Задржи ја радоста во Јеховината служба
„Секогаш радувајте се во Господ. Уште еднаш ќе речам: радувајте се!“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 4:4).
1, 2. Како еден брат и неговото семејство можеле да ја задржат радоста и покрај тоа што изгубиле сѐ што поседувале?
ЏЕЈМС, 70-годишен христијанин кој живее во Сиера Леоне, сиот свој живот работел мачно. Замисли си ја неговата радост кога конечно заштедил доволно пари за да купи скромна куќичка со четири соби. Меѓутоа, некое време откако Џејмс и семејството се преселиле во неа, во таа земја избувнала граѓанска војна, и нивниот дом изгорел до темел. Ја изгубиле својата куќа, но не и својата радост. Зошто?
2 Џејмс и неговото семејство умовите ги задржале сосредоточени не на она што го изгубиле туку на она што сепак им останало. Тој објаснува: „Дури и во време на ужас, ги одржувавме состаноците, ја читавме Библијата, се молевме заедно и го делевме со другите она малку што го имавме. Можевме да ја задржиме радоста бидејќи се сосредоточивме на нашиот прекрасниот однос со Јехова“. Размислувајќи за своите благослови, од кои најголемиот бил тоа што имале близок личен однос со Јехова, овие верни христијани можеле да ‚продолжат да се радуваат‘ (2. Коринќаните 13:11). Се разбира, нивните мачни околности не биле лесни да се издржат. Но, тие не престанале да се радуваат во Јехова.
3. Како некои рани христијани ја задржале радоста?
3 Раните христијани наидувале на испити слични на испитите што ги доживеале Џејмс и неговото семејство. Сепак, апостол Павле ги напишал овие зборови до еврејските христијани: „Радосно го прифативте разграбувањето на вашиот имот“. Потоа Павле објаснил кој е изворот на нивната радост: „Знаејќи дека самите имате подобар и траен посед“ (Евреите 10:34). Да, тие христијани во првиот век имале силна надеж. Со доверба и со нетрпение чекале нешто што не би можело да се разграби — неовенливата „круна на животот“ во Божјето небесно Царство (Откровение 2:10). Денес, нашата христијанска надеж — било да е небесна било да е земна — може да ни помогне да ја задржиме радоста дури и кога се соочуваме со неволји.
„Радувајте се во надежта“
4, 5. а) Зошто Павловиот совет да ‚се радуваме во надежта‘ бил толку навремен за римјаните? б) Што би можело да биде причина за некој христијанин да ја изгуби од вид својата надеж?
4 Апостол Павле ги охрабрил соверниците во Рим да ‚се радуваат во надежта‘ за вечен живот (Римјаните 12:12). Тоа бил навремен совет за римјаните. По помалку од една деценија откако Павле им пишал, тие се нашле под сурово прогонство, и некои од нив биле до смрт мачени од поредокот на императорот Нерон. Верата дека Бог ќе им ја даде ветената круна на животот несомнено ги поддржувала во нивните страдања. А како е со нас денес?
5 Како христијани, и ние очекуваме да бидеме прогонувани (2. Тимотеј 3:12). Освен тоа, свесни сме дека „времето и непредвидениот настан“ нѐ снаоѓаат сите (Проповедник 9:11, NW). Некоја несреќа може да му го одземе животот на некого што го сакаме. Смртоносна болест може да го покоси родителот или некој близок пријател. Ако надежта за Царството не ја држиме јасно во фокусот, можеме во духовен поглед да бидеме загрозени кога се јавуваат таквите испити. Според тоа, ќе биде добро да се прашаме: „Дали јас ‚се радувам во надежта‘? Колку често одвојувам време за да медитирам за неа? Дали претстојниот Рај е реален за мене? Дали веќе се гледам себеси таму? Дали сум исто толку желен да дојде крајот на сегашниов систем на работи колку што бев кога првпат ја дознав вистината?“ Последново прашање заслужува сериозно размислување. Зошто? Затоа што кога имаме добро здравје, печалиме за комотна живеачка и живееме во некој дел на Земјата кој некако не е погоден од војна, недостиг на храна или природни катастрофи, би можеле — барем за момент — да ја изгубиме од вид итната потреба од доаѓањето на Божјиот нов свет.
6. а) Кога Павле и Сила поднесувале неволја, на што ги сосредоточиле своите мисли? б) Како примерот на Павле и Сила може да нѐ охрабри нас денес?
6 Понатаму, Павле ги советувал римјаните да ‚издржат во неволја‘ (Римјаните 12:12). Неволјата не била нешто непознато за Павле. Еднаш во визија видел еден човек кој го поканил да ‚прејде во Македонија‘ за да им помогне на тамошните луѓе да научат за Јехова (Дела 16:9). Тогаш, Павле, заедно со Лука, Сила и Тимотеј, отпловил за Европа. Што ги очекувало тие ревносни мисионери? Неволја! Откако проповедале во македонскиот град Филипи, Павле и Сила биле бичувани и фрлени в затвор. Јасно, некои граѓани на Филипи не биле само рамнодушни на пораката за Царството — тие жестоко се противеле. Дали ваквиот пресврт на настаните предизвикал ревносните проповедници да ја изгубат радоста? Не. Откако биле истепани и фрлени в затвор, ‚околу полноќ Павле и Сила се молеле и со песна го фалеле Бог‘ (Дела 16:25, 26). Се разбира, болката од тепањето не им донела радост на Павле и на Сила, но тоа не било нешто на кое двајцата мисионери се сосредоточиле. Нивните мисли биле сконцентрирани на Јехова и на начините на кои тој ги благословувал. Со тоа што радосно ‚издржале во неволја‘, Павле и Сила послужиле како добри примери за своите браќа во Филипи и на другите места.
7. Зошто треба нашите молитви да вклучуваат благодарење?
7 Павле напишал: „Истрајте во молитва“ (Римјаните 12:12). Дали се молиш кога доживуваш периоди на тегобна загриженост? За што се молиш? Веројатно спомнуваш некој твој конкретен проблем и ја бараш Јеховината помош. Но, можеш да вклучиш и изрази на благодарење за благословите што ги уживаш. Кога се јавуваат проблеми, размислувањето за Јеховината доброта во неговите постапки со нас ни помага да ‚се радуваме во надежта‘. Давид, чиј живот ни оддалеку не бил без проблеми, напишал: „О Господи, Божје мој, Ти твориш многу чудеса и замисли чудни — Ти нема рамен! Сакам да ги кажувам и да ги објавувам, но премногу се за да можат да бидат преброени“ (Псалм 40:5). Ако, како Давид, редовно медитираме за благословите што ги добиваме од Јехова, ќе биде невозможно да не сме радосни.
Задржи позитивен дух
8. Што му помага на еден христијанин да остане среќен кога доживува прогонство?
8 Исус ги охрабрува своите следбеници да задржат позитивен дух кога се соочуваат со различни испити. Тој вели: „Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас“ (Матеј 5:11). Каква причина за среќа имаме под такви околности? Нашата способност да му одолееме на противењето е доказ дека со нас е Јеховиниот дух. На сохристијаните од негово време, апостол Петар им рекол: „Ако ве прекоруваат поради Христовото име, среќни сте, бидејќи духот на славата, да, духот Божји, почива врз вас“ (1. Петрово 4:13, 14). Преку својот дух, Јехова исто така ќе ни помогне да истраеме и, како резултат на тоа, да ја задржиме радоста.
9. Што им помогнало на некои браќа да најдат причини за радост кога се нашле в затвор заради својата вера?
9 Дури и кога сме во крајно тешки околности, можеме да најдеме причина за радост. Тоа било случај со еден христијанин по име Адолф. Тој живее во една земја каде што делото на Јеховините сведоци многу години беше забрането. Адолф и неколку негови другари биле уапсени и осудени да одлежат долги затворски казни бидејќи одбивале да се откажат од своите верувања темелени на Библијата. Затворскиот живот бил тежок, но исто како Павле и Сила, Адолф и неговите другари наоѓале причини да му упатуваат благодарности на Бог. Нивното затворско искуство, забележале тие, им помогнало да ја зајакнат верата и да развијат скапоцени христијански особини како што се великодушност, сочувство и братска наклоност. На пример, кога некој затвореник ќе добиел пакет од дома, тоа што било внатре го делел со соверниците, кои на овие додатни работи гледале како на работи што доаѓаат од Јехова, Врвниот Дарител на „секој добар дар и секој совршен подарок“. Таквите дела на љубезност му донесувале радост и на дарителот и на оние што добивале. Така, токму она искуство кое било предвидено за да ја скрши нивната вера всушност ги направило духовно појаки! (Јаков 1:17; Дела 20:35).
10, 11. Како една сестра излегла на крај со непопустливото сослушување по кое следела долга затворска казна?
10 Ила, која исто така живее во земја каде што делото на Царството долго време беше забрането, била уапсена заради тоа што ја споделувала својата христијанска надеж со другите. Осум месеци била подложена на непопустливо сослушување. Кога конечно била одведена на суд, ѝ била изречена десетгодишна казна во еден затвор каде што немало други обожаватели на Јехова. Во тоа време Ила имала само 24 години.
11 Се разбира, Ила не чекала со нетрпение да го помине поголемиот дел од младоста како возрасен човек во затворска ќелија. Но, бидејќи не можела да ја промени својата ситуација, решила да го промени своето гледиште. Во склад со тоа, почнала на затворот да гледа како на свое лично подрачје за сведочење. „Имаше толку многу за проповедање“, вели таа, „што годините ми поминаа многу брзо.“ По повеќе од пет години, Ила била повторно сослушана. Сфаќајќи дека затворските решетки не ја уништиле нејзината вера, лицата што ја сослушувале ѝ рекле: „Не можеме да те пуштиме; не си се променила“. „Но, се променив!“ бил цврстиот одговор на Ила. „Сега сум во подобро расположение отколку кога првпат отидов в затвор, и мојата вера е многу посилна од порано!“ И уште додала: „Ако не сакате да ме пуштите, ќе останам сѐ додека Јехова не смета дека е погодно да ме избави“. Петте и пол години затвор не ѝ ја одзеле радоста на Ила! Научила да биде задоволна сеедно во какви околности ќе се најде. Можеш ли да научиш нешто од нејзиниот пример? (Евреите 13:5).
12. Што може да му донесе душевен мир на еден христијанин под тешки околности?
12 Немој да заклучиш дека Ила поседува некој необичен дар кој ѝ овозможува да се соочи со таквите предизвици. Укажувајќи на периодот на сослушување на кој била подложена во месеците пред да ја добие казната, Ила признава: „Се сеќавам како забите ми тракаа од страв, и се чувствував како уплашено врапче“. Меѓутоа, Ила имала јака вера во Јехова. Научила својата доверба да ја полага во него (Пословици 3:5-7). Како резултат на тоа, Бог ѝ е многу пореален отколку порано. Таа објаснува: „Секојпат кога ќе влезев во собата за сослушување, чувствував како ме обзема мир . . . Колку позастрашувачка стануваше ситуацијата толку подлабок стануваше мирот“. Јехова бил изворот на тој мир. Апостол Павле објаснува: „Не бидете тегобно загрижени за ништо, туку во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарење објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7).
13. Што нѐ уверува дека ако нѐ снајде неволја, ќе имаме сила да истраеме?
13 Ила, која неодамна била пуштена, ја задржала радоста и покрај тешкотиите. Тоа не го сторила со сопствена сила туку со силата што ѝ ја дал Јехова. Истото било случај и со апостол Павле кој напишал: „Затоа со најголемо задоволство повеќе ќе се фалам во врска со своите слабости, за да остане Христовата сила како шатор над мене . . . Зашто кога сум слаб, тогаш сум моќен“ (2. Коринќаните 12:9, 10).
14. Илустрирај како би можел еден христијанин да заземе позитивно гледиште кон некоја тешка ситуација и каков може да биде резултатот.
14 Притисоците со кои лично се соочуваш денес можеби некако се разликуваат од оние што овде ги разгледавме. Сепак, сеедно каков облик имаат, тешко е да се излезе на крај со нив. На пример, можеби работодавецот е многу критизерски настроен кон твојата работа — многу повеќе отколку кон работата на вработените од други религии. Можеби не можеш да најдеш друго вработување. Како да ја задржиш радоста? Сети се на Адолф и на неговите другари, чие затворско искуство ги научило да развијат многу битни особини. Ако вложиш искрени напори да му угодиш на работодавецот — дури и на оној кому ‚тешко е да му се угоди‘ — ќе развиеш христијански особини како што се истрајност и долготрпеливост (1. Петрово 2:18). Освен тоа, голема е веројатноста да станеш и подрагоцен како вработен, а тоа може да ти ги зголеми шансите еден ден да добиеш подобра работа. Сега да подискутираме за некои други начини на кои можеме да ја задржиме радоста во Јеховината служба.
Поедноставувањето води до радост
15-17. Според она што го научил еден пар, што може да го ублажи стресот, иако причината за него не може целосно да се отстрани?
15 Можеби мал е изборот во однос на световната работа што ја имаш или во однос на тоа каде да работиш, но може да постојат други аспекти од твојот живот над кои можеш да имаш извесна контрола. Разгледај го следново искуство:
16 Еден христијански пар поканил еден старешина на оброк во својот дом . Во текот на вечерта, братот и неговата сопруга се довериле дека во последно време се чувствуваат совладани од притисоците на животот. Иако обајцата имале работа со полно работно време која многу изискувала од нив, не биле во состојба да најдат друга работа. Се прашувале уште колку долго ќе можат така да издржат.
17 Кога побарале совет, старешината одговорил: „Поедноставете го животот“. Како? Сопругот и сопругата поминувале по три часа секој ден патувајќи до и од работа. Старешината, кој добро ги знаел двајцата, им предложил да размислат да се преселат поблизу до своето работно место за да можат да го намалат времето што секој ден го поминуваат патувајќи до и од работа. Заштеденото време би можеле да го поминат во грижата за другите важни работи — или едноставно да се одморат. Ако животните притисоци ти ја одземаат радоста, зошто не размислиш дали можеш да си олесниш со тоа што ќе направиш некои преиначувања?
18. Зошто е неопходно внимателно да се размисли пред да се донесат одлуки?
18 Друг начин да се ублажи стресот е внимателно да се размислува пред да се донесат одлуки. На пример, еден христијанин решил да гради куќа. Избрал многу комплициран дизајн, иако никогаш порано немал градено куќа. Сега сфаќа дека можел да ги избегне непотребните проблеми ако ‚внимавал на својот чекор‘ пред да го избере дизајнот на својот дом (Пословици 14:15). Друг христијанин се сложил да му биде жирант на некој соверник. Според договорот, ако заемопримачот не можел да го врати заемот, жирантот бил обврзан да го стори тоа. Во почетокот, сѐ одело добро, но со текот на времето заемопримачот почнал да се повлекува. Заемодавачот го фатила паника и побарал од жирантот да го врати целиот заем. Тоа му наметнало голем притисок на жирантот. Дали можело да се избегне тоа ако тој повнимателно размислел за сите фактори уште пред да се сложи да ја преземе одговорноста за долгот? (Пословици 17:18).
19. На кои начини можеме да го ублажиме стресот во нашиот живот?
19 Кога ќе се умориме, никогаш да не заклучиме дека ќе го намалиме притисокот врз нас и ќе ја повратиме радоста ако скратиме од личната библиска студија, службата на теренот и присуството на состаноци. Па, ова се битни начини на кои можеме да го добиеме Јеховиниот свет дух, чиј производ е радоста (Галатите 5:22). Христијанските активности секогаш освежуваат и обично не заморуваат премногу (Матеј 11:28-30). Далеку поголема е веројатноста дека за нашата исцрпеност придонесуваат световните или рекреативните активности, а не духовните. Ако научиме да си легнуваме во разумно време, тоа може да ни помогне да се вратиме в колосек. Малку додатен одмор може многу да помогне. Н. Х. Нор, кој служел како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци сѐ до својата смрт, имал обичај на мисионерите да им каже: „Кога ќе се обесхрабрите, прво нешто што треба да сторите е да се одморите. Ќе се изненадите колку подобро изгледа речиси секој проблем по еден добар ноќен сон!“
20. а) Резимирај некои од начините на кои можеме да ја задржиме радоста. б) На кои причини за радост можеш да се сетиш? (Види ја рамката на 17. страница.)
20 Христијаните се привилегирани да му служат на „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Како што видовме, можеме да ја задржиме радоста дури и кога нѐ измачуваат сериозни проблеми. Да ја држиме пред себе надежта за Царството, да го преиначиме гледиштето кога е потребно и да го задржиме животот едноставен. Тогаш, сеедно во каква ситуација ќе се најдеме, ќе реагираме на зборовите на апостол Павле: „Секогаш радувајте се во Господ. Уште еднаш ќе речам: радувајте се!“ (Филипјаните 4:4).
Размисли внимателно за овие прашања:
• Зошто треба христијаните надежта за Царството да ја држат јасно во фокусот?
• Што може да ни помогне да ја задржиме радоста под тешки околности?
• Зошто треба да се обидеме да го поедноставиме животот?
• На кои подрачја некои го поедноставиле животот?
[Рамка/слики на страница 17]
Додатни причини за радост
Како христијани, имаме многу причини за радост. Размисли за следниве:
1. Го познаваме Јехова.
2. Сме ја дознале вистината од Божјата реч.
3. Може да ни бидат простени гревовите преку нашата вера во Исусовата жртва.
4. Божјето Царство владее — наскоро ќе дојде новиот свет!
5. Јехова нѐ вовел во еден духовен рај.
6. Уживаме здраво христијанско друштво.
7. Имаме предност да учествуваме во делото на проповедање.
8. Живи сме, и имаме некаква сила.
Уште колку други причини за радост можеш да спомнеш?
[Слика на страница 13]
Павле и Сила биле радосни дури и в затвор
[Слики на страница 15]
Дали погледот ти е сосредоточен на радосниот изглед за Божјиот нов свет?