешаните 4:28). „Едноставно не е фер“, вели Томи, кој неодамна матурирал. „Ти велиш ‚го знам ова‘, а всушност не го знаеш. Значи, лажеш.“ Библиското гледиште за оваа работа јасно се гледа во Колошаните 3:9: „Не лажете се еден со друг“.
Препишувањето може да стане како зависност со која е тешко да се прекине. „Оние што препишуваат сфаќаат дека не мора да учат за да поминат“, вели Џена, „па затоа се потпираат на препишувањето. А штом се препуштени сами на себе, не знаат да се снајдат.“
Начелото што е запишано во Галатите 6:7 е отрезнувачко: „Што човек сее, тоа и ќе пожнее“. Во последиците од препишувањето на училиште може да спаѓа нечистата совест, губењето на довербата од пријателите и намалениот академски напредок поради тоа што го избегнуваш процесот на учење. Како рак што метастазира, ваквата шема на измама може да се рашири и да влијае и врз други подрачја на животот и може да ги затруе твоите најскапоцени односи. А најсигурно од сѐ, ќе влијае врз твојот однос со Бог, кому не му е угодна измамата (Пословици 11:1).
Оние што се потпираат на препишувањето само се лажат себеси (Пословици 12:19). Со своите постапки тие се во многу слична положба како расипаните владетели на древниот град Ерусалим: „Лагата сме ја направиле засолниште, и во невистина се сокривме“ (Исаија 28:15, NW). Меѓутоа, во реалноста, препишувачот не може да ги скрие своите постапки од Бог (Евреите 4:13).
Не препишувај!
Во многу случаи младите вложуваат голем труд и досетливост во препишувањето — а би било многу подобро тоа да го искористат за да стекнат образование на чесен начин. Како што вели 18-годишната Аби, „ако се посветат на учењето како што се посветуваат на препишувањето, веројатно ќе постигнат добар успех“.
Мора да се признае, искушението да се препишува може да биде многу силно. Но, мораш да ја избегнеш оваа морална стапица! (Пословици 2:10—15). Како можеш да го направиш тоа? Прво, сети се зошто си на училиште — за да учиш. Точно, можеби изгледа дека нема голема корист од собирањето факти што можеби никогаш нема да ги користиш. Но, ако го заобиколиш овој процес со тоа што ќе препишуваш, можеш да ја намалиш својата способност да учиш нови работи и да го користиш спознанието на практичен начин. Вистинското разбирање никогаш не се стекнува без напор; тоа чини нешто. Библијата наведува: „Купувај вистина и не ја продавај, придобивај мудрост, поука и разум“ (Пословици 23:23). Да, треба да стекнеш сериозно гледиште за учењето и за подготовката. „Мораш да работиш“, советува Џими. „Така ќе стекнеш самодоверба затоа што ги знаеш одговорите.“
Точно, понекогаш можеби нема да го знаеш секој одговор и затоа можеби ќе добиеш послаба оценка. Сепак, ако не ги компромитираш своите начела, можеби ќе увидиш што треба да направиш за да се подобриш (Пословици 21:5).
Јуџи, цитиран претходно, е Јеховин сведок. Тој објаснува што прави кога соучениците му вршат притисок да им помага да препишуваат: „Како прво — едноставно им кажувам дека сум Сведок“, вели тој. „Тоа многу ми помага затоа што знаат дека Јеховините сведоци се чесни луѓе. Ако некој ме замоли да му дадам одговор за време на некој тест, едноставно велам ‚не‘. Подоцна можам да објаснам зошто сум постапил така.“
Јуџи се согласува со она што им го рекол апостол Павле на Евреите: „Во сѐ сакаме да се однесуваме чесно“ (Евреите 13:18). Тоа што ќе се држиш за високи мерила на чесност и ќе одбиеш да направиш компромис со тоа што ќе препишуваш, ќе им даде вистинска вредност на оценките што ќе ги добиеш. Од училиште ќе однесеш дома еден од најубавите подароци што можеш да им го дадеш на своите родители — доказ за христијански интегритет (3. Јованово 4). Освен тоа, ќе задржиш чиста совест и ќе ја имаш радоста од сознанието дека го радуваш срцето на Јехова Бог (Пословици 27:11).
Затоа, без оглед на тоа колку е вообичаено да се препишува, немој да препишуваш! На тој начин ќе зачуваш добар однос со другите и, што е најважно, со Богот на вистината, Јехова (Псалм 11:7; 31:5).
[Истакната мисла на страница 14]
Оној што препишува честопати не сфаќа дека, всушност, краде
[Истакната мисла на страница 14]
Честопати, препишувањето води до посериозни нечесни постапки
[Истакната мисла на страница 15]
Оној што препишува не може да ги скрие од Бог своите постапки
[Слика на страница 15]
Ако учиш доволно пред тестот, ќе имаш самодоверба