„Се восхитував на неговата невидена решеност“
ГИНТЕР ГРАС, германски писател и добитник на Нобеловата награда за литература во 1999 год., ја објави својата автобиографија во 2006 год. Во неа тој го опишува времето кога бил регрутиран да служи во цивилната одбрана на Германија. Во истата книга зборува за една личност која му оставила впечаток кој не се избришал ни по 60 години. Тој бил сам, но не се откажал од својата вера, иако се нашол под голем притисок.
Во интервју за дневниот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung, Грас го спомна тој невообичаен човек, кој не сакал да земе оружје в рака. За него Грас рече: „Не беше приврзаник на ниту една од популарните идеологии, и не беше ниту нацист, ниту комунист, ниту социјалист. Беше Јеховин сведок“. Грас не се сеќава како се викал тој Сведок, па го нарекува „Ние-тоа-не-го-правиме“. Јеховините сведоци проверија и открија дека станува збор за Јоахим Алферман. Тој бил често тепан и понижуван, и лежел во самица. Но останал цврст и одбил да земе оружје в рака.
„Се восхитував на неговата невидена решеност“, изјавува Грас. „Се прашував: Како може да го поднесе сето тоа? Како успева?“ Во февруари 1944 год., откако подолго време се обидувале да го натераат да постапи против Божјата волја, го испратиле во концентрациониот логор Штутхоф. Бил ослободен во април 1945 год., ја преживеал војната и останал верен Јеховин сведок до својата смрт во 1998 год.
Алферман не бил единствен случај. Во Германија и во другите земји под нацистичка окупација, околу 13.400 Сведоци наишле на сурово прогонство поради нивната вера. Послушни на она што го пишува во Библијата, останале политички неутрални и одбиле да земат оружје (Матеј 26:52; Јован 18:36). Околу 4.200 Сведоци биле однесени во концентрациони логори, а 1.490 таму го изгубиле животот. До ден-денес, ставот што тие Сведоци го зазеле остава силен впечаток на луѓе што не ја делат нивната вера, но се восхитуваат на нивната непоколебливост.
[Слика на страница 32]
Јоахим Алферман