Сигурноста и задоволството во работата под опсада
СПОРЕД Универзалната декларација за човекови права, донесена од Обединетите нации, „правото на работа“ е основно за сите луѓе. Меѓутоа, тоа право не е секогаш гарантирано. Сигурната работа зависи од многу нешта — почнувајќи од општата состојба на локалната економија па сѐ до состојбата на светскиот пазар. Сепак, кога работата ќе се изгуби или кога е загрозена, честопати следат демонстрации, бунтови и штрајкови. Малку земји се имуни на тоа. Дури и зборот „работа“, рекол еден писател, „е, како што и секогаш бил, збор набиен со емоции“.
Работата е важна за нас од многу причини. Освен што ни обезбедува приход, таа придонесува и за нашето ментално и емоционално добро. Работата ја задоволува желбата на човекот да биде продуктивен член на општеството и да има цел во животот. Таа, исто така, создава кај нас одреден степен на самопочит. Затоа, дури и некои што имаат повеќе пари отколку што им требаат за нивните потреби или, пак, некои што ги исполнуваат условите за пензија, претпочитаат да продолжат да работат. Да, работата е толку важна што, ако ја нема, тоа честопати предизвикува сериозни социјални проблеми.
Од друга страна, пак, има и такви што имаат работа, но се соочуваат со толку многу притисоци на работното место што го губат задоволството од работата. На пример, поради денешната сѐ поголема конкуренција на пазарот, голем број фирми го намалуваат својот персонал со цел да се намалат трошоците. Ова може да наметне додатни барања од останатите вработени, кои можеби затоа ќе мораат да носат додатен товар.
Современата технологија, која треба да го направи животот полесен, а работата поефикасна, всушност ги зголемила притисоците на работното место. На пример, компјутерите, факс-машините и Интернет им даваат на луѓето можност да изберат дали на крајот на денот ќе ја понесат дома својата работа или не, со што границата помеѓу домот и работното место станува нејасна. Еден работник чувствувал како пејџерот и мобилниот телефон од неговата фирма да биле невидлив ланец за кој бил врзан а го држел неговиот шеф.
Едно нешто од што сѐ повеќе се плашат голем број постари лица во нашата економска и работна средина која брзо се менува е дека на нив предвреме ќе се гледа како да се со поминат рок на употреба. Во врска со ова, поранешниот Комесар за човекови права, Крис Сидоти, изјавил: „Изгледа постојат премногу обопштени мислења дека ако си над 40 години не ќе можеш да се справиш со компјутерите и новата технологија“. Затоа, многу добри работници за кои порано ќе се мислело дека се во своите најдобри години од животот, денес се сметаат за престари за да бидат корисни. Колку трагично!
Се разбира, во последниве години етиката на работењето и лојалноста кон фирмата се погазуваат. „Кога корпорациите ги отпуштаат луѓето и при најмал пад на берзата, лојалноста кон фирмата станува минато“, се вели во француското списание Libèration. „Се разбира, мора да се работи, но за себеси, а не за фирмата.“
И покрај ваквите сѐ поголеми проблеми, основната потреба на човекот да работи и понатаму останува. Тогаш, во нашево време што брзо се менува, како може некој да негува урамнотежено гледиште за световната работа и, во исто време, да задржи чувство на сигурност и задоволство во работата?
[Слика на страница 3]
Современата технологија можеби ги зголемила притисоците на работното место