Писмо од Доминиканската Република
„Никогаш не сум почувствувала таква љубов“
ОВАА седмица, Ниурка за првпат изнесе кратка библиска презентација во нашето собрание. Се подготви така што прво напиша на Брајово писмо што ќе каже, а потоа го научи текстот напамет. Јас бев на подиумот со неа, во улога на лице кое сака да дознае нешто повеќе за Библијата. Зборував во микрофон, а таа можеше да ме слуша преку слушалки кои го засилуваа мојот глас. Кога завршивме, восхитените присутни аплаудираа толку гласно, што дури и таа ги слушна. На лицето ѝ заблеска радосна насмевка. И јас бев среќна. Мисионерската служба е навистина извор на огромна радост!
Се сеќавам на мојата прва средба со Ниурка. Тоа беше пред две години. По половина час возење по правливите селски патишта, ја видов за првпат. Беше седната пред една скромна селска куќичка, направена од дрво и бетонски блокови, и покриена со за’рѓан лимен покрив. Воздухот околу куќарката беше исполнет со гласови и мирис на кози, зајаци и кучиња. Ниурка седеше стутулена и со сведната глава — вистинска слика на осаменост и потиштеност. Изгледаше многу постара од 34 години.
Нежно ја потапкав по рамото, а таа ја крена главата и ме погледна со очи кои 11 години пред тоа го изгубиле видот. Морав да ѝ викнам во увото за да ме чуе кои сме јас и мојата придружничка со која проповедавме. Подоцна дознавме дека Ниурка страда од Марфанов синдром, наследна болест од која многу пострадала. Освен тоа, Ниурка има и тежок дијабетес, па поради тоа мора постојано да го проверува нивото на шеќер во крвта, зашто многу ѝ варира.
Кога ѝ ставив Библија во рацете, таа ја препозна и рече дека уживала да ја чита пред да го изгуби видот. Но, како можев да го поучам ова осамено, понизно, слабичко суштество за освежувачките вистини од Божјата реч? Бидејќи ја знаеше азбуката, почнав да ѝ ставам пластични букви во рацете. Наскоро можеше да ги препознае. Потоа, допирајќи ги моите раце кога ѝ зборував со знаковен јазик, научи да ја поврзува секоја буква со соодветниот знак во американскиот знаковен јазик. Постепено научи и други знаци. Бидејќи и јас штотуку почнав да го учам тој јазик, ми требаа часови за да се подготвам пред да ја проучувам Библијата со неа. Меѓутоа, и јас и Ниурка имавме силна желба да учиме, па затоа брзо напредувавме со знаковниот јазик.
На Ниурка ѝ се даде можност да напредува многу побрзо кога една добротворна организација ѝ подари апаратче за слушање. Иако апаратчето не беше од најновите, ѝ беше од огромна помош. По повеќе од една деценија живот во слепило и во речиси потполна тишина, таа се имаше повлечено во свој сопствен свет. Но, Јеховиниот дух ги разбуди и нејзиниот ум и нејзиното срце, и ги исполни со знаење, надеж и љубов. Наскоро, со помош на стап, Ниурка почна да оди низ соседството и да им зборува на другите за библиската вистина.
Сега Ниурка ја проучува Библијата со својата тетка и со две братучетки. Добро се подготвува, учејќи го секое поглавје напамет. Лицето со кое проучува обично го чита пасусот, а потоа Ниурка го чита прашањето од својата книга на Брајово писмо. Оној што ја придружува во проучувањето потоа ѝ го пренесува одговорот на Ниурка, или така што ѝ зборува во увото или со знаковен јазик кој таа го чита со допир.
Целото собрание ѝ помага на Ниурка и ја охрабрува. Неколку христијански браќа ѝ помагаат да оди на состаноци и на собири. Други одат да проповедаат заедно со неа. Неодамна, Ниурка ми рече: „Никогаш не сум почувствувала таква љубов“. Планира да се крсти на следниот обласен конгрес.
Свртуваме во уличката каде што живее Ниурка и повторно ја здогледуваме како седи на сонце пред куќата, но со крената глава и со насмевка на лицето. Ја прашувам зошто се смешка, а таа вели: „Си размислував како во иднина Земјата ќе стане рај. И си замислував дека веќе сум таму“.
[Слика на страница 25]
Ниурка со неколку членови на нашето собрание пред Салата на Царството
[Слика на страница 25]
Ниурка им зборува на другите за она што го учи