ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w08 1/10 стр. 28-31
  • Како верата ми помогна во трагедиите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Како верата ми помогна во трагедиите
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Среќен живот речиси без проблеми
  • Му всадувавме на нашето дете љубов кон Јехова
  • Борба со леукемијата
  • Верата на Саул ги трогна другите
  • Кога децата жалат по некој близок
    Разбудете се! 2012
  • ‚Ја запазив верата‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Кога детето има рак
    Разбудете се! 2011
  • „Кога се молите, речете: ‚Татко‘“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
w08 1/10 стр. 28-31

Како верата ми помогна во трагедиите

Раскажала Соледад Кастиљо

Неколку пати во мојот живот можеше да ме совлада осаменоста — но, сепак, не ме совлада. Кога имав 34 години, умре мојот драг сопруг. По шест години умре и татко ми. Осум месеци по неговата смрт, дознав дека мојот единствен син има неизлечлива болест

СЕ ВИКАМ Соледад, што значи „Осаменост“. Сепак, колку и да е чудно, никогаш не сум се чувствувала сосема сама. Кога доживував трагедии, знаев дека со мене беше Јехова Бог, кој ‚ме држеше за десницата и ми помагаше за да не се плашам‘ (Исаија 41:13). Да ви објаснам како ги преживеав трагичните настани во мојот живот и како во тие моменти уште повеќе се зближив со Јехова.

Среќен живот речиси без проблеми

Родена сум во Барселона (Шпанија), на 3 мај 1961 год., како единствено дете на моите родители, Хозе и Соледад. Кога имав девет години, мајка ми слушна за вистините од Божјата реч. Барала одговор на своите прашања поврзани со религијата, но не била задоволна од одговорите што ѝ ги дала нејзината црква. Еден ден, две жени што беа Јеховини сведоци дошле кај неа и ѝ одговориле на сите прашања читајќи ѝ од Светото писмо. Со радост се согласила да ја проучува Библијата.

По кратко време, мајка ми се крсти како Јеховин сведок, а по неколку години се крсти и татко ми. Елијана, која проучуваше со мајка ми, забележа колку се интересирам за Божјата реч. Иако бев мала, Елијана предложи да проучува со мене. Благодарение на нејзината помош и на охрабрувањата од мајка ми, се крстив кога имав 13 години.

Во тинејџерските години честопати му се молев на Јехова — особено кога требаше да донесувам одлуки. Сепак, морам да кажам дека имав релативно малку проблеми. Во собранието стекнав многу пријатели, а бев блиска и со родителите. Во 1982 год., се омажив за Фелипе, Сведок со кој имавме исти духовни цели.

Му всадувавме на нашето дете љубов кон Јехова

По пет години, ни се роди нашето синче, на кое му го дадовме името Саул. Фелипе и јас многу се радувавме. Се надевавме дека Саул ќе расте како здраво, урамнотежено дете кое ќе го сака Бог. Му посветувавме многу време, му зборувавме за Јехова, заедно јадевме, го водевме во парк и игравме разни игри со него. Саул многу сакаше заедно со Фелипе да им кажува на другите за библиските вистини, и уште од мал го земаше со себе во службата на проповедање. Го научи да ѕвони на вратите и да нуди трактати.

Саул позитивно реагираше на нашата љубов и воспитување. Веќе на шест години редовно проповедаше со нас. Многу сакаше да слуша библиски приказни и едвај чекаше да ја проучуваме Библијата сите заедно. Набрзо откако тргна на училиште, почна сам да донесува некои одлуки на темел на она што го знаеше од Библијата.

Меѓутоа, кога Саул наполни седум години, нашиот семеен живот значително се промени. Фелипе доби вирусна инфекција на белите дробови. Цели 11 месеци се бореше со таа болест. Не можеше да работи и честопати мораше да лежи в кревет. На возраст од 36 години, мојот сопруг почина.

Сѐ уште плачам кога ќе се сетам на таа тешка година. Гледав како маж ми малку по малку ја губи битката со вирусот, а јас не можев да сторам ништо. Додека траеше сето тоа, се трудев да го храбрам Фелипе, иако длабоко во себе знаев дека нема да остане ништо од моите надежи и планови. Му читав библиски статии, кои нѐ охрабруваа кога не можевме да одиме на христијанските состаноци. Кога умре, почувствував огромна празнина.

Сепак, Јехова беше крај мене. Постојано го молев да ме зајакне со својот свет дух. Му се заблагодарував за среќните години што ги поминав со Фелипе и за надежта дека повторно ќе го видам кога ќе воскресне. Го молев Бог да ми помогне да се радувам на спомените од заедничките мигови поминати со мојот сопруг и да ми даде мудрост да го изгледам нашето дете како вистински христијанин. И покрај големата болка, се чувствував утешена.

Моите родители, како и другите во собранието, многу ми помогнаа. Сепак, јас бев таа што првенствено требаше да ја проучува Библијата со Саул и да го учи како да му служи на Јехова. Еден мој поранешен работодавец ми понуди убава канцелариска работа, но јас одлучив да продолжам со чистењето како извор на заработувачка за да имам повеќе време за Саул и да можам да бидам со него кога ќе се врати од училиште.

Еден библиски стих ми подвлече колку е важно духовното воспитување на Саул: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари“ (Изреки 22:6). Овој стих ми даде надеж дека, ако правам сѐ што можам за да ги всадам во Саул духовните вредности, Јехова ќе го благослови мојот труд. Точно е дека морав да жртвувам некои материјални работи, но многу поважно ми беше да му посветам време на син ми отколку да заработам повеќе пари.

Кога Саул наполни 14 години, татко ми умре. Особено Саул беше скршен, бидејќи со смртта на дедо му се потсети на сета болка што ја доживеа кога го изгуби својот татко. И татко ми му беше добар пример за љубов кон Јехова. По оваа загуба, Саул, како единствениот „маж“ во фамилијата, заклучи дека тој треба да се грижи за мајка си и баба си.

Борба со леукемијата

Осум месеци по смртта на татко ми, нашиот лекар ми рече да го одведам Саул во болница бидејќи многу лесно се заморуваше. По извесни испитувања, лекарите ми рекоа дека Саул има леукемија.a

Следните две и пол години, Саул често лежеше в болница додека се бореше со ракот и со хемотерапијата, која лекарите ја применуваа како начин на лекување. По првата терапија, која траеше шест месеци, болеста се повлече околу 18 месеци. Но, таа повторно се врати, и Саул прими уште една, пократка хемотерапија која многу му го ослаби организмот. Ракот се повлече само кратко време, а Саул не можеше да ја поднесе третата серија хемотерапии. Тој му вети на Бог дека ќе му служи и изрази желба да се крсти како Јеховин сведок, но умре кратко откако наполни 17 години.

Лекарите честопати препорачуваат трансфузија на крв за да се ублажат последиците од агресивната хемотерапија. Се разбира, со трансфузија не може да се излекува болеста. Кога лекарите првпат утврдија дека се работи за леукемија, и јас и Саул требаше јасно да им ставиме до знаење дека не прифаќаме такво лекување, бидејќи сакавме да го послушаме Јеховиниот закон ‚да се воздржуваме од крв‘ (Дела 15:19, 20). Неколку пати Саул мораше во мое отсуство да ги увери лекарите дека донел лична одлука во врска со тоа. (Види ја рамката на 31. страница.)

На крајот, лекарите сфатија дека Саул е зрел малолетник кој совршено добро сфаќа каква болест има. Се согласија да го почитуваат нашиот став и ни понудија бескрвно лекување, иако постојано ни вршеа притисок да се премислиме. Многу се гордеев со Саул кога го слушав како им го објаснува својот став на лекарите. Беше јасно дека е многу близок со Јехова.

Летото кога дознавме за болеста на Саул, на обласниот конгрес во Барселона излезе книгата со наслов Приближи му се на Јехова. Оваа скапоцена книга ни беше како котва што нѐ држеше цврсто кога стоевме пред несигурната и страшна иднина. Додека бевме в болница, заедно читавме по малку од неа. Во многуте тешки моменти што ги доживеавме потоа, честопати се потсетувавме на содржината на книгата. Тогаш зборовите од Исаија 41:13, спомнати во воведот на книгата, добија посебно значење за нас. Таму пишува: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“.

Верата на Саул ги трогна другите

Зрелоста и оптимизмот на Саул им оставија силен впечаток на лекарите и на медицинските сестри во болницата Вал д’Еброн. Им стана мил на сите што беа вклучени во неговата нега. Главниот хематолог кој работеше на случаите на рак, оттогаш лекуваше и други деца на Сведоци, и постапуваше со нив со голема почит и достоинство. Сѐ уште се сеќава на цврстата одлука на Саул да се држи за своите верувања, на неговата храброст и покрај тоа што го чекаше смрт, како и на неговиот позитивен став кон животот. Медицинските сестри му рекоа на Саул дека тој бил најдобриот пациент што некогаш го имале на тоа одделение. Рекоа дека никогаш не се жалел и никогаш не ја изгубил смислата за хумор — дури ни пред да умре.

Еден психолог ми рече дека многу деца што имале таква неизлечлива болест на таа возраст обично се бунтовни кон лекарите и родителите поради тоа што се разочарани и се чувствуваат измачено. Таа забележала дека Саул не реагирал така. Нејзе ѝ било чудно што Саул бил толку смирен и позитивен. Тоа ни даде прилика да ѝ сведочиме за нашата вера.

Исто така, се сеќавам како Саул индиректно му помогна на еден Сведок од нашето собрание, кој шест години страдаше од депресија и не му помагаа никакви лекарства. Неколку пати ја помина ноќта во болницата покрај Саул. Ми рече дека ставот што го имаше Саул и покрај леукемијата, му оставил силен впечаток. Забележал дека, и покрај исцрпеноста, Саул се трудел да ги охрабрува сите што го посетувале. „Примерот на Саул ми даде сили да се борам со депресијата“, вели овој Сведок.

Поминаа три години од смртта на Саул. Се разбира, болката не ми поминува. Не сум силна, но Бог ми дава „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Коринќаните 4:7). Сфатив дека дури и најтешките и најболни искуства во животот можат да имаат и своја позитивна страна. Тоа што научив да се справам со смртта на маж ми, на татко ми и на син ми, ми помогна да станам понесебична и повеќе да ги разбирам оние што страдаат. А најважно од сѐ, станав поблиска со Јехова. Не се плашам од иднината затоа што мојот небесен Татко сѐ уште ми помага. Тој и понатаму ме држи за рака.

[Фуснота]

a Саул имал лимфобластична леукемија, сериозен вид на рак на крвта што ги уништува белите крвни клетки.

[Рамка/слика на страница 31]

ДАЛИ СИ СЕ ЗАПРАШАЛ?

Можеби си чул дека Јеховините сведоци не сакаат да примат трансфузија. Си се запрашал ли некогаш зошто?

Луѓето честопати погрешно го сфаќаат библиското гледиште за оваа работа. Понекогаш си мислат дека Јеховините сведоци воопшто не сакаат да се лекуваат или дека едноставно не го ценат животот. Тоа ни најмалку не е точно. Јеховините сведоци сакаат да ја добијат најдобрата медицинска нега за себе и за своето семејство. Меѓутоа, сакаат да бидат лекувани без никаква употреба на крв. Зошто?

Нивниот став се темели на еден важен закон што Бог им го дал на луѓето. Веднаш по Потопот во времето на Ное, Бог им дозволил на Ное и на неговото семејство да јадат месо од животни. Но, им забранил да јадат крв (1. Мојсеева 9:3, 4). Луѓето од сите раси потекнуваат од Ное, па затоа овој закон важи за сите луѓе. Никогаш не бил укинат. По повеќе од осум векови, Бог го потврдил истиот закон и за израелскиот народ, и објаснил дека крвта е света и ја претставува душата, односно самиот живот (3. Мојсеева 17:14). Повеќе од 1.500 години подоцна, христијанските апостоли им дале заповед на сите христијани ‚да се воздржуваат од крв‘ (Дела 15:29).

За Јеховините сведоци е јасно дека нема да се воздржуваат од крв ако ја внесуваат во своето тело преку трансфузија. Затоа, бараат други начини на лекување. Овој библиски став честопати води до уште поквалитетна медицинска нега. Без сомнение, од таа причина и многу луѓе што не се Јеховини сведоци бараат да бидат лекувани без крв.

[Слика на страница 29]

Јас и Фелипе со нашиот син Саул

[Слика на страница 29]

Моите родители Хозе и Соледад

[Слика на страница 30]

Саул, еден месец пред да почине

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели