„Падна мрак среде бел ден“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БЕНИН
„ЗАТЕМНУВАЊЕ на Сонцето — милиони останаа без здив!“, гласеше насловот на првата страница од весникот Daily Graphic што излегува во Гана, еден ден по целосното затемнување на Сонцето на 29 март 2006 год. Затемнувањето започна од источниот брег на Бразил, продолжи да се движи над Атлантскиот Океан со брзина од околу 1.600 километри на час, и отприлика во 8 часот претпладне настапи во Гана, Того и Бенин. Како изгледаше затемнувањето во овие приморски земји на западна Африка?
Во Гана, претходното целосно затемнување на Сонцето настапи во 1947 год. Теодор, кој во тоа време имал 27 години, си спомнува: „Многумина не можеа да си објаснат што се случува бидејќи никогаш во животот немаа видено такво нешто. За да го опишат затемнувањето, велеа дека ‚паднал мрак среде бел ден‘“.
Апел до граѓаните
Властите организираа обемни информативни кампањи за да ги предупредат граѓаните колку е опасно директно да се гледа во Сонцето во текот на затемнувањето. Низ Того беа испозалепени привлечни плакати со натпис: „Заштити си ги очите! Би можел да ослепиш!“
Владините службеници дадоа два предлога — или да се остане дома и затемнувањето да се следи преку телевизија, или, да се биде надвор, но со посебни заштитни очила. Милиони го следеа овој настан приковани за телевизиските и за компјутерските екрани. Сепак, екраните никогаш не би можеле да ја пренесат возбудливата атмосфера што ја предизвикаа љубопитството и раздвиженоста пред и за време на затемнувањето. Како изгледаше да се биде дел од овој настан?
Возбудата расте
Ништо не укажуваше на тоа дека ќе се случи нешто необично. Времето беше сончево и ведро — типично утро за западна Африка. Дали навистина ќе има затемнување? Како што наближуваше одреденото време, оние што останаа надвор си ги ставија очилата и го вперија погледот кон небото. Преку мобилни телефони, некои ги прашуваа своите познајници од други места што можат да видат.
На повеќе од 350.000 километри од набљудувачите, Месечината, која отпрвин не се гледаше, незапирливо се движеше во пресрет на Сонцето. Одеднаш се појави една мала, темна лента која почна да го покрива Сонцето. Возбудата растеше додека набљудувачите ја здогледуваа еден по друг.
Во текот на првиот час, луѓето не можеа да забележат никаква видлива промена околу себе. Но, Месечината продолжи со својот освојувачки поход и по извесно време завладеа поинаква атмосфера. Синото небо се стемни. Температурата се спушти. Утринскиот мрак предизвика да се вклучат уличните и сигурносните светла. По улиците немаше жива душа. Продавачите ги затвораа дуќаните. Птиците престанаа да пеат, а животните бараа засолниште за да си легнат. Стануваше сѐ потемно. И, во еден момент настапи потполно затемнување и завладеа мртва тишина.
Незаборавен настан
Ѕвездите затрепкаа на небото, а околу црната Месечина можеше да се види величествената корона на Сонцето (надворешниот дел од Сончевата атмосфера) која личеше на бисерно-бел ореол. Низ нерамната, кружна површина на Месечината почнаа да се пробиваат сончевите зраци кои можеа да се видат најпрво во облик на неколку блескави точки наречени Бејлиев бисерен ѓердан,a а потоа во облик на дијамантски прстен. Низ хромосферата (вториот слој под короната) почна да зрачи розова боја. „Тоа беше најубавото нешто што сум го видел во животот. Просто те остава без здив!“, извика еден набљудувач.
Целосното затемнување траеше околу три минути. Потоа, Сонцето почна да се наѕира зад Месечината. Се слушнаа извици и ракоплескање. Небото се разведри, а ѕвездите исчезнаа. Морничавата атмосфера се крена како да е утринска магла.
Тоа што Месечината е „верен сведок на небото“ овозможува затемнувањата да се пресметаат со векови однапред (Псалм 89:37). Западна Африка мораше да чека речиси 60 години за да доживее потполно затемнување на Сонцето. За следното ќе мора да почека до 2081 год. Но, можеби ти ќе можеш многу порано да бидеш сведок на ваква појава во твојата земја.
[Фуснота]
a Наречен така по британскиот астроном Франсис Бејли, кој прв ја документирал оваа појава при затемнувањето во 1836 год.
[Рамка/слика на страница 29]
Дали при смртта на Исус настапило затемнување на Сонцето?
Во Марко 15:33 стои: „А во шестиот час, се спушти темнина по целата таа земја и траеше сѐ до деветтиот час“. Оваа тричасовна темнина (од пладне до околу 15 часот) била чудо, а не затемнување на Сонцето. Како прво, најдолгото затемнување на Сонцето во кој и да било дел од Земјата трае отприлика седум и пол минути. Како второ, Исус умрел на 14-тиот ден од лунарниот месец нисан. Првиот ден од нисан се совпаѓа со појавата на младата месечина. На тој ден Месечината се наоѓа меѓу Земјата и Сонцето и може да предизвика затемнување. До 14 нисан, Месечината има изминато половина од својата орбита. На овој датум, Земјата се наоѓа меѓу Сонцето и Месечината, која не ја попречува, туку напротив, ја рефлектира сончевата светлина. Затоа, секогаш кога се одбележува смртта на Исус, месечината е полна.
[Слика]
На 14 нисан месечината секогаш е полна
[Графикон/карта на страници 28 и 29]
(Види во публикацијата)
Патеката на затемнувањето
●
⇧
●
⇧
●
⇧ АФРИКА
БЕНИН ●
⇧
ТОГО ●
⇧
ГАНА ●
⇧
●
⇧
●
⇧
●
⇧
●
⇧
●
[Извор на слика]
Карта: на темел на NASA/Visible Earth imagery
[Слика на страница 28]
Целосното затемнување на 29 март 2006 год.
[Слика на страница 28]
Затемнувањето можеше да се набљудува со помош на посебни заштитни очила