‚Ја запазив верата‘
РАСКАЖАЛЕ ПРИЈАТЕЛИТЕ НА БРУНЕЛА ИНКОНДИТИ
„САБОТА беше особено долг и осамен ден. Бев сама во собата и се чувствував безнадежно. Ми се чинеше како да одам низ некаков ходник. Сѐ беше добро, но одеднаш некој ми ја тресна вратата пред нос и, покрај сите мои обиди, немаше никаков излез.“
Крајно разочарување длабоко го тиштело срцето на 15-годишната Брунела Инкондити. Најзначајниот ден од нејзиниот млад живот полека згаснувал. На почетокот од годината, нејзината сѐ поголема љубов кон Јехова и Библијата ја поттикнала да му го посвети својот живот нему. Требало да се крсти во јули 1990 на обласниот конгрес на Јеховините сведоци во Монтреал (Канада). Наместо тоа, Брунела се нашла пред еден испит на нејзината вера кој требало да го опфати преостанатиот дел од нејзиниот живот.
Два дена пред да го симболизира своето предание со крштевање во вода, Брунела дознала дека има леукемија. Докторите во локалната детска болница сакале веднаш да започнат со терапијата, па така таа била задржана во болницата.
Нејзините сопствени зборови ги поттикнале докторите
Брунела знаела дека крвта е света пред Јехова Бог (3. Мојсеева 17:11). Нејзините родители, Едмондо и Николета, поставиле услов во лечењето на нивната ќерка да не биде употребена трансфузија на крв. „Брунела сакаше докторите да го слушнат тоа и од неа лично, иако беше неполнолетна“, се сеќава нејзиниот татко. „Таа решително им кажа дека не сака терапија која би ја прекршувала библиската заповед да се ‚воздржуваме од крв‘“ (Дела 15:20).
На 10. јули 1990, тројца доктори и една социјална работничка се состанале со родителите на Брунела и со двајца старешини од месното собрание на Јеховините сведоци. Анализите потврдиле дека Брунела има акутна лимфобластична леукемија. Докторите го изложиле својот план за борба против болеста. Тие тактично објасниле дека постапката на лекување е многу тешка. „Однесувањето на Брунела и нејзината одлучност да му биде послушна на Бог ги трогна докторите и социјалната работничка. Тие беа импресионирани од љубовта на нејзините родители и од поддршката што ја дадоа пријателите од христијанското собрание. Исто така беа задоволни од начинот на кој ја сфативме и почитувавме нивната положба“, се присеќава еден собрански старешина.
Докторите сакале да избегнат трансфузија на крв. Брунела требало да прими екстензивна хемотерапија, но не толку јака како вообичаената. Тоа би го редуцирало оштетувањето на нејзините крвни клетки предизвикано со терапијата. „Докторите ги земаа во обѕир физичките, емоционалните и духовните потреби на Брунела“, објаснува Николета. „Кога им рековме да се консултираат со некој специјалист кој има искуство во бескрвен третман кај детска леукемија, тие се согласија.“ Брунела и болничкиот персонал создадоа однос на срдечна наклоност.
Духовни цели
Иако уводната терапија дала некои добри резултати, тешкото искушение на Брунела допрва почнувало. До ноември 1990 болеста била во фаза на попуштање, па така, без одложување, таа била крстена. Осврнувајќи се на претходните неколку месеци, Брунела признала: „Воопшто не беше лесно. Потребни се многу сили и треба да се размислува позитивно. . . . Мојата вера беше ставена на испит, но останав непоколеблива и сѐ уште имам во план кариера на општ пионер [полновремен слуга]“.
На почетокот на 1991, состојбата на Брунела повторно се влошила. За малку ќе умрела за време на хемотерапијата, но, на изненадување и на радост на сите, повторно закрепнала. До август имала доволно сили да го помине месецот во јавната служба на проповедање како помошен пионер. Нејзината болест повторно се влошила и, до ноември 1991, телото ѝ било зафатено со рак на неколку места. Една докторска екипа од друга болница почнала да ја лечи со зрачење.
Дури и под такви тешки услови, Брунела останала цврста и си поставила духовни цели пред себе. Кога прв пат дознала за леукемијата, ѝ било речено дека ќе живее можеби само уште шест месеци. Сега, скоро година и пол подоцна, Брунела сѐ уште си правела планови за иднината. „Таа не губеше време што се однесува до нејзините цели“, забележал еден собраниски старешина. „Верата на Брунела во Божјиот ветен рај ја одржа за време на нејзиното тешко искушение. Иако млада по години, таа растеше во христијанската зрелост. Нејзиното однесување и став го мотивираа собранието и ги пленија срцата на оние кои ја познаваа, вклучувајќи го и болничкиот персонал.“ Нејзината мајка се присеќава: „Таа никогаш не се жалеше. Кога некој ќе ја запрашаше како се чувствува, ќе одговореше: ‚Добро‘, или ‚Не е лошо, а како си ти?‘“
Сигурна иднина
Брунела планирала да го посети обласниот конгрес „Светлоносци“ на Јеховините сведоци, во јули 1992. Меѓутоа, до времето на конгресот таа се наоѓала в болница, а нејзиниот живот бил при крај. Но, и покрај тоа, присуствувала на конгресот во инвалидска количка, сакајќи да ја види драмата „Да се прави она што е исправно во Јеховините очи“.
Се вратила дома за да ги помине последните неколку дена од својот живот со своето семејство. „До крајот беше повеќе загрижена за другите отколку за себе“, вели Николета. „Ќе ги охрабреше другите да ја проучуваат Библијата, велејќи им: ‚Ќе бидеме заедно во рајот‘“.
Брунела умрела на 27. јули 1992, цврста во својата вера во воскресение за живот во рајот на Земјата. Таа само започнала да ги исполнува своите цели, но планирала да го продолжи својот пат на предание по нејзиното воскресение. Само неколку дена пред да умре, Брунела го напишала следното писмо кое било прочитано на нејзиниот погреб.
„Драги пријатели:
Ви благодарам што дојдовте. Вашето присуство многу му значи на моето семејство.
До луѓето кои ми беа блиски — со кои поминавме низ сѐ и сешто. Имавме многу лоши, но сепак, и некои забавни моменти. Тоа беше една тешка и долга борба, но не се чувствувам поразена. Како што вели Библијата: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив“ (2. Тимотеј 4:7).
Исто така, научив многу и пораснав многу, а моите пријатели и оние кои беа околу мене ја забележаа промената. Сакам да им се заблагодарам на сите оние кои ме поддржуваа.
Вие кои верувате во новиот свет и во Јехова знаете дека ќе има воскресение, токму како што вели Јован 5:28, 29. Затоа, останете цврсти во вистината, па ќе имаме можност пак да се видиме.
Би сакала да им се заблагодарам на оние кои знаат низ што сѐ поминав. Срдечно ве прегрнувам и ве бакнувам сите вас. Ве сакам сите.“
Брунела не дозволила младоста или болеста да го одложат нејзиното предание на Бог. Нејзиниот пример на вера и решителност, подеднакво ги охрабрува и младите и старите да отфрлат сѐ што може да ги спречи да ја трчаат трката за живот (Евреите 12:1).