Прашања од читателите
Според Галатјаните 6:8, „кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“. На каков „дух“ се мисли, и како според тоа можеме да пожнееме живот?
Хебрејските и грчките термини кои се преведени со „дух“ имаат повеќе значења, како на пример: 1) Божја делотворна сила, 2) животната сила во луѓето или во животните, 3) поттикнувачката умствена сила на некое лице и 4) духовно лице, односно ангел. Првото од овие значења — Божјата активна сила — е значењето кое го наоѓаме во Галатјаните 6:8.
Како додатна информација, обрни внимание на Галатјаните 3:2, каде што ја наоѓаме првата употреба на ‚дух‘ во книгата Галатјани. Павле ги прашал христијаните: „Преку делата по Законот ли го добивте Духот или преку послушноста во верата?“ Потоа, во Галатјаните 3:5, го поврзал тој ‚дух‘ со правење на моќни дела. Значи ‚духот‘ на кој се осврнал бил светиот дух, Божјата невидлива делотворна сила.
Подоцна, во Галатјаните 5:16, Павле направил разлика помеѓу духот и телото. Таму читаме: „Ви велам: живејте по Духот, и желбите на телото ваше нема да ги извршувате“. Со „желбите на телото“, тој мислел на грешното човечко тело. Така, во Галатјаните 5:19-23, ги наброил „делата на телото“ во контраст со ‚плодовите на духот‘.
Оттука, во Галатјаните 6:8, оној кој „сее во телото свое“ сигурно е оној кој си дозволува да биде воден од грешните човечки желби, оддавајќи се на „делата на телото“. Таквиот можеби ќе ги осети лошите последици од ваквото постапување и, ако не се промени, сигурно нема да добие живот во или под Божјето Царство (1. Коринтјаните 6:9, 10).
Како предадени христијани, треба да се стремиме да ‚сееме во Божјиот дух‘. Тоа значи да живееме на начин кој му дозволува на светиот дух слободно да делува во нашиот живот, помагајќи ни да ги покажуваме неговите плодови. Треба да го задржиме тоа во мислите кога решаваме што ќе читаме или какви телевизиски програми ќе гледаме. Сееме во дух сѐ додека внимаваме на собраниските состаноци и се обидуваме да го примениме советот на старешините наименувани со дух (Дела 20:28).
Занимливо, Галатјаните 6:8 завршува со гаранцијата дека, додека сееме во склад со светиот дух, ќе бидеме во можност да ‚пожнееме вечен живот од духот‘. Да, на темел на Христовата откупнина Бог ќе го продолжи животот до бесконечност преку делувањето на светиот дух (Матеј 19:29; 25:46; Јован 3:14-16; Римјаните 2:6, 7; Ефесјаните 1:7).