ПОГЛАВЈЕ 22
Чудото кај Црвеното Море
Кога фараонот слушнал дека Израелците навистина си заминале од Египет, зажалил што ги пуштил. Тој им наредил на своите војници: „Брзо спремете ги воените коли, да тргнеме по нив! Не требаше да им дозволиме да си одат“. Така фараонот, заедно со своите слуги, тргнал по Израелците.
Јехова го водел својот народ со помош на еден облак преку ден, а со оган преку ноќ. Тој ги одвел до Црвеното Море и им кажал да постават шатори.
По некое време, Израелците виделе дека фараонот доаѓа по нив со една цела војска. Изгледало како да се фатени во стапица — од едната страна имало море, а од другата страна била египетската војска. Луѓето исплашено викале кон Мојсеј: „Ќе умреме! Требаше да нѐ оставиш во Египет!“ А Мојсеј им рекол: „Не плашете се. Чекајте, и со свои очи ќе видите како Јехова ќе нѐ спаси“. Мојсеј покажал многу силна вера во Јехова, нели?
Јехова им рекол на Израелците да се спремат за тргнување. Таа ноќ, тој го преместил облакот и го ставил помеѓу нив и Египќаните. Така, од страната на Египќаните било темно, а од страната на Израелците било светло.
Јехова му рекол на Мојсеј да ја испружи раката кон морето. Тогаш Јехова пуштил силен ветар да дува цела ноќ. Ветрот го разделил морето, и во средината се направила патека. Така целиот народ го преминал морето по сувата патека меѓу два ѕида од вода.
И војската на фараонот тргнала по Израелците по истата патека среде морето. Тогаш Јехова направил збрка меѓу војниците. Тркалата на нивните коли почнале да се вадат и да летаат на сите страни. Војниците викале: „Да бегаме одовде! Јехова се бори за нив!“
Јехова му рекол на Мојсеј: „Испружи ја раката кон морето“. Одеднаш, водите се вратиле и ја потопиле целата египетска војска. Фараонот и неговите војници умреле. Никој од нив не преживеал.
На другата страна од морето, една голема група луѓе го фалеле Јехова со песна: „Пејте му на Јехова, затоа што многу се прослави. Коњот и јавачот ги фрли во морето“. Додека сите пееле, жените играле и удирале на дајриња. Тие многу се радувале што биле на слобода.
„Исполнети со храброст, можеме да речеме: ’Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?‘“ (Евреите 13:6)