Што се случило со нив?
НОФ И НО се библиските имиња за некогаш познатите главни градови на Египет, Мемфис и Теба. Ноф (Мемфис) се наоѓал на околу 23 километри јужно од Каиро, на западната страна на реката Нил. Меѓутоа, со текот на времето, Мемфис го изгубил својот статус како главен град на Египет. До почетокот на 15 век пр.н.е. Египет веќе имал нов главен град, Но (Теба), што се наоѓал околу 500 километри јужно од Мемфис. Меѓу многуте урнатини од храмови, во Теба се и урнатините на Карнак, кој се смета за најголема градба со столбови што некогаш била изградена. Теба и нејзиниот храм Карнак биле посветени на обожавањето на Амон, главниот бог на Египќаните.
Што прорекле библиските пророштва за Мемфис и Теба? Против египетскиот фараон и неговите богови, особено главниот бог, „Амон од Но“, била изречена осуда (Еремија 46:25, 26, NW). Мноштвото обожаватели што се слевале таму требало да бидат ‚истребени‘ (Езекиел 30:14, 15). А така и се случило. Сѐ што останало од обожавањето на Амон се урнатините на храмот. Денешниот град Луксор е сместен на дел од локацијата на древната Теба, а има и други мали села меѓу неговите урнатини.
Што се однесува до Мемфис, од него останало малку друго освен гробишта. Библискиот изучувач Луис Голдинг вели: „Стотици години арапските освојувачи на Египет ги користеле џиновските урнатини на Мемфис како каменолом за да го изградат својот главен град [Каиро] на спротивната страна од реката. Нил и арапските градители толку добро си ја завршиле работата што со километри наоколу, во околината на древниот град, ниту камен не ѕирка од црната почва“. Навистина, како што било проречено во Библијата, Мемфис станал „пустина . . . и ненаселен“ (Еремија 46:19).
Ова се само два од многуте примери што ја покажуваат точноста на библиските пророштва. Разорувањето на Теба и Мемфис дава цврста причина да имаме доверба во библиските пророштва што сѐ уште не се исполнети (Псалм 37:10, 11, 29; Лука 23:43; Откровение 21:3—5).
[Извор на слика на страница 32]
Фотографија направена со љубезна дозвола на Британскиот музеј