Островите во Индискиот Океан ја слушаат добрата вест
РАСПОРЕДЕНИ во форма на лак северно од Мадагаскар и распространети на преку 3,9 милиони квадратни километри, во северниот дел од Индискиот Океан се наоѓаат островите Родригес, Маврициус, Реинион, Сејшели, Мајоте и Коморите. Иако зафаќаат толку големо пространство, вкупната копнена површина на овие острови изнесува околу 7 300 квадратни километри. Со 2,3 милиони жители, тие спаѓаат меѓу најгусто населените острови на светот.
Во тоа население спаѓаат околу 2 900 Сведоци на Јехова, кои марливо работат на проповедањето на добрата вест за Божјето Царство помеѓу жителите на островите. Бидејќи се изолирани, овие Сведоци особено ги ценат посетите на патувачките надгледници и годишните конгреси што ги подготвува подружницата на Друштвото Стражарска кула во Вакоас, Маврициус. Тоа се прилики кога можат вистински да се насладуваат на значењето на зборовите од Исаија 42:10: „Пејте Му на Господа [Јехова, NW] нова песна, похвална за Него од земните краишта, вие што пловите по море, и сѐ, што го полни, островите и оние што живеат на нив“.
Неодамна, претставници на подружницата патуваа до островите за да ги посетат собранијата и да ја одржат годишната серија од посебни еднодневни конгреси, кои ја изнесоа темата „Бидете свети во сето свое живеење“, темелена на 1. Петрово 1:15. За да се покрие огромниот океански простор, најголем дел од патувањето беше по воздух — понекогаш со современ џамбо џет, но често со многу помали пловни објекти на пропелер. Исто така беа користени шкуни и мали пловни бригови. Појди со нас, и види како островите на далечниот Индиски Океан ја слушаат добрата вест!
Прва станица — Родригес
По час и половина летање со авион од Маврициус, здогледуваме корален гребен. Тој го обележува надворешниот раб на една голема лагуна која опкружува мала точка копно во Индискиот Океан. Тоа е нашата прва станица, островот Родригес.
Аеродромот е изграден на корална испакнатина од копното, наречена Поан Корел. Коралот во овој дел е толку дебел што може да се исече во градежни блокови. Еден мал автобус нѐ носи по тесен, кривулест пат од аеродромот до главниот град Пор Матуран. На едно место можеме од островот да гледаме до далечните корални гребени, сината лагуна и карпестата линија на брегот. Дождовната сезона само што престанала, па ридовите се покриени со груба, сунѓереста трева и по нив распрскани говеда, овци и кози што пасат.
Една мала, уредна Царска сала во центарот на Пор Матуран е местото за нашиот посебен еднодневен конгрес. Делото во Родригес за првпат започна во 1964. Сега, со 37 000 жители, овде има 36 објавители на добрата вест. Колкава радост е да се видат присутни 53 лица и да се крсти 18-годишно момче. Неговата мајка, иако не знае да чита и да пишува, ја прифатила вистината во 1969, и продолжила да му служи на Јехова и покрај противењето од семејството. Сега две од нејзините деца се предадени на Јехова.
После конгресот, поминуваме една недела проповедајќи на островот. Зборуваме на нашиот маврициски креолски јазик, затоа што тој јазик се зборува и овде на Родригес. Се возиме со автобус и одиме пеш за да стигнеме до нашето подрачје — зелена долина која се протега од планинскиот пат до морето. Каква прекрасна глетка — тиркизна лагуна, бел корален гребен и длабок син океан во позадината! Освежени од богатиот, незагаден воздух, подготвени сме да тргнеме.
Ги следиме малите патеки преку полињата и поминуваме долж и попреку мочурлив поток за да ги достигнеме многуте мали куќи во долината. Срдечно нѐ пречекуваат во секој дом и разговараме со домаќините за благословите на Царството што наскоро ќе дојдат. За кратко време поминуваме далеку низ долината, и време е да си одиме дома. Тоа значи повеќе качување и пешачење со часови, но месната гостољубивост ни доаѓа на помош — ни понудуваат да се возиме во задниот дел од еден џип. После тој напорен излет, драго ни е што можеме да се вратиме на удобностите на убавиот бетелски дом во Вакоас.
Предвидени се два дена за посебен состанок во градската сала. Првиот ден доаѓаат 760 лица. Тоа е половина од 12-те собранија на островот. Следниот ден, истата програмата ја споделуваме со 786 луѓе од другите шест собранија. Преку викендот, четворица нови се крштеваат. Има 30 специјални и 50 општи пионери кои учествуваат во донесувањето на добрата вест до островјаните.
Далечните Сејшели
Наскоро е време повторно да полетаме, директно на север преку 1 600 километри на отворено море до островот Махе во Сејшелите, наречен Зол Елвениен Сесел кој на креолски значи „Далечните Сејшелски Острови“. Поради оддалеченоста, подружницата може да организира само две посети годишно. Денот на посебниот состанок и покраинскиот конгрес се одржуваат три дена едноподруго на пролет. Обласниот конгрес се одржува подоцна во годината. Сега, во средината на октомври, дојдени сме на обласниот конгрес, а потоа една седмица ќе бидеме во посета на собранието. И овде повторно можеме да се служиме со нашиот маврициски креолски јазик.
Браќата од соседните острови Пралан и Ла Дег веќе пристигнале. Колку е возбудливо што има претставници од 12 националности! Местото на одржување на конгресот е во месната Царска сала, голема преадаптирана гаража позади домот на еден од Сведоците. Бидејќи само шестмина браќа, вклучувајќи ги и посетителите, се оспособени да учествуваат во програмата, некои имаат предност да одржат повеќе предавања во текот на четирите дена. Овие 81 објавител се воодушевени што можат да видат 216 присутни на последниот ден од конгресот.
После конгресот, со шкун одиме до Пралан, 40 километри североисточно од Махе. Бродот долг 18 метри, е направен од каучуково дрво. Елегантниот брод може да прими 50 патници и околу 40 тони товар. Додека го напуштаме пристаништето во Махе и клунот на бродот го насочуваме кон контурите на Пралан во далечниот хоризонт, можеме да го почувствуваме притисокот на дизел моторот потпомогнат од белите едра што се издигаат од двата јарбола.
После два и пол часа, го заобиколуваме карпестиот ’рт за да влеземе во помирните води на убавиот залив Св. Ана. Кога зачекоруваме на долгиот брег, ги здогледуваме браќата кои нѐ чекаат. На овој мал остров има 13 објавители, а 8 посетители дојдоа од другите делови. Затоа со големо возбудување гледаме како за посебното предавање малата сала се исполни со 39 лица. Каков прекрасен изглед за пораст!
Додека сме во Пралан, мораме да ја посетиме убавата Вале де Ма. Тоа е домот на сејшелската кокосова палма која дава најголемо семе во светот, со тежина до 20 килограми. Во свежата зелена сенка на шумата, тие палми ги гледаме во сите фази на развиток. Службените туристички проспекти објаснуваат дека највисоката имала височина од 31 метар кога последен пат била мерена во 1968. Пресметано е дека некои од овие високи дрвја се стари 800 години. Потребни се 25 години пред едно дрво да почне да раѓа плодови и 7 години да созрее лушпата. Не е чудно што проспектот предупредува: „Понесете само фотографии, а оставете само траги од стапалата“!
Во седум часот следното утро, со брод одиме до малиот остров Ла Дег. Многу мали бродови се начичкани околу насипот. Тие претставуваат животоважна врска меѓу 2 000-те жители и надворешниот свет. Се среќаваме со постара двојка од Швајцарија која на овие острови се наоѓа од 1975. Наместо да одиме со „такси“, кола со воловска запрега, одиме пеш по плажата со нејзините впечатливи розови гранитни камчиња измазнети од морето и дождот. После пикник појадокот одиме преку малиот резерват, кадешто расте ретката црна муволовка, до домовите на заинтересираните луѓе. Тринаесет луѓе се насобрани да го слушнат предавањето на креолски јазик. Се запознаваме со една двојка која ги направила сите подготовки да го озаконат својот брак за да би можеле духовно да напредуваат. Вистина е дека Јехова ги доведува пожелните од народите дури и во овие многу далечни острови.
Назад во Реинион
Реинион е најразвиениот остров којшто го посетуваме на ова патување. Додека се приближуваме кон копното, го гледаме автопатот со четири ленти, загушен со сообраќај што доаѓа од главниот град Сен Дени. Високо издигнати згради го исполнуваат просторот помеѓу морето и планината. Овој остров е дом на околу 580 000 луѓе и се покажал како плодна почва за сведочење за Царството (Матеј 9:37, 38). Сега постојат околу 2 000 ревносни објавители на добрата вест во 21 собрание.
Денот на посебниот состанок се одржува во голем покриен стадион. Радосни сме што можеме да видиме 3 332 присутни, и колку е воодушевувачки што 67 нови се претставуваат за крштевање! По радосното дружење со мисионерите на островот, тргнуваме на пат за нашето следно одредиште.
Мајоте — Миризливиот Остров
По двочасовен лет, нашиот авион со 40 седишта го започнува своето спуштање до аеродромот Паманзе, островче поврзано со насип од 1,9 километри до Саосе, главниот град на Мајоте. Синото небо, белите облаци, бујните планински падини и длабокиот син океан комбинирано ја пренесуваат сликата на мирољубив тропски рај. Мајоте со право е наречен Миризлив Остров поради чудесниот мирис на дрвото кананга. Екстрактот од неговите цветови се праќа во Франција како база за светски познати парфеми.
Потребни се 15 минути со товарен чамец до главниот остров. После кратко освежување во мисионерскиот дом, поканети сме на студија на книга на 19 километри на другата страна од островот. Ништо од нашите очекувања за удобна посета! Се качуваме во отворен џип и се возиме по тесни патишта од кои ти се крева косата. Се чини дека за малку ги промашуваме луѓето, кравите и другите возила. Но нашиот француски возач го познава патот. Набргу пристигаме во Шиконе, кадешто се запознаваме со семејството во чија куќа се одржува студијата.
Таткото, поранешен муслиман, ги претставува своите осум деца. Најмладиот син, кој има четири години, нѐ поздравува на традиционален начин, како што подоцна дознавме. Надворешниот дел од едната рака ја става во дланката на другата и застанува така згрстен пред нас. Отпрвин се обидуваме да се ракуваме со него, а потоа жена ми се обидува да му ги стави рацете на нејзината глава. Малото детенце со големи округли очи стрпливо чека, сигурно прашувајќи се што ние правиме. На крај успеваме — му ги ставаме рацете на неговата глава. Студијата започнува со 14 присутни. Среде студијата, еден заинтересиран човек доаѓа и се ракува со сите. Изгледа дека и тоа е еден од нивните обичаи.
На враќање назад, низ природата што сега се стемнуваше, здогледуваме големи лилјаци-овоштари кои се упатуваат до дрвјата за своето ноќно хранење. Исто така ја чувствуваме миризбата на бодликавиот лебовец кој паднал на кривулестиот пат и слаткиот мирис на манго, папаја и гуава. Ова е живеалиштето на лемурите, мали животни слични на мајмуни со лица на лисици и со долги, прстенести опашки со кои се придржуваат. Додека го заобиколуваме врвот на еден рид, почестени сме со глетка што го одзема здивот. Портокалово црвената полна месечина штотуку се издигнала над заливот, фрлајќи светликав отсјај врз мирните води. Дури и нашиот возач вози полека за да се восхитува. Преостанатиот дел од патот ја бараме глетката на секое вртење по патот.
Следното утро одиме на проповедање со мисионерите. Прво посетуваме еден млад човек кој е наставник и добро зборува француски. Тој седи на подот, а ние седиме на неговиот кревет. Следната студија е исто така со млад човек, а тој нѐ поканува да седиме на душек на подот од неговата малечка соба. По извесно време почнуваме да се вртиме, а се обидуваме и да ги игнорираме грчевите во нозете и потта што ни тече по плеќите. Со радиото од соседната соба кое ги труби најновите поп песни, не е лесно да се сконцентрираме на студијата која се води делумно на француски а делумно на махоријански.
Нашата последна посета е кај еден млад човек од соседните Комори. Тој ни се извинува што не знае француски толку добро, ја вади својата брошура и подготвен е да почне. Кога мисионерот продолжува да ми објаснува нешто, тој прекинува и вели дека ќе го прочита пасусот. Учтиво ни кажува да молчиме. Сите овие луѓе се муслимани, но тие вистински го ценат она што го учат од Библијата.
Се прашуваме зошто толку многу младичи проучуваат, а толку малку жени или девојки. Велат, тоа е поради општествените и семејните традиции. Бидејќи полигамијата е верски и општествено прифатена и секоја жена живее во својот дом, влијанието на таткото е минимално; мајката е таа која владее. Исто така дознаваме дека ќерките традиционално остануваат во домот на своите мајки до мажењето. Од друга страна, синовите си одат од дома во пубертетот и си градат своја банга, или колиба, или живеат заедно со други момци во банга. Под вакви околности младичите се слободни да проучуваат ако сакаат, а малку девојки имаат таква слобода.
Недела е денот за посебниот состанок. Времето во почетокот е добро, но до пладне се насобираат облаци и набргу почнува да паѓа обилен дожд. Но се чини дека на никого не му смета многу, затоа што се разладува околината. И овде наоѓаме обилно духовно богатство додека 36-те објавители и пионери се радуваат на 83 присутни и 3 новокрстени.
Објавувањето на брошурата Радувај се засекогаш на животот на Земјата! на нивни јазик е главниот настан. Не само што е единствената публикација на Watch Tower на махоријански јазик, туку и единствената публикација воопшто досега на тој јазик. Има арапско писмо напишано под латинскиот текст. Луѓето го учат арапското писмо во училиште, но не и арапскиот јазик. Напамет знаат молитви на арапски и го читаат Коранот на арапски; но не разбираат што изговараат. Додека го читаат арапското писмо во брошурата, се чудат што можат да го разберат. Она што го читаат е всушност нивниот сопствен махоријански јазик напишан фонетски со арапско писмо. Радосно е да се види како лицата им се разведруваат додека ја сфаќаат смислата на она што го читаат.
Брошурите лесно се делат помеѓу луѓето. Во едно од зафрлените села, еден човек ни приоѓа додека ѝ сведочиме на една жена. Тој почнува да му зборува многу остро на нашиот брат на махоријански. Изгледа дека е голем противник. Човекот некое време продолжува со обилното гестикулирање. Братот подоцна објаснува дека човекот се жалел: „Како очекувате да го запомниме тоа што ни го кажувате кога нѐ посетувате само еднаш годишно? Како можете така? Треба да доаѓате многу почесто за да ни кажувате за тие работи“.
Тие последни зборови ги изразуваат и нашите чувства. Јехова секако ги собира пожелните работи од сите нации преку добрата вест за Царството. Иако се одвоени со огромните пространства на океанот, жителите на островите ги придружуваат своите гласови кон силниот повик на фалба што му се упатува на нивниот Творец и небесен Татко, Јехова Бог (Агеј 2:7, ДК).
[Карта на страница 21]
(Види во публикацијата)
СЕЈШЕЛИ
ИНДИСКИ ОКЕАН
КОМОРИ
МАЈОТЕ
МАДАГАСКАР
МАВРИЦИУС
РЕИНИОН
РОДРИГЕС
[Слика на страница 23]
Карпестиот ’рт кај Пралан, во заливот Св. Ана
[Слика на страница 24]
Воловско „такси“ во Ла Дег, Сејшели
[Слика на страница 25]
Проповедање со новата брошура во Мајоте