Раѓањето како чудо
КОНЕЧНО, по девет месеци, долгоочекуваната принова е спремна да дојде на свет.a Во текот на бременоста, грлото на матката е цврсто затворено, со што фетусот е заштитен. Но, сега грлото на матката се истенчува, омекнува и се отвора. Така почнува едно вистинско чудо — раѓањето.
Што стои зад овој неверојатен процес? Од многуте фактори што се вклучени, два се посебно чудесни. Прво, се ослободува окситоцин, хормон што се создава во мозокот. Овој хормон го имаат и мажите и жените, но кога кај бремената мајка почнуваат трудовите, тој се лачи во големи количини, што предизвикува ширење на грлото на матката и контракции.
Сѐ уште не е познато како хипофизата на една бремена жена знае кога да почне да го лачи овој хормон. Книгата Неверојатно патување — истражување на човечкото тело (Incredible Voyage—Exploring the Human Body) вели: „На некој начин, нејзиниот мозок чувствува дека бременоста е завршена и дека е време силните мускули на матката... да се зафатат со краткотрајниот, но важен чин“.
Вториот фактор е улогата што ја има постелката, или плацентата, која престанува да лачи прогестерон. За време на бременоста, прогестеронот спречува да дојде до силни контракции. Но, без овој хормон, доаѓа до контракции на матката. Обично, по 8 до 13 часа родилни болки, бебето излегува низ опуштеното и проширено грло на матката. Потоа се исфрла и плацентата.
Новороденчето мора брзо да се приспособи на новите услови за живот, кои се многу поинакви од оние во стомакот на мајката. На пример, додека е во матката, неговите бели дробови се полни со амнионска течност, која истекува кога бебето минува низ породилниот канал. Кога ќе се роди, белите дробови мора да се исполнат со воздух кој ќе го започне процесот на дишење, за што обично е потврда првиот плач. Големи промени се случуваат и во неговото срце и крвоток. Отворот помеѓу двете срцеви преткомори и крвниот сад што спречува крвта да минува низ белите дробови се затвора, со што крвта се пренасочува кон белите дробови од каде го зема кислородот. Неверојатно е колку брзо се случува ова приспособување!
Бременоста и раѓањето нѐ потсетуваат на библиските зборови: „Сѐ си има свое време, сѐ што се прави под небото си има свое време“. Тоа вклучува и „време за раѓање“ (Проповедник 3:1, 2). Сигурно ќе се согласиш дека низата биохемиски и физички процеси, кои се случуваат за само неколку часа, се јасен доказ дека се дело на нашиот Создател, кого Библијата го нарекува „изворот на животот“ (Псалм 36:9; Проповедник 11:5).
[Фуснота]
a Бременоста, или гравидитетот, обично трае од 37 до 42 седмици.
[Графикон/слики на страници 16 и 17]
Како се раѓа едно бебе
1 Пред да почнат родилните болки
2 Фетусот се поместува кон породилниот канал
3 Грлото на матката се шири
4 Фетусот излегува
[Графикон]
(Види во публикацијата)
1
плацента
вагина
грло на матката
2
3
4