„Ден на религиозна толеранција“
ЗАИНТРИГИРАНА од една своја дискусија со Јеховини сведоци, директорката на едно училиште во Полска одвоила во нејзиното училиште еден „Ден на религиозна толеранција“. Предложила доброволци од учениците — католици, будисти и Јеховини сведоци — да подготват кратки презентации за да ги запознаат другите ученици со своите верувања и обичаи. Тројца тинејџери Сведоци на Јехова веднаш се пријавиле.
Кога дошол тој ден, најпрвин зборувала 15-годишната Малвина. Делумно, таа рекла: „Многумина од вас нѐ знаете уште пред да се запишеме во училиштево бидејќи сме ве посетиле во вашите домови. Веројатно се прашувате зошто продолжуваме со тоа. Затоа што го следиме примерот на Исус Христос, Основачот на христијанството. Тој ја проповедал добрата вест за Божјето Царство секаде каде што можеле да се најдат луѓе. Апостолите и другите рани христијани го правеле истото. На многу места Јеховините сведоци поднесуваат тешки испити на верата, но ние сме среќни што во нашето училиште уживаме мир, за кој сите вие придонесувате. Ви благодариме за тоа!“
Во заклучокот на својата презентација, Малвина рекла: „Постои и една друга причина зошто ве посетуваме во вашите домови. Ве сакаме. Библијата вели дека наскоро човештвото ќе доживее настани што ќе го потресат светот. Затоа, кога следниот пат ќе чукнеме на вашата врата, ве молиме, одвојте време за да нѐ сослушате. Би сакале да ви кажеме како можеме да живееме заедно засекогаш во рај на Земјата“.
Следен говорник бил Матеуш, исто така 15-годишен. Тој им кажал на присутните дека низ годините, Јеховините сведоци користеле различни методи за да ја шират добрата вест. На пример, во 1914 — во ерата на немите филмови — Сведоците ја прикажувале „Фото-драмата за создавањето“, филм и дијапозитиви, проследени со синхронизиран звук.
Матеуш дискутирал за улогата на радиото во ширењето на пораката за Царството и потоа го опишал уникатниот компјутеризиран повеќејазичен електронски фотослог систем (МЕПС), кој го развиле Јеховините сведоци. Раскажал и како Јеховините сведоци помогнале во информирањето на лекарите околу техниките за бескрвно лекување. „Сега, истакнати полски лекари поволно коментираат за нашиот став и нагласуваат дека секоја година сѐ повеќе пациенти не-Сведоци се оперираат без крв“, рекол тој.
Матеуш заклучил кажувајќи за изградбата на Салите на Царството и рекол: „Дали би сакале да ги посетите нашите сали? Влезот е слободен, и таму нема собирање пари“. Говорејќи за конгресниот центар во Сосновиец, Матеуш рекол: „Треба да ја видите оваа голема и функционална градба. Зошто да не отидеме таму заедно? Ние имаме една идеја, и нашата пријателка Катаржина ќе ви каже за неа“.
Потоа, 15-годишната Катаржина одушевено рекла: „Добредојдени сте во Сосновиец за обласниот конгрес на Јеховините сведоци. На него ќе биде дискутирано за теми што се од интерес за младите“. Исто така, Катаржина се осврнала и на главната прослава за христијаните — Меморијалот на смртта на Исус Христос. Таа ги охрабрила своите слушатели: „Минатата година низ целиот свет на таа прослава присуствуваа повеќе од 14 милиони луѓе. Зошто не ни се придружите следниот пат?“
По своите презентации, Малвина, Матеуш и Катаржина им ја подариле на наставниците книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство), како и две видеокасети во кои се дискутира за верувањата и активностите на Јеховините сведоци.a Наставниците со ценење ги прифатиле и ветиле дека ќе ги користат на часовите по историја.
На крајот од сесијата, 12-годишната Мартина пред сите насобрани ја отсвирела песната со наслов „О фала ти, Јехова“. Овие млади Сведоци ‚со помош на својот Бог собрале смелост‘ и дале убаво сведоштво (1. Солуњаните 2:2). Каков само прекрасен пример за младите Сведоци насекаде!
[Фуснота]
a Издадени од Јеховини сведоци.
[Слика на страница 26]
Малвина ја подготвува презентацијата неколку дена пред да ја изнесе на училиште
[Слика на страница 26]
Катаржина избира стихови за презентацијата