Прашања од читателите
Во која смисла тој што го поучувал народот нашол „човек чесен, еден во илјада“, но „жена чесна меѓу сите нив“ не нашол? (Проповедник 7:28).
За да ги разбереме исправно овие вдахновени зборови, треба прво да разбереме како гледа Бог на жените. Рут, снаата на вдовицата Ноемина, во Библијата е наречена „примерна жена“ (Рут 3:11). Според Изреки 31:10, добрата жена е „поскапа и од најскапоцените камења“ (Превод на МПЦ). Тогаш, што мислел Соломон, царот на стариот Израел, кога рекол: „Најдов човек чесен, еден во илјада, а жена чесна меѓу сите нив не најдов“?
Контекстот покажува дека, во времето на Соломон, повеќето жени биле неморални (Проповедник 7:26). За ова најверојатно многу придонело влијанието на туѓинките кои го обожавале Ваал. Дури и цар Соломон подлегнал на влијанието на многуте свои жени туѓинки. „Имаше седумстотини жени, кнегињи, и триста наложници“, вели Библијата, „и неговите жени на крајот му го заведоа срцето“ да обожава лажни богови (1. Царевите 11:1-4). Ни мажите немале високи морални мерила — еден чесен маж во илјада било навистина нешто ретко, па дури и незабележително. „Само ова го открив“, заклучил Соломон, „вистинскиот Бог ги направил луѓето чесни, но тие одат по многуте свои замисли“ (Проповедник 7:29). Овој заклучок се однесува на луѓето воопшто — тука не се прави разлика меѓу мажите и жените. Затоа, на зборовите што се наоѓаат во Проповедник 7:28 треба да се гледа како на коментар за општата морална состојба на луѓето од времето на Соломон.
Но, овој стих можеби има уште едно значење. Можно е тие зборови да се и пророштво, бидејќи досега не постоела жена што му била совршено послушна на Јехова. Но таков маж постоел — Исус Христос (Римјаните 5:15-17).
[Слика на страница 31]
„Човек чесен, еден во илјада“