Поглед во светот
Резултатите од примероците земени од копчињата на банкомати во повеќе градови во Англија покажаа дека на копчињата има исто толку потенцијално опасни бактерии колку и на шолјите во јавните тоалети (THE TELEGRAPH, БРИТАНИЈА).
„Понекогаш научниците се потполно изненадени од земјотресите [како оние во Нов Зеланд оваа година и на Хаити минатата година] бидејќи се случиле на неоткриени раседи... Ова наметнува едно загрижувачко прашање: Уште колку големи земјотреси би можеле да се случат на недоистражените или непознати раседи?“ (THE NEW YORK TIMES, САД).
„Четворицата најбогати луѓе во светот... под своја контрола имаат богатство поголемо од капиталот на 57-те најсиромашни земји во светот заедно“ (FOREIGN POLICY, јануари/февруари 2011, САД).
Сопствениците на 90 отсто од бизнисот во Полска известуваат дека во изминатите две години биле жртви на кражба или измама од страна на своите вработени (GAZETA PRACA, ПОЛСКА).
Католичката црква во Бразил сега им наплаќа казна од 300 американски долари на невестите што ќе задоцнат на венчавката. Двојките мораат да напишат чек пред венчавката, кој ќе им биде вратен само ако пристигнат навреме (G1, БРАЗИЛ).
Папата повеќе не е донатор на органи
Според италијанскиот весник La Repubblica, како кардинал во Католичката црква, Јозеф Рацингер беше на списокот со донатори на органи. Но сега, како папа Бенедикт XVI, повеќе не е донатор. Зошто? „Телото на понтифот ѝ припаѓа на целата Црква“, објаснува надбискупот Зигмунд Жимовски, член на ватиканската хиерархија. „Затоа е сосема разбирливо кога еден папа ќе умре, неговото тело да остане недопрено зашто постои веројатност во иднина да биде обожавано.“
Пари или живот?
Дали луѓето би биле спремни да дадат година од својот живот за милион евра? Според една анкета што за списанието Reader’s Digest Deutschland ја спроведе институтот за испитување на јавното мислење „Емнид“, секој четврти маж и секоја шеста жена во Германија би го направиле тоа. Колку помлади биле анкетираните толку поспремни биле на такво нешто — 29 отсто од лицата меѓу 14 и 29 години и 25 отсто од оние меѓу 30 и 39 години. Но, колку постари се луѓето толку повеќе го ценат животот. Само 13 отсто од лицата на возраст меѓу 50 и 59 години и 11 отсто од оние над 60 години можеле да си замислат да продадат година од својот живот.