Што вели Библијата
Кој може да го смени светот?
„Луѓето сакаат одговори од нивните водачи. Очекуваат решенија, а не само компромиси или изговори“ (БАН КИ-МУН, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ)
ЖИВЕЕМЕ во период кој во Библијата е наречен „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). На вести главно слушаме за војни, тероризам, економски проблеми и сериозна еколошка закана.
Постои ли барем некаква надеж дека работите ќе се подобрат? Можат ли човечките влади да ги решат проблемите во светот? Или треба да очекуваме помош од некој друг?
Што тврдат многу нации
Многу нации тврдат дека Бог е на нивна страна. На пример, во американската заклетва за верност се тврди дека САД се „една нација под Бог“, а на монетите и банкнотите во таа земја стојат зборовите „Во Бога веруваме“.
Се разбира, многу од жителите на САД не ни веруваат дека Бог постои, а исто е и во други земји кои тврдат дека Бог е на нивна страна. Дури и луѓето кои веруваат во Бог имаат различни ставови во врска со тоа колку Бог е вмешан во светските случувања.
● Некои велат дека Бог воопшто не е заинтересиран за луѓето и дека ги оставил сами да управуваат над себе.
● Други велат дека Бог дејствува преку човечките влади и дека може да ги благослови нивните напори да го сменат светот.
Дали и ти веруваш во некое од овие тврдења или, пак, во некое трето?
Размисли: Ако е точно првото тврдење, тогаш сме во безизлезна ситуација. Ако е точно второто тврдење, тогаш се наметнува прашањето: ‚Дали Бог издигнува една нација над друга? Ако две страни одат во војна и се молат за победа, на чија страна ќе биде Бог?‘ Можно ли е да не е на ничија страна?
Што ни кажува Библијата
1. Човекот не е создаден да управува со самиот себе. Библијата вели: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Историјата потврдува дека овие зборови се точни. Човечките влади не го направиле светот подобро место за живеење, дури и кога владетелите имале високи идеали и најдобри намери. Напротив, „човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9).
2. На Бог не му е сеедно кога страдаме. Тој е свесен во каква ситуација се наоѓаме и сочувствува со нас. Што е уште поважно, ќе преземе чекори за да ни помогне. Како? Преку неговото Царство, кое „нема никогаш да пропадне“ (Даниел 2:44).
3. Божјето Царство е реална влада. Тоа е она Царство за кое милиони искрени верници се молат кога ја кажуваат молитвата Оченаш. Во неа луѓето го преколнуваат Бог: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Забележи дека Божјето Царство не е поврзано само со небото; тоа ќе овозможи Божјата волја да се врши и на Земјата.
4. Бог може да го смени светот, а тоа и ќе го стори преку Божјето Царство. Ако ова ти звучи неверојатно, разгледај што учи Библијата.
● Бог му дал на човештвото совршено добар почеток во место на кое владеел мир (1. Мојсеева 1:27-31).
● Иако околу нас гледаме само проблеми, Бог не се откажал од својата намера со Земјата (Псалм 37:11, 29).
● Бог веќе презел чекори за да може Земјата — и човештвото — да станат онакви какви што отсекогаш имал намера да бидат (Јован 3:16).
Би сакал ли да дознаеш нешто повеќе за Божјето Царство и за тоа како оваа влада ќе го промени светот? Јеховините сведоци, кои го издаваат ова списание, со задоволство ќе ти помогнат во тоа. Следниот пат кога ќе ти дојдат на врата, би можеле да разговарате на следниве теми:
● Што е Божјето Царство?
● Какви промени ќе направи?
● Кога и како Божјето Царство ќе ги направи овие промени?
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто човечките влади се немоќни да го променат светот? (Еремија 10:23)
● Како Бог покажал дека се грижи за нас? (Јован 3:16)
● Што ќе направи Божјето Царство за Земјата и за луѓето што ќе живеат на неа? (Псалм 37:11, 29)
[Истакната мисла на страница 27]
Можат ли човечките влади да ги решат проблемите во светот? Или треба да очекуваме помош од некој друг?