Младите прашуваат
Како да живеам со мојата болест?
„СЛАВА за младите е нивната сила“, пишува во Изреки 20:29 (Превод на МПЦ). Ако си болен или имаш некој инвалидитет, можеби си мислиш дека овој стих не важи за тебе. Но, не мора да значи! Всушност, многу млади што имаат некој инвалидитет или хронична болест надминале огромни пречки. Разбудете се! интервјуираше четворица од нив во врска со тоа.
Хироки од Јапонија од раѓање боледува од церебрална парализа. Тој вели: „Мускулите на вратот не можат да ми ја држат главата исправено, а рацете го прават токму спротивното од она што сакам да го прават. Потполно сум зависен од другите“.
Натали и брат ѝ Џејмс, кои живеат во Јужноафриканската Република, се родени со еден необичен облик на џуџест раст. Натали има и сколиоза, или искривеност на ’рбетот. Таа вели: „Имав четири операции на ’рбетот, а поради сколиозата, имам слаби бели дробови“.
Тимоти од Британија на 17 години дознал дека страда од синдром на хроничен замор. Тој вели: „За помалку од два месеца, од здрав и активен млад човек, станав толку изнемоштен што не можев да стојам на нозе“.
Даниела од Австралија на 19 години дознала дека има дијабетес. Таа вели: „Бидејќи дијабетесот нема видливи симптоми, некои луѓе не сфаќаат колку опасна болест е тоа. Всушност, дијабетесот може да ме убие“.
Ако и ти страдаш од некоја болест или си инвалид, сигурно следниве изјави на Хироки, Натали, Тимоти и Даниела ќе те охрабрат. А ако си здрав, ќе ти помогнат подобро да ги разбереш оние што постојано се борат со такви проблеми.
Разбудете се!: Што ти паѓа најтешко во врска со твојата ситуација?
Натали: Мене ми е најтешко кога гледам како реагираат луѓето кога ќе ме видат. Тоа никогаш не ми е пријатно. Се чувствувам како другите постојано да гледаат во мене.
Даниела: Кај дијабетесот, главниот проблем е да знаеш што да јадеш и колку да јадеш. Ако не внимавам што јадам, може да дојде до хипогликемија, поради што може да паднам во кома.
Хироки: Имам специјална количка која е приспособена на мојата градба и околу 15 часа дневно минувам во една иста положба. Исто така, не спијам добро. Се будам и на најмал звук.
Тимоти: Во почетокот, најтешко ми беше да прифатам дека сум болен. Ми беше срам поради болеста.
Разбудете се!: Со кои други тешкотии се бориш?
Даниела: Од дијабетесот често се чувствувам многу уморна. Ми треба повеќе сон отколку на моите врсници. Освен тоа, дијабетесот е хронична болест за која нема лек.
Натали: Очигледно, тоа што сум многу ниска влијае врз мојот живот. Не е лесно да вршам некои нормални работи — да достигнам некои работи од некој рафт во продавница. Кога пазарувам сама, ми треба многу напор.
Тимоти: Постојано живеам со болки, а некогаш ме фаќа и депресија. Пред да се разболам бев многу активен. Имав работа и возачка дозвола. Спортував, играв фудбал и сквош. А сега сум врзан за инвалидска количка.
Хироки: Имам проблеми со говорот. Поради тоа ми е непријатно и не сакам да почнам разговор со некого. Моите раце прават некои несвесни движења и понекогаш случајно ќе удрам некого. Кога ќе се случи такво нешто, поради проблемите со говорот не можам да изустам ни едно: „Извинете“.
Разбудете се!: Што ти помага во твојата ситуација?
Даниела: Се трудам да се концентрирам на убавите работи во мојот живот. Имам прекрасно семејство, добри пријатели во собранието и, што е најважно, ја имам поддршката од Јехова Бог. Исто така, се трудам да бидам во тек со најновите информации во врска со тоа како да се живее со дијабетес. Ја преземам одговорноста за моето здравје и правам сѐ за да се грижам за себе.
Натали: Молитвата ми е извор на сила. Се трудам да ги решавам проблемите еден по еден. Гледам да сум зафатена со нешто, зашто така немам време за негативни мисли. А имам и прекрасни родители на кои можам да им кажам сѐ што ми ја притиска душата.
Тимоти: Секој ден правам нешто што е поврзано со духовни работи, макар и на неколку минути. На пример, секој ден го почнувам со разгледување на дневниот стих. Проучувањето и молитвата ми се многу важни, особено кога сум потиштен.
Хироки: Се трудам да не се секирам за работи за кои не можам ништо да направам. Тоа е само губење време. Наместо тоа, правам сѐ што можам за да го зајакнам пријателството со Бог и не ја користам болеста како изговор да не ја проучувам Библијата. Кога не можам да спијам, времето го користам за да се молам. (Види Римјаните 12:12.)
Разбудете се!: Како те храбрат другите?
Хироки: Старешините секогаш ме пофалуваат и за она малку што можам да го направам. Исто така, браќата и сестрите во собранието ме земаат со себе на повторни посети и на библиски студии. (Види Римјаните 12:10.)
Даниела: Мислам дека она што најмногу ме допира до срце е кога браќата и сестрите од собранието искрено ќе ме пофалат. Така се чувствувам сакана, а тоа ме охрабрува да продолжам.
Тимоти: Во собранието има една постара сестра која секогаш наоѓа прилика да зборува со мене на состаноците. И старешините и нивните сопруги ме храбрат и ми даваат практични совети. Еден старешина, кој има 84 години, ми помогна да си поставувам достижни цели. Еден слуга помошник ме викна да одам со него во служба и среди да одиме на подрачје каде што е рамно за да можам да одам со мојата инвалидска количка. (Види Псалм 55:22.)
Натали: Само што ќе влезам во Салата на Царството, моите духовни браќа и сестри ме пречекуваат со топла насмевка. Постарите секогаш имаат да ми кажат некоја охрабрувачка мисла, иако и самите имаат проблеми. (Види 2. Коринќаните 4:16, 17.)
Разбудете се!: Што ти помага да бидеш позитивен?
Хироки: Како Јеховин сведок, дел сум од една организација која се состои од луѓе што имаат убава надеж. Тоа што знам дека сум дел од оваа прекрасна организација ми помага да бидам позитивен. (Види 2. Летописи 15:7.)
Даниела: Си мислам колкава само предност имам што ја разбирам Божјата намера. Има луѓе кои се здрави-прави, а сепак не се среќни како мене. (Види Изреки 15:15.)
Натали: Многу ми е важно да бидам со луѓе кои се позитивни. Се охрабрувам и кога читам за други што му служат на Јехова и покрај испитите. А кога одам во Салата на Царството, секогаш знам дека ќе бидам охрабрена и ќе се потсетам колкава чест е да се биде Јеховин сведок. (Види Евреите 10:24, 25.)
Тимоти: Според 1. Коринќаните 10:13, Јехова нема да дозволи да доживееме нешто што не можеме да го издржиме. Си мислам, ако мојот Творец верува дека можам да го издржам овој испит, па кој сум јас да велам дека не е така?
РАЗМИСЛИ
◼ Хироки и Тимоти се врзани за инвалидска количка. Ако си во слична ситуација, како можат нивните зборови да ти помогнат да бидеш позитивен?
◼ Даниела вели дека затоа што „дијабетесот нема видливи симптоми, некои луѓе не сфаќаат колку опасна болест е тоа“. Дали и ти страдаш од некоја болест која нема „видливи симптоми“? Ако да, што можеш да научиш од зборовите на Даниела?
◼ Натали вели дека една од работите што најтешко ѝ паѓаат е реакцијата на луѓето кога ќе ја видат. Како би можел да му помогнеш на некој како Натали да се чувствува поубаво? Ако имаш некоја болест или некој инвалидитет поради кој се чувствуваш како Натали, што ќе ти помогне да бидеш позитивен како неа?
◼ Запиши ги овде имињата на луѓето што ги познаваш кои имаат инвалидитет или страдаат од некоја хронична болест.
․․․․․
◼ Што би можел да правиш за да ги охрабриш?
․․․․․
[Рамка на страница 27]
Утеха од Библијата
◼ Исус од срце сочувствува со болните (Марко 1:41).
◼ Со тоа што ‚лечел секаква болест и секаква немоќ Исус покажал дека, кога Божјето Царство ќе владее со Земјата, ќе ги излечи сите болести (Матеј 4:23).
◼ Во Божјиот нов свет „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“, и нема да има веќе болка (Исаија 33:24; Откровение 21:1-4).
◼ Дури и смртта „ќе биде уништена“ (1. Коринќаните 15:25, 26).
[Слика на страница 26]
Хироки, 23 (Јапонија)
[Слика на страница 26]
Натали, 20 (ЈАР)
[Слика на страница 26]
Тимоти, 20 (Британија)
[Слика на страница 26]
Даниела, 24 (Австралија)