ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w98 1/1 стр. 3-5
  • Вистината преобразува животи

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Вистината преобразува животи
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Цел во животот
  • Ново семејство
  • Излез од очајот во младоста
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Јехова му ветува прекрасна награда на Даниел
    Обрни внимание на Даниеловото пророштво!
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • „Повеќе не му робувам на насилството“
    Библијата менува животи
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
w98 1/1 стр. 3-5

Вистината преобразува животи

ЖАЛОСНО е но вистинито дека животите на толку многу луѓе денес се тешки, па дури и очајни. Дали е можно таквите луѓе да најдат среќа? Некои се криминалци и ги демнат своите ближни. Можат ли тие некогаш да станат чесни членови на општеството? Одговорот на обете овие прашања е — да. Луѓето можат да се променат. Животите можат да се преобразат. Апостол Павле покажал како, кога напишал: „Преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2).

Споменувањето на ‚совршената волја Божја‘ може да потсети на она што Исус им го рекол на своите ученици повеќе од 20 години пред Павле да ги напише горните зборови. Исус рекол: „Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Со „вистината“ Исус мислел на божествено вдахновените информации — особено информации во врска со Божјата волја — кои се сочувани за нас во Библијата (Јован 17:17). Дали библиската вистина навистина ги ослободува луѓето? Дали живеењето во склад со Божјата волја навистина ги преобразува животите? Навистина да. Разгледај неколку примери.

Цел во животот

Не толку одамна, Моисес од Гибралтар бил многу несреќен човек. Тој вели: „Бев пијаница и спиев на улица. Се чувствував изгубен. Секоја ноќ го молев Бог да има милост кон мене и да не ми даде да издржам уште еден ден. Липав додека го прашував зошто сум дошол на овој свет ако не сум за ништо, без работа, без семејство и без никој да ми помогне. Зошто да живеам и понатаму?“ Тогаш, нешто се случило.

Моисес продолжува: „Знаев дека Бог ја услиши мојата молитва кога го сретнав Роберто, еден Јеховин сведок. Роберто ми даде Библија и примерок од помошното средство за проучување на Библијата, Што бара Бог од нас?a Секој ден заедно ја проучувавме Библијата на клупата каде што спиев ноќе. По еден месец, Роберто ме одведе на еден состанок во локалната Сала на Царството на Јеховините сведоци. Наскоро, библиската вистина потполно го измени моето гледиште. Повеќе не спијам надвор; ниту пијам ниту пушам. Мојот живот се промени, и јас сум среќен. Се надевам наскоро да се крстам и да му служам на Јехова како негов Сведок“.

Каква преобразба! Кога луѓето се без надеж, причината честопати е недостиг на спознание. Тие не знаат ниту за Бог ниту за неговите прекрасни намери. Во случајот на Моисес, кога го стекнал тоа спознание, тоа му ја дало силата и храброста да го промени својот живот. Молитвата на псалмистот до Бог била одговорена во случајот на Моисес: „Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина да ме водат и да ме доведат во Твојата света гора и во Твоето живеалиште“ (Псалм 42:3).

Во Белизе, Даниел имал споредливо искуство. Даниел не спиел на улиците — тој имал престижна работа. Но, веќе 20 години се борел со зависност од дрога и алкохол и водел неморален живот. Иако бил одгледан како католик, Даниел не можел да види смисла во животот, и се сомневал во постоењето на Бог. Одел во различни цркви барајќи помош, но открил дека мнозина од неговите пријатели кои одат в црква, па дури и некои од неговите пријатели-свештеници, злоупотребуваат дрога или алкохол. Во меѓувреме, неговата сопруга се спремала да се разведе од него.

Во очај, Даниел се пријавил во еден центар за рехабилитација. Сепак, знаел дека после неговото отпуштање, набргу ќе ѝ се врати на дрогата, доколку не добие помош. Но, каква помош? Во мај 1996, два дена по излегување од рехабилитацијата, Даниел му пришол на еден Јеховин сведок и го изненадил со молбата: ‚Проучувај ја Библијата со мене, те молам‘. Сведокот средил да проучува двапати седмично со Даниел, и Даниел набргу почнал да го преобразува својот живот според Божјата волја и ги заменил своите стари пријатели со христијански пријатели, кои не злоупотребуваат дрога или алкохол и кои избегнуваат неморал. На тој начин, Даниел открил дека е точно она што го вели Библијата: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“ (Изреки 13:21). Набргу, тој рекол: „Ова е првпат во мојот живот да знам што значи да се има чиста совест“. Животот на Даниел исто така бил преобразен.

Во Порторико, еден друг маж доживеал забележителна преобразба. Тој бил в затвор и бил сметан за многу опасен бидејќи имал убиено извесен број луѓе. Дали можела библиската вистина да го промени него? Да. Еден Јеховин сведок бил во можност да му даде неколку примероци од списанијата Стражарска кула и Разбудете се! и тој брзо замолил за уште. Била започната библиска студија со него, и кога библиската вистина почнала да влијае врз неговото срце, промените што ги направил биле видливи за сите. Еден од првите докази за неговата промена бил кога ја потстригол кратко својата долга коса и ја избричил својата бушава брада.

Библијата вели дека Бог им простува на грешниците кои навистина се каат и го менуваат својот начин на живот. Павле напишал: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат Божјето Царство? . . А такви беа и некои од вас; туку се измивте“ (1. Коринтјаните 6:9, 11). Несомнено, овие зборови го утешиле овој човек, како што го утешиле и зборовите од Дела 24:15: „Ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“. Тој рекол: „Сакам да бидам таму кога ќе се случува воскресението на мртвите за да можам да побарам прошка од оние на кои им ги одзедов животите“.

Ново семејство

Еден ден, Луис, полновремен евангелизатор на Јеховините сведоци од Аргентина, бил запознат со еден младич кој имал жална историја. Отфрлен од своите родители при раѓањето, тој бил одгледуван во различни институции. Кога имал околу 20 години, дознал за живеалиштето на мајка си и одлучил да живее близу неа. Работел напорно, заштедил многу пари и отпатувал до градот каде што била мајка му. Таа му дозволила да остане кај неа додека биле потрошени неговите пари, а потоа го замолила да си оди. Ова отфрлање за него било самоубиствено.

Меѓутоа, Луис бил во состојба да ја сподели библиската вистина со овој младич. Таа вистина го вклучува и засигурувањето: „Зашто татко ми и мајка ми ме оставија, но Господ ме прими“ (Псалм 26:10). Младичот дознал дека тој има небесен Татко кој никогаш нема да го отфрли. Сега е среќен што е дел од едно ново семејство — Јеховиното семејство.

Еден друг маж во истата земја му рекол на еден Јеховин сведок дека му се допаѓа списанието Стражарска кула. Зошто? Затоа што му го спасило бракот. Изгледа дека еден ден кога си одел од работа, овој човек во ѓубрето видел списание Стражарска кула со насловот „Развод“ со крупни букви. Со оглед на тоа дека неговиот брак бил во неволја, а тој и неговата сопруга имале почнато постапка за законско одвојување, го извадил списанието и почнал да го чита. Го однел дома и го прочитал со својата сопруга. Двојката се обидела да го примени библиски заснованиот совет од списанието (Ефесјаните 5:21—6:4). Набргу, нивниот однос се подобрил. Ја запреле постапката за одвојување и сега ја проучуваат Библијата како обединета брачна двојка.

Во Уругвај, еден друг маж по име Луис, бил далеку од среќен. Зависност од дрога, спиритизам, обожавање идоли, злоупотреба на алкохол — ова биле некои од работите што му го направиле животот хаотичен. Најпосле, потполно фрустриран, Луис станал атеист. Еден пријател му ја дал книгата Живот — како је настао? Еволуцијом или стварањем?b Ова довело до кус контакт со Јеховините сведоци, но Луис набргу им се вратил на алкохолот и дрогата. Во еден момент на голема болка, кога се затекнал себеси како седи во една дупка полна со ѓубре, се помолил, упатувајќи му ја својата молитва на „таткото на Исус Христос“, бидејќи не бил сигурен околу Божјето име.

Го замолил Бог да му покаже дали има некаква причина за да постои. „Уште следниот ден“ — известува Луис — „еден познаник ми даде една книга која повеќе не му требаше. Нејзиниот наслов? Откривење — Близу је величанствени врхунац!“c Книгата му помогнала да одговори на своето прашање. Луис повторно се молел за помош да ја најде религијата која би му покажала како да му служи на Бог. Какво само изненадување! Заѕвонило ѕвончето на вратата, а надвор стоеле двајца Јеховини сведоци. Луис веднаш почнал да ја проучува Библијата со нив. Брзо напредувал и сега се чувствува благословен што е крстен Сведок. Води чист живот и им помага на другите и тие да најдат смисла во својот живот. За него се обистинуваат зборовите од Псалм 65:2 (NW): „О Слушачу на молитвата, кај тебе ќе дојдат луѓе од секое тело“.

На Филипините, Ален бил студент активист. Ѝ припаѓал на една организација чија цел била „да ја собори владата, така што идните генерации да можат да уживаат еднаквост“. Сепак, еден ден, со него контактирале Јеховини сведоци и од Библијата ја дознал Божјата намера со човештвото. Таа намера го вклучува вдахновеното ветување: „Уште малку, и грешникот ќе го нема . . . А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:10, 11). Ален рекол: „Набргу открив дека она за што се бореше нашето движење, одамна било ветено во Библијата. Сите работи што толку горливо ги посакувавме, ќе бидат дадени под Божјето Царство“. Ален сега го поддржува Божјето Царство и им помага на другите да имаат вера во библиската вистина.

Да, животите навистина се преобразуваат кога луѓето ѝ обрнуваат внимание на вистината од Божјата Реч, Библијата. Всушност, иде времето кога сето преживеано човештво ќе го има ускладено својот живот со Божјата волја. Каква само преобразба ќе биде тоа! Тогаш ќе се исполни пророштвото: „Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9).

[Фусноти]

a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

b Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

c Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели