Жените во светот
КОГА првата човечка двојка се побунила против Бог, Јехова прорекол катастрофални последици што ќе ги осетат и самите тие и нивното потомство. Јехова ѝ рекол на Ева: „Ќе копнееш по својот сопруг, а тој ќе господари над тебе“ (1. Мојсеева 3:16, НС). Библијата постојано охрабрува на длабоко почитување кон жените, па така милиони жени уживаат посреќен, позадоволувачки живот бидејќи тие, како и нивните семејства, ги применуваат библиските начела.
Меѓутоа, според еден понов извештај за човекови права, многу други жени во светот се понижувани, експлоатирани и потценувани. Коментирајќи го тој извештај, International Herald Tribune вели: „Во подробности, извештајот од 193 земји . . . дава ужасна слика за секојдневната дискриминација и злоупотреба“.
Еве неколку примери: Во Централна Африка, девојчињата мораат да го вршат поголемиот дел од земјоделската работа, а во училиште одат три пати помалку девојчиња отколку момчиња. Во една тамошна земја, прељубата е незаконска за жените, но не и за мажите. Законот на една трета африканска земја му простува на мажот доколку ја убие својата жена ако ја фати да врши прељуба, но истиот тој закон не ѝ простува на жената доколку го убие својот маж во слични околности.
Извештајот вели дека во некои делови на Јужна Америка, полицијата не е сочувствителна кон тепаните жени. А вработените жени обично мораат да поминат со 30 до 40 отсто пониски плати од мажите.
Во некои делови на Азија, жените се жртви на принудна стерилизација и абортуси. Во една земја, има над 500.000 проститутки, од кои голем број се продадени од страна на родителите кои сакале да добијат пари за да си купат нова куќа. Полицијата во една друга земја мора да се справува со раширените „мираз-убиства“ — кога мажот или неговото семејство ја убива жената затоа што нејзиниот мираз не ги исполнил очекувањата.
Во врска со Исус Христос, Библијата нѐ уверува: „Тој ќе го ослободи сиромашниот кој вика на помош, и ожалостениот и секој кој нема помошник. Ќе се сожали на понижениот и на сиромашниот, и ќе ги спаси душите на сиромашните. Од угнетување и од насилство ќе ги избави душите нивни, и нивната крв ќе биде драгоцена во негови очи“ (Псалм 72:12-14, НС). Затоа, имаме причина за оптимизам; жените низ целиот свет можат со нетрпение да ги очекуваат подобрените услови што ќе постојат во тоа време.