„Ќе цветаат и кога косата ќе им побели“
МНОГУ луѓе во медитеранските земји садат урми во своите дворови. Овие палми се познати по својата убавина и по вкусните плодови. Освен тоа, тие се родни и по повеќе од сто години.
Соломон, царот на древниот Израел, поетски ја споредил ставата на една убава Суламка со палма (Песна над песните 7:7). Во книгата Растенијата спомнати во Библијата (Plants of the Bible) стои: „Хебрејскиот збор за урмина палма е ‚тамар‘... Тој за Евреите станал симбол за миловидност и префинетост, па затоа честопати им го давале на женските деца“. На пример, убавата полусестра на Соломон се викала Тамара (2. Самоилова 13:1). До ден-денес има родители што им го даваат тоа име на своите ќерки.
Со палма не биле споредени само убавите жени. Псалмистот пеел: „Праведникот ќе процвета како палма, ќе израсне како кедар на Ливан. Оние што се посадени во домот на Јехова, во дворовите на нашиот Бог, ќе процветаат. Ќе цветаат и кога косата ќе им побели, јадри и свежи ќе останат“ (Псалм 92:12-14).
Оние што верно му служат на Бог, и покрај тоа што се постари, имаат многу сличности со достоинствените палми. Библијата вели: „Седата коса е прекрасна круна кога се наоѓа на патот на праведноста“ (Изреки 16:31). Иако нивната сила слабее како што минуваат годините, старите остануваат духовно витални, црпејќи сила од Божјата реч, Библијата, преку редовното проучување (Псалм 1:1-3; Еремија 17:7, 8). Со своите пријатни зборови и со добриот пример, тие верни луѓе се извор на огромно охрабрување за другите. Освен тоа, не престануваат да даваат духовни плодови (Тит 2:2-5; Евреите 13:15, 16). Исто како палмите, постарите христијани може да останат витални и во длабока старост.