Книга во која можеш да имаш доверба — прв дел
Египет во библиската историја
Библијата била пишувана во период од околу 1.600 години. Нејзината историја и нејзините пророштва се поврзани со седум светски сили: Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија, Грција, Рим и Англо-Америка. За секоја од нив ќе стане збор во овој циклус од седум статии. Нивна цел е да покажат дека Библијата е веродостојна и вдахновена од Бог и дека нејзината порака влева надеж дека ќе им дојде крајот на страдањата што се последица на лошото владеење на луѓето.
ЕГИПЕТ, познат по своите пирамиди и по реката Нил, бил првата светска сила од библиската историја. Под нејзина закрила, настанал израелскиот народ. Мојсеј, кој ги запишал првите пет книги од Библијата, бил роден и стекнал образование во Египет. Дали световната историја и археологијата го потврдуваат она што го напишал Мојсеј за оваа древна земја? Да разгледаме неколку примери.
Веродостојна историја
Титули и поими. Точната историја честопати ја дознаваме преку деталите, како што се обичаите, правилата на однесување, имињата, титулите на службениците итн. Дали, во овој поглед, првите две книги од Библијата, 1. и 2. Мојсеева, се покажале точни? Во врска со извештајот за Јосиф, синот на Јаков, кој е запишан во 1. Мојсеева, и во врска со библиската книга 2. Мојсеева, Џ. Гароу Данкан вели: „[Библискиот писател] сосема добро ги знаел египетскиот јазик, обичаите, верувањата, животот и правилата на однесување на царскиот двор, како и бирократијата“ (Нови сознанија за потеклото на Евреите — New Light on Hebrew Origins). Тој додава: „[Писателот] ја употребува соодветната титула, и тоа токму онака како што се користела во периодот за кој пишува... Всушност, ништо друго не дава поубедливи докази за веродостојноста на писателите на Стариот завет и за тоа дека тие имале темелно познавање за работите во Египет од употребата на зборот фараон во различни периоди“. Како што вели Данкан, „кога [писателот] опишува како се однесувале луѓето во присуство на фараонот, покажува дека тие се придржувале за дворските правила на однесување и начин на зборување“.
Изработување тули. Додека биле робови во Египет, Израелците правеле тули од глина помешана со слама, која служела како врзивно средство (2. Мојсеева 1:14; 5:6-18).a Во една книга од пред неколку години пишува: „Речиси на ниедно друго место [не се правеле тули] како во Египет, каде што тулите сушени на сонце до ден-денес се типичен градежен материјал“ (Градежните материјали и производните гранки во древниот Египет — Ancient Egyptian Materials and Industries). Во книгата се спомнува и „египетскиот обичај да се користи слама за правење тули“, со што се поткрепува тој дополнителен детаљ запишан во Библијата.
Бричење. Евреите во старо време носеле бради. Но, Библијата ни кажува дека Јосиф се избричил пред да се појави пред фараонот (1. Мојсеева 41:14). Зошто? Постапил во склад со египетскиот обичај и правила на однесување, според кои било нечисто да се има влакна по лицето. „[Египќаните] се гордееле што биле мазно бричени“, пишува во книгата Животот во древниот Египет (Everyday Life in Ancient Egypt). Всушност, во египетските гробници се пронајдени козметички комплети со бричеви, пинцети и огледала, како и кутивчиња за нив. Ова јасно покажува дека Мојсеј многу педантно ги запишувал работите. Истото може да се рече и за другите библиски писатели што запишувале настани поврзани со древниот Египет.
Деловни односи. Еремија, кој ги напишал двете книги за Царевите, навел конкретни детали во врска со трговијата со коњи и коли меѓу Соломон и Египќаните и Хетејците. Библијата кажува дека една кола чинела „шестотини сребреници и еден коњ... сто и педесет“, односно една четвртина од цената на една кола (1. Царевите 10:29).
Според книгата Археологијата и религијата на Израел (Archaeology and the Religion of Israel), и грчкиот историчар Херодот и археолошките откритија потврдуваат дека во царството на Соломон имало развиена трговија со коњи и коли. Всушност, „била воведена стандардна размена од четири... коњи за една египетска кола“, пишува во книгата, со што се потврдува точноста на податоците во Библијата.
Војување. Еремија и Езра исто така го спомнуваат освојувањето на Јуда од страна на фараонот Сисак, конкретно наведувајќи дека тоа се случило „во петтата година од царувањето на [јудејскиот цар] Ровоам“, односно во 993 год. пр.н.е. (1. Царевите 14:25-28; 2. Летописи 12:1-12). Долго време, Библијата била единствениот извор на информации за тоа освојување. Но, еден ден бил откриен релјеф на ѕидовите на еден египетски храм во Карнак (древна Теба).
На релјефот бил прикажан Сисак како стои пред богот Амон, со крената рака како да удира заробеници. Запишани се и имињата на освоените израелски градови. Многу од нив се совпаѓаат со имињата на одредени библиски места. Освен тоа, на релјефот се спомнува и „нивата на Авраам“, што е најрано спомнување на Авраам во египетските записи (1. Мојсеева 25:7-10).
Очигледно, библиските писатели не пишувале бајки. Свесни дека се одговорни пред Бог, тие ја пишувале вистината, дури и кога тоа не им одело во прилог — како во случајот за победите на Сисак врз Јуда. Таквата искреност е во остра спротивност со накитените, претерани записи на древните египетски писари, кои не сакале да запишат ништо што не би им ласкало на нивните владетели или на нивниот народ.
Веродостојни пророштва
Само Јехова Бог, Авторот на Библијата, може без грешка да ја претскаже иднината. На пример, забележи што прорекол Еремија под Божје водство во врска со два египетски града — Мемфис и Теба. Мемфис, или Ноф, некогаш бил важен трговски, политички и религиозен центар. Сепак, Бог рекол: „Ноф ќе стане грозна глетка и ќе биде изгорен, за да нема жители во него“ (Еремија 46:19). Така и се случило. Во книгата По стапките на законодавецот Мојсеј (In the Steps of Moses the Lawgiver) пишува дека Арапите ги користеле „џиновските урнатини на Мемфис“ како извор на камења, и така ги срамниле со земја. Потоа се додава дека денес „во околината на тој древен град човек веќе не може да најде ниту еден единствен камен“.
Теба, во минатото наречена Но-Амон или само Но, заедно со нејзините немоќни богови, доживеала слична судбина. Во врска со оваа некогашна престолнина на Египет и главен центар на обожавањето на богот Амон, Јехова рекол: „Ќе се пресметам со Амон... со фараонот, со Египет, со неговите богови... Ќе ги предадам... во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар“ (Еремија 46:25, 26). Точно како што било проречено, овој вавилонски владетел го освоил Египет и неговиот значаен град Но-Амон. Потоа, по нападот на персискиот владетел Камбис II во 525 год. пр.н.е., градот почнал да пропаѓа сѐ додека на крајот Римјаните не го уништиле целосно. Да, точните пророштва ја издвојуваат Библијата од сите други пророчки книги, а тоа ни влева доверба во она што го кажува за иднината.
Сигурна надеж
Првото пророштво од Библијата го запишал Мојсеј во времето кога Египет бил светска сила.b Се наоѓа во 1. Мојсеева 3:15 и открива дека Бог ќе обезбеди „потомство“ кое ќе го уништи Сатана и неговото „потомство“, т.е. оние што станале злобни како Сатана (Јован 8:44; 1. Јованово 3:8). Главното „потомство“ на Бог бил Месијата, Исус Христос (Лука 2:9-14).
Христос ќе владее со целата Земја и ќе ја отстрани сета злоба и сите неправедни човечки влади од неа. Повеќе нема ,човек да владее над човек на негова штета‘ (Проповедник 8:9). Освен тоа, исто како што Исус Навин од минатото ги вовел Израелците во Ветената земја, така и Исус безбедно ќе воведе едно „големо мноштво“ од богобојазливи луѓе во една многу повеличествена „Ветена земја“ — планетата Земја исчистена и претворена во рај (Откровение 7:9, 10, 14, 17; Лука 23:43).
Оваа скапоцена надеж нѐ потсетува на уште едно пророштво запишано во времето на древниот Египет. Се наоѓа во Јов 33:24, 25 и ни открива дека Бог ќе ги избави луѓето дури и од „јамата“, односно гробот, на тој начин што ќе ги воскресне. Да, освен оние што ќе преживеат кога злобните ќе бидат уништени, уште милиони што сега се мртви ќе бидат вратени во живот со можност да живеат вечно во Рајот на Земјата (Дела 24:15). „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето“, пишува во Откровение 21:3, 4. „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка.“
Веродостојна историја и пророштва — ова е главната тема и на следната статија од овој циклус, во која ќе зборуваме за древната Асирија, светската сила што настапила на сцена по Египет.
[Фусноти]
a Ако немаш Библија, а имаш пристап на интернет, би можел да ја читаш Библијата на повеќе јазици на www.watchtower.org. Таму ќе најдеш рамка со наслов Read the Bible Online.
b Пророштвото запишано во 1. Мојсеева 3:15 го кажал Бог во еденската градина, а подоцна го запишал Мојсеј.
[Рамка/слика на страница 18]
ПЛОЧАТА НА МЕРНЕПТА
Во 1896 год., во еден египетски храм за погребни церемонии, археолозите ја откриле таканаречената Плоча на Мернепта. Оваа плоча од црн гранит е испишана со фалбаџиски опис на подвизите на египетскиот цар Мернепта, за кој се смета дека владеел при крајот на 13 век пр.н.е. На плочата е врежана една ода, која делумно гласи: „Израел е опустошен, сотрено е неговото семе“. Ова е единствениот древен египетски текст во кој се спомнува Израел, како и најстар вонбиблиски текст во кој се зборува за овој народ.
Плочата потекнува од времето на судиите што е опишано во истоимената библиска книга. Меѓутоа, за разлика од фалбаџиските записи на фараоните, во Книгата за судиите се известува не само за подвизите туку и за пропустите на Израелците. Во врска со пропустите, во Судиите 2:11, 12 пишува: „Синовите на Израел почнаа да го прават она што е зло во очите на Јехова и да им служат на Вааловците [ханаански богови]. И го оставија Јехова... кој ги изведе од египетската земја“. Таква искреност може да се види низ целата Библија.
[Слика на страница 18]
Todd Bolen/Bible Places.com
[Слики на страница 16]
Во Египет сѐ уште се користат тули со слама сушени на сонце
[Слика на страница 16]
Дел од египетски прибор за бричење — брич и огледало
[Слика на страница 16]
На овој релјеф во Карнак се запишани имињата на освоените израелски градови
[Слика на страници 16 и 17]
Оваа џиновска урната статуа, пронајдена во близината на Мемфис, некогаш била висока околу 12 метри
[Извор на слика на страница 15]
Египет, фараон; и Рим, Нерон: Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum; Медо-Персија, ѕиден релјеф: Musée du Louvre, Париз
[Извор на слика на страница 16]
Прибор за бричење: © The Metropolitan Museum of Art/Art Resource, NY; релјеф во Карнак: Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.; статуа во Мемфис: Со љубезна дозвола на Daniel Mayer/Creative Commons