Јеховината реч се вивнува во „Земјата на орелот“
„ЗЕМЈАТА на орелот.“ Така, на мајчин јазик, Албанците ја викаат својата земја, вгнездена меѓу Јадранското море, Грција, Македонија и Србија. Иако постојат многу теории за потеклото на овој народ, повеќето историчари се сложуваат дека тие и нивниот јазик потекнуваат од древните Илири, чија култура, според Encyclopædia Britannica, потекнува уште од 2000 година пр.н.е.
Природните убавини на земјата се најразнолики – од остро засечените планински врвови на крајниот северен дел до белите песочни плажи на јужниот дел на Јадранското Море. Но сепак, најголемата убавина се крие во луѓето. Тие се топли и гостољубиви, весели и отворени, бистри кога учат и страствени кога со живи гестови го кажуваат своето мислење.
Посета од еден познат мисионер
Привлечниот карактер на луѓето и живописната околина без сомнение го привлекле вниманието на еден необичен патник пред многу векови. Околу 56 година од н.е., апостол Павле, кој веќе имал многу пропатувано, напишал: „Сѐ до Илирик темелно ја проповедав добрата вест за Христос“ (Римјаните 15:19). Јужниот дел на Илирик е денешна средна и северна Албанија. Павле пишувал од Коринт, во Грција, јужно од Илирик. Тоа што вели дека темелно проповедал „сѐ до Илирик“ може да значи или дека стигнал до крајот на земјата или, пак, дека го опфатил регионот. Во секој случај, проповедал на подрачјето на денешна јужна Албанија. Значи, најраното проповедање на Царството на подрачјето на Албанија може да му се припише на апостол Павле.
Оттогаш минале векови. Се издигнале и паднале многу царства. Многу странски сили доаѓале и си заминувале од ова малечко парче на Европа сѐ додека, во 1912 година, Албанија не станала независна држава. Отприлика една деценија потоа, гласот за Јеховиното Царство повторно се чул таму.
Возбудлив современ почеток
Во 1920-тите, неколкумина Албански имигранти од Соединетите Држави, кои биле Меѓународни истражувачи на Библијата, како што се нарекуваа Јеховините сведоци тогаш, се вратиле во Албанија за да го споделат со другите она што го дознале. Меѓу нив бил Нашо Идризи. Луѓето покажувале интерес. Бидејќи интересот станувал сѐ поголем, во 1924 година Романската подружница била назначена да го надгледува делото на проповедање во Албанија.
Танас Дули (Атхан Дулис) бил еден од оние што дознале за Јехова во Албанија тие години. Тој се присетува: „Во 1925 година во Албанија имаше три организирани собранија, како и Истражувачи на Библијата и заинтересирани лица раштркани низ целата земја. Љубовта што ја имаа меѓу себе ги правеше толку поразлични од . . . луѓето во околината!a
Било многу тешко да се патува затоа што немало изградено патишта. Сепак, ревносните објавители го прифатиле предизвикот. На пример, во 1928 година, на јужниот брег во Влора, се крстила Ареити Пина, на 18 години. Со Библијата в рака, таа ги минала вдолж и попреку стрмните планини проповедајќи. Припаѓала на силното собрание што постоело во Влора во почетокот на 1930-тите.
Од 1930 година, проповедањето во Албанија се одвивало под надзор на подружницата во Атина (Грција). Во 1932 година, Албанија ја посетил еден патувачки надгледник од Грција за да ги охрабри и зајакне браќата. Повеќето од оние што тогаш ја дознале Библиската вистина имале небесна надеж. Тоа што биле познати како чесни и пристојни луѓе им донело добар глас надалеку и нашироко. Трудот на овие верни браќа дал многу плод. Во 1935 и во 1936 година во Албанија биле дадени по 6.500 примероци литература.
Еден ден, во центарот на Влора, Нашо Идризи пуштил на грамофон еден говор на Џ. Ф. Ратерфорд. Луѓето запреле со работата и дошле да го слушаат брат Идризи, кој им преведувал на албански јазик. Ревноста на овие рани, неуморни проповедници на Библијата, била наградена. До 1940 година, во Албанија веќе имало 50 Сведоци.
Атеистичка земја
Во 1939 година земјата ја окупираа италијанските фашисти. Законското признание на Јеховините сведоци беше поништено, а нивното проповедничко дело забрането. Кратко потоа во земјата навлегоа германските трупи. Кога Втората светска војна заврши, на сцената се појави Енвер Хоџа и по себе повлече маса народ. Неговата Комунистичка партија ги доби изборите во 1946 година и тој стана премиер. Годините потоа беа наречени време на ослободување, но за Јеховиниот народ значеа токму спротивното.
Постепено, владата беше сѐ помалку толерантна спрема религијата. Бидејќи, како христијани, беа политички неутрални, Јеховините сведоци во Албанија одбиваа да користат оружје и да се мешаат во политичките збиднувања (Исаија 2:2-4; Јован 15:17-19). Многумина беа фрлени во затвор, без храна или нешто од најосновните животни потреби. Во голем број случаи, сестрите однадвор ги переа и им готвеа.
Бестрашни и покрај прогонството
Во почетокот на 1940-тите, Фросина Џека, девојка во тинејџерски години од едно село близу областа Пермет, слушнала што учат нејзините постари браќа од еден чевлар по име Нашо Дори, кој бил Сведок.b Односот на власта кон Јеховините сведоци уште повеќе се заостри, но на разочарување на нејзините родители, верата на Фросина станала уште посилна. „Ќе ми ги скриеја чевлите и ќе ме тепаа ако одев на христијанските состаноци. Се обидоа да ми договорат брак со неверник. Кога одбив, ме истераа од дома. Тој ден паѓаше снег. Нашо Дори го замоли брат Голеј Флоко од Ѓирокастро да ми помогне. Се договорија да живеам со неговото семејство. Моите браќа беа две години во затвор поради својот неутрален став. Откако ги ослободија, се преселив во Влора за да живеам со нив.
Полицијата се обиде да ме присили да учествувам во политички активности. Одбив. Ме уапсија, ме одведоа во една соба и застанаа околу мене. Еден од нив заканувачки ми рече: ‚Знаеш ли што може да ти направиме?‘ Одговорив: ‚Можете да ми го направите само она што Јехова ќе ви дозволи да ми го направите‘. Остро ми врати: ‚Ти сигурно си луда! Да те нема оттука!‘“
Верноста остана да биде одлика на браќата во Албанија и низ годините потоа. Во 1957 година беше достигнат највисок број од 75 објавители. Во почетокот на 1960-тите, Водечкото тело на Јеховините сведоци го испрати Џон Маркс, албански имигрант во Соединетите Држави, да ја посети Тирана за да помогне да се организира христијанското дело таму.c Но, по кратко време, Лучи Џека, Михал Свези, Леонида Попе и други браќа на одговорни положби беа пратени во работни логори.
Се појавува зрак на надеж
До 1967 година веќе на сите религии во Албанија се гледаше со неодобрување. Потоа веќе не се толерираа. Ниту католички, ниту православен ниту муслимански свештеник не можеше да врши религиозен обред. Црквите и џамиите беа затворени или пренаменети во фискултурни сали, музеи или продавници. Никој не смееше да има Библија. Не смееше ни да спомне дека верува во Бог.
Проповедањето и заедничкото собирање беа речиси невозможни. Секој Сведок правеше сѐ што можеше за да му служи на Јехова, и покрај тоа што беше раздвоен од другите соверници. Во периодот од 1960 до 1980 година, бројот на Сведоци се намали на само грст луѓе. Но, духовно беа јаки.
Кон крајот на 1980-тите политичките промени во Албанија се одвиваа бавно. Храната и облеката беа скудни. Луѓето не беа среќни. Реформите што ја зафатија Источна Европа стигнаа и до Албанија во почетокот на 1990-тите. По 45 години тоталитарен режим, новата влада повторно им даде на луѓето религиозна слобода.
Под водство на Водечкото тело на Јеховините сведоци, подружниците во Австрија и Грција брзо стапија во контакт со браќата во Албанија. Браќа од Грција што знаеја албански однесоа понова литература преведена на албански во Тирана и Берат. Со колкава радост се исполнија срцата на браќата што пред тоа беа распрснати низ целата земја кога за првпат по толку години сретнаа Сведоци од други земји!
Ревносни пионери од странство предводат во службата
Во почетокот на 1992 година Водечкото тело уреди Мајкл и Линда Ди Грегорио, еден брачен пар мисионери со албанско потекло, да се преселат во Албанија. Тие стапија во контакт со постарите верни браќа, помагајќи им повторно да станат дел од нивната меѓународна духовна фамилија. Во ноември пристигна група од 16 ревносни специјални пионери, или полновремени проповедници, од Италија, како и четворица пионери од Грција. За да им се помогне да го научат албанскиот јазик, беше организиран курс по албански.
Секојдневниот живот на овие пионери не беше лесен. Струјата често прекинуваше. Зимите беа студени и влажни. Со часови се чекаше ред за основните животни продукти. Сепак, најголемиот проблем за браќата беше како да се најдат доволно големи објекти каде што би се собрала навалата од луѓе кои покажуваа интерес за вистината!
Пионерите што се мачеа да научат да зборуваат албански сфатија дека јазикот е само средство за да се постигне некоја цел. Еден брат кој има големо искуство во поучувањето за Библијата им рече: „Не мора совршено да знаеме да ги менуваме глаголите за топло да им се насмевнеме и да ги прегрнеме браќата. Албанците ќе реагираат на искрената љубов што ќе ја видат а не на совршената граматика. Не грижете се, ќе ве разберат“.
По првиот јазичен курс, пионерите се зафатија со работа во Берат, Драч, Ѓирокастро, Скадар, Тирана и Влора. Наскоро во овие градови почнаа како печурки да растат собранија. Ареити Пина, сега веќе на 80 години и со слабо здравје, сѐ уште беше во Влора. Таму беа пратени двајца специјални пионери заедно со кои таа можеше да проповеда. Луѓето беа зачудени што странци го зборуваат нивниот јазик: „Мисионерите од другите религии нѐ тераат ние да научиме англиски или италијански ако сакаме да научиме нешто од нив. Мора навистина да нѐ сакате и да имате да ни кажете нешто многу важно штом вие сте научиле албански!“ Ареити верно го заврши својот земен пат во јануари 1994 година, активно проповедајќи до последниот месец од својот живот. Ревноста што ја покажаа таа и пионерите беше благословена. Во 1995 година во Влора повторно беше формирано собрание. Денес, три успешни собранија се зафатени со проповедањето на ова пристаниште.
Низ целата земја, луѓето гладуваа духовно и беа без религиозни предрасуди. Тие просто ја голтаа сета библиска литература што им ја даваа Сведоците. Многу млади почнаа да ја проучуваат Библијата и брзо напредуваа.
Повеќе од 90 собранија и групи и понатаму продолжуваат да ‚се зацврстуваат во верата и нивниот број да расте од ден на ден‘ низ целата земја (Дела 16:5). Има уште многу работа за 3.513-те Сведоци во Албанија. Во Март 2005 година, на меморијалот на Христовата смрт имаше 10.144 присутни. Разговорите со гостољубивите луѓе во делото на проповедање водеа до преку 6.000 библиски студии. Јасно, илјадници ќе извлечат корист од неодамна објавениот Превод Нов Свет на албански. Навистина, Јеховината Реч се вивнува во „Земјата на орелот“, на слава на Јехова.
[Фусноти]
a Животната приказна на Танас Дули е објавена во англиското издание на Стражарска кула од 1 декември 1968.
b Животната приказна на Нашо Дори е објавена во Стражарска кула од 1 јануари 1996.
c Животната приказна на сопругата на Џон Маркс, Хелен, е објавена во Стражарска кула од 1 јануари 2002.
[Рамка на страница 20]
СЕ ТОПИ ЕТНИЧКИОТ РАЗДОР ВО КОСОВО!
За Косово слушавме многу при крајот на 1990-тите, кога територијалните расправии и длабоко вкоренетата етничка омраза доведоа до војна и интервенција од меѓународните сили.
За време на војната на Балканот, многу Сведоци беа принудени да пребегаат во соседните земји. Откако војната се смири, една мала група од нив се врати во Косово, спремна да се фати за работа. Некои специјални пионери од Албанија и Италија се понудија да се преселат во Косово за да им помогнат на 2.350.000-те жители таму. Моментално, четири собранија и шест групи му служат на Јехова на ова подрачје, со вкупен број од 130 објавители.
Летото 2003 година, во Приштина, се одржа Ден на специјален собир, на кој присуствуваа 252 лица. Меѓу нив имаше Албанци, Германци, Италијанци, Роми и Срби. На крајот на говорот за крштавање, говорникот постави две прашања. Тројца чекаа да одговорат потврдно: Албанец, Ромка и Србинка.
Громогласен аплауз изби кога истовремено се чу нивниот одговор: „По!“, „Ва!“ и „Да!“ Тројцата се прегрнаа. Тие го пронајдоа одговорот за длабоко вкоренетите етнички проблеми што ја измачуваат нивната земја.
[Карта на страница 17]
(Види во публикацијата)
Средоземно Море
ИТАЛИЈА
АЛБАНИЈА
ГРЦИЈА
[Слика на страница 18]
Младите сведоци го следат примерот на ревност на постарите
[Слика на страница 18]
Ареити Пина служеше верно од 1928 до својата смрт во 1994
[Слика на страница 19]
Првата група пионери на час по јазик
[Извор на слика на страница 16]
Орел: © Brian K. Wheeler/VIREO