Комуникација со свиркање
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО МЕКСИКО
◼ Мазатеките, кои живеат на планинскиот масив Оаксака (Мексико), немаат ниту мобилни ниту фиксни телефони. Сепак, можат да комуницираат на оддалеченост од два и повеќе километри, како на пример, кога работат на плантажите за кафе. Како успеваат во тоа? Ваквиот облик на нивниот јазик се развил многу одамна. Еден млад мазатек по име Педро вели: „Мазатеко е тонален јазик. Затоа, кога свиркаме, ние го имитираме тонот и ритамот на говорниот јазик. А свиркаме само со усните — не со помош на прсти“.a
Фиденсио, кој му е пријател на Педро, објаснува која е предноста на артикулираното свиркање: „Оваа форма на комуникација ја користиме кога сме многу далеку, а ваквите разговори се најчесто кратки. На пример, таткото можеби го испратил син му до продавница да купи тортиљи, но заборавил да му каже да земе и домати. Ако детето е премногу далеку за да го чуе гласот на татко си, тој може да му го ‚исвирка‘ тоа“.
Понекогаш и Јеховините сведоци комуницираат со свиркање меѓу себе. Педро вели: „Кога ги посетувам зафрлените подрачја и сакам да поканам друг Сведок да ми се придружи, не морам да одам дури до кај него дома, туку му свиркам“.
„Можеме да препознаеме кој ‚зборува‘ бидејќи секој свирка на свој начин“, вели Педро. „Ваквиот ‚говор‘ го користат само мажите. Жените може да го разбираат јазикот, па дури и да го користат со членовите на семејството, но не и за да му се обратат на некој непознат маж. Тоа се смета за непристојно.“
Мазатеките воопшто не се единствените кои комуницираат на ваков начин. Тоа го прават и други народи на Канарските Острови, во Кина и на Папуа Нова Гвинеја, кои обично живеат во планински краишта или во густи шуми. Постојат повеќе од 70 вакви јазици, а најмалку 12 од нив се проучувани.
Не можеме да не се восхитуваме на генијалноста на човекот. Креативноста во комбинација со нескротливата желба за комуникација зависат потполно од фантазијата, која изгледа не знае за граници!
[Фуснота]
a Една публикација објаснува: „Мазатеките можат да кажат многу работи правејќи варијации во брзината, бојата на звукот и јачината на свирката“.