Објавителите на Царството известуваат
„Ова е откровение!“
ДОРОТА, полновремен министер на Јеховините сведоци во Полска, го придружувала својот 14-годишен син на еден систематски преглед во училишната амбуланта. За време на испитувањата, докторката Јанинаa ја прашала Дорота за работите што син ѝ ги извршува низ дома.
„Кога јас не можам, син ми прави ручек за сите шестмина во семејството“, одговорила Дорота. „Исто така, чисти и помага во поправките околу куќата. Сака и да чита. Добар ученик е “.
„Тоа е неверојатно“, рекла Јанина. „Овде работам 12 години и никогаш не сум чула нешто слично.“
Увидувајќи прилика да даде сведоштво, Дорота објаснила: „Многу родители денес пропуштаат исправно да ги воспитаат своите деца. Затоа нивните деца честопати имаат ниска самопочит“.
„Од каде го знаете сево ова?“ прашала Јанина. „Повеќето родители не знаат ништо за овие работи.“
„Библијата е скапоцен извор на вакви информации“, одговорила Дорота. „На пример, според Второзаконие 6:6—9, поучувањето на децата почнува така што прво ние ќе се поучиме. Зарем не треба прво во нашите срца и умови да ги всадиме вредностите што сакаме да ги врежеме во нашите деца?“
„Ова е неверојатно“, рекла Јанина. „Ова е неверојатно!“ Потоа ја прашала Дорота како ѝ помогнала Библијата да ги подигне и поучи своите деца.
„Секоја седмица ја проучуваме Библијата со нашите деца“, објаснила Дорота. „Користиме една книга со наслов Младите прашуваат — Делотворни одговори.“b Потоа ја опишала книгата и спомнала некои од темите што се обработени во неа.
„Ова е откровение!“ извикала Јанина. „Може ли да ја разгледам таа книга?“
Еден час подоцна, Дорота се вратила со книгата.
„Од која религија сте?“ прашала Јанина додека ја разгледувала книгата.
„Јас сум Јеховин сведок.“
„Како постапуваат Јеховините сведоци со оние што се од друга вера?“
„Исто како што јас постапувам со Вас — со почит“, одговорила Дорота, додавајќи: „Се разбира, ние сакаме и тие да ја запознаат вистината од Библијата“.
„Веќе се чувствувам многу подобро“, рекла Јанина.
На крајот на посетата, Дорота ја поттикнала Јанина да ја чита Библијата. „Таа ќе му даде смисла на Вашиот живот и ќе Ви помогне во работата.“
„Навистина ме поттикнавте да го сторам тоа“ признала Јанина.
Со тактичност и решеност, Дорота претворила еден систематски преглед кај докторот во убаво сведоштво (1. Петрово 3:15).
[Фусноти]
a Не е нејзиното име.
b Издадена од Јеховините сведоци.