Како да се негува урамнотежено гледиште за работата
ВО ДЕНЕШНИОВ свет на глобални пазари исполнет со притисоци, безмилосна конкуренција и масовно производство, на многу луѓе не им претставува големо задоволство што одат на работа секој ден. Сепак, треба да уживаме во нашата работа. Зошто? Затоа што сме создадени по Божји лик — а Бог ужива во својата работа. На пример, кога на крајот од шесте „дена“, или долги временски периоди на создавање, Бог разгледал што имал направено, во Битие 1:31 се вели дека ‚видел сѐ што направил, и ете, било многу добро‘.
Љубовта на Јехова кон работата несомнено е една причина зошто е наречен „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Тогаш, зарем не е логично дека колку повеќе го имитираме толку посреќни ќе бидеме? Во врска со ова цар Соломон од древниот Израел, еден извонреден градител и организатор, напишал: „И кога човекот јаде и пие и ужива во својот труд, и тоа е Божји дар“ (Проповедник 3:13).
Може да биде предизвик да негуваме урамнотежено, здраво гледиште за работата на работно место кое денес е изложено на сѐ поголеми промени. Но, Јехова Бог ги благословува оние што ги следат неговите упатства полни со љубов (Псалм 119:99, 100). Таквите лица стануваат ценети и доверливи работници и затоа има помала веројатност да ја изгубат работата. Тие, исто така, учат да не гледаат на својот живот и на својата работа само од материјална гледна точка туку и од духовна. Ова ги оспособува да донесуваат одговорни одлуки во животот и да се погрижат нивната среќа и чувство на сигурност да не се ограничени само на нивната работа или на, честопати, непредвидливиот пазар на трудот (Матеј 6:31—33; 1. Коринќаните 2:14, 15). Тоа им помага да негуваат навистина урамнотежена етика на работење.
Негувај божествена етика на работење
Некои луѓе се зависници од работа — ја ставаат својата работа пред сѐ друго. Други одвај чекаат да дојде крајот на денот кога ќе завршат со работа и ќе си одат дома. Кое е урамнотеженото гледиште? Библијата одговара: „Подобро е полн грст во мир, отколку двата грста со мачен труд и мака во духот [стремење по ветар, NW]“ (Проповедник 4:6). Всушност, ако се работи премногу напорно или предолго, тоа има спротивен ефект — залудно „стремење по ветар“. Зошто? Затоа што може да ни страдаат токму оние работи од кои произлегува нашата среќа: нашиот однос со семејството и пријателите, нашата духовност, здравјето, па дури и долговечноста (1. Тимотеј 6:9, 10). Урамнотежено гледиште е да се биде задоволен со помалку материјални средства и со разумна мера мир, наместо да се биде оптоварен со премногу работа проследена со борба и несреќа.
Иако охрабрува на вакво урамнотежено гледиште, Библијата не ја одобрува мрзливоста (Пословици 20:4). Мрзливоста ја нагризува самопочитта и почитта што другите можеби ја имаат кон нас. Што е уште полошо, го нарушува нашиот однос со Бог. Библијата отворено кажува дека оној што одбива да работи не заслужува да јаде на туѓа сметка (2. Солуњаните 3:10). Наместо тоа, тој треба да го смени својот став и да работи напорно, чесно заработувајќи за себе и за оние што зависат од него. Со напорната работа можеби дури ќе може и да им помогне на оние што навистина имаат потреба — постапување на кое Божјата реч охрабрува (Пословици 21:25, 26; Ефешаните 4:28).
Воспитани од детството да ја цениме работата
Добрите работни навики не доаѓаат случајно; тие се учат рано во животот. Затоа Библијата ги поттикнува родителите: „Воспитувај го момчето [или девојчето] според патот за него; дури и кога ќе остари нема да отстапи од него“ (Пословици 22:6, NW). Освен што самите треба да дадат добар пример како работници, мудрите родители почнуваат да ги воспитуваат своите деца со тоа што им даваат задачи низ дома што одговараат на нивната возраст. Иако можеби на децата некои задачи нема да им бидат по ќеф, тие ќе гледаат на себе како на корисни членови на семејството — особено кога мама и тато ќе ги пофалат за нешто што добро го свршиле. За жал, некои родители прават речиси сѐ за своите деца, можеби затоа што погрешно ја применуваат љубезноста. Таквите родители треба да размислат за стихот од Пословици 29:21, кој вели: „Кој го мазни својот слуга [или дете] од детството, после ќе му биде како син [неблагодарен, NW]“.
Одговорните родители, исто така, се живо заинтересирани за образованието на своите деца, охрабрувајќи ги трудољубиво да учат и да работат додека одат на училиште. Тоа може да им користи на младите подоцна кога ќе станат работници.
Биди мудар во изборот на работа
Иако не ни кажува по каква работа да се стремиме, Библијата ни дава добри упатства за да не ги компромитираме нашиот духовен напредок, службата за Бог и другите важни одговорности. На пример, апостол Павле напишал: „Преостанатото време е скратено. Отсега оние кои . . . го користат светот, [нека бидат] како оние кои не го користат во потполност; зашто се менува сцената на овој свет“ (1. Коринќаните 7:29—31). Во сегашниов систем на работи ништо не е трајно ниту сосем стабилно. Тоа што му го посветуваме сето свое време и енергија е исто како да ја инвестираме целата своја животна заштеда во куќа што е изградена во подрачје каде што често има поплави. Колку неразумна инвестиција!
Други библиски преводи го преведуваат изразот „не го користат во потполност“ со „не стануваат обземени од него“ и „не се целосно преокупирани со него“ (The Jerusalem Bible; Today’s English Version). Мудрите никогаш не го губат од вид фактот дека времето за сегашниов систем е „скратено“ и да се биде „обземен“ или „целосно преокупиран“ со него неизбежно ќе води до разочарување и жалење (1. Јованово 2:15—17).
‚Бог никако нема да те напушти‘
Јехова ги знае нашите потреби дури подобро и од нас самите. Исто така, знае до каде сме дојдени во остварувањето на неговата намера. Затоа, тој нѐ потсетува: „Вашиот начин на живот нека биде ослободен од љубовта кон парите, и бидете задоволни со она што го имате сега. Зашто [Бог] рекол: ‚Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам‘“ (Евреите 13:5). Колку се утешни овие зборови! Имитирајќи ја љубезната грижа на Бог за својот народ, Исус посветил важен дел од својата прочуена Проповед на гората да ги поучи своите ученици за исправното гледиште за работата и материјалните работи (Матеј 6:19—33).
Јеховините сведоци настојуваат да внимаваат на тие учења. На пример, кога некој работодавец повикал еден Сведок, електричар, да работи прекувремено на редовна основа, работникот одбил. Зошто? Зашто не сакал неговата световна работа да пречи на времето што го посветувал на своето семејство и на духовните работи. Бидејќи бил одличен работник на кого може да му се верува, неговиот работодавец ги почитувал неговите желби. Се разбира, работите не завршуваат секогаш така, и некој можеби ќе мора да побара друга работа за да задржи урамнотежен животен стил. Сепак, оние што целосно ја полагаат својата доверба во Јехова обично увидуваат дека нивното добро однесување и етика на работење им донесуваат наклоност од работодавецот (Пословици 3:5, 6).
Кога секоја работа ќе биде наградувачка
Во сегашниов, несовршен систем на работи, вработувањето и изгледите за вработување никогаш нема да бидат без проблеми и несигурност. Всушност, работите може да станат уште полоши додека светот станува понестабилен а стопанството се тетерави или дури и пропаѓа. Но, ваквата ситуација е привремена. Наскоро, никој нема да биде без работа. Освен тоа, секоја работа ќе биде навистина интересна и наградувачка. Како е можно тоа? Што ќе донесе таква промена?
Преку својот пророк Исаија, Јехова укажал на тоа време. „Јас создавам нова небеса и нова земја“, рекол Јехова, „поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум“ (Исаија 65:17). Тој зборувал за својата нова влада, под која едно потполно ново и поинакво човечко општество ќе стане стварност (Даниел 2:44).
Во врска со начинот на кој луѓето ќе живеат и работат тогаш, пророштвото продолжува: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избрани ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце. Не ќе се измачуваат напразно и не ќе раѓаат за прерана смрт, зашто тие со своите потомци ќе бидат род на Господовите благословеници“ (Исаија 65:21—23).
Каква само промена ќе донесе тој нов свет што го наумил Бог! Зарем не сакаш да живееш во еден таков свет, свет во кој нема да се ‚измачуваш напразно‘ туку потполно ќе уживаш во „плодовите“ на својот труд? Меѓутоа, забележи кој ќе ужива такви благослови: „Тие со своите потомци ќе бидат род на Господовите благословеници“. И ти можеш да бидеш еден од тие „благословеници“ ако учиш за Јехова и ги исполнуваш неговите барања. Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистинит Бог, и за оној кого си го испратил, Исус Христос“ (Јован 17:3). На Јеховините сведоци ќе им биде мило да ти помогнат да стекнеш такво животодајно спознание со помош на систематско проучување на Божјата реч, Библијата.
[Рамка на страница 6]
„ПОСТОЈАНО БАРАНИ“
„Што и да правите, работете на тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето“, вели Библијата (Колошаните 3:23). Очигледно, оној што во својата етика на работење се раководи според ова прекрасно начело ќе биде баран работник. Од таа причина, Џ. Џ. Луна, во својата книга How to Be Invisible (Како да се биде невидлив), ги советува потенцијалните работодавци да бараат активни членови на одредени религиозни групи, но додава: „Всушност, обично на крај пак завршуваме со [Јеховини] Сведоци“. Една од причините што тој ги наведува е тоа што тие се добро познати по нивната чесност, и затоа се „постојано барани“ на различни полиња.
[Слики на страница 5]
Урамнотежувањето на работата со духовните активности и со рекреацијата, ќе донесе задоволство