Како да одолееш на притисокот на јавното мнение
ГЛЕДИШТАТА за тоа што е исправно и пофално, а што неприфатливо и срамно, се разликуваат од едно до друго место. Освен тоа, со текот на времето, тие гледишта се менуваат. Затоа, кога во Библијата читаме за некои настани што се случувале во далечното минато, треба да земеме предвид како размислувале луѓето тогаш и какви вредности имале, наместо да го толкуваме прочитаното според нашите мерила.
На пример, да разгледаме две работи што постојано се спомнуваат во Христијанските грчки списи — честа и срамот. За подобро да ги разбереме стиховите каде што стојат овие зборови, треба да размислиме како ги сфаќале и колкава важност имале за луѓето што живееле во тогашно време.
Вредностите во првиот век
„Честа и срамот биле стожери и на грчката и на римската и на јудејската култура“, вели еден професор. „Луѓето живееле и биле спремни да умрат за да стекнат чест, углед, слава, признание и почит.“ Токму поради големата важност што им ја придавале на овие вредности, лесно потпаѓале под влијание на мислењето на другите.
Статусот, позицијата и честа им значеле сѐ на луѓето што живееле во едно општество во кое се ставало силен акцент на положбата, која се движела од роб до благородник. Честа што ќе ја стекнел некој не била показател само за вредноста што ја имал во свои очи туку, пред сѐ, во очите на другите. Да се оддаде некому чест значело јавно да се признае дека тој се однесува така како што се очекува од него. Освен тоа, значело и да се покаже восхит кон неговото богатство, положба или благородничко потекло, и да му се укаже должно внимание. Некој можел да стекне чест со тоа што ќе правел добри дела или во нешто ќе се истакнувал над другите. Спротивно на ова, срамот или губењето на угледот било проследено со јавно понижување или исмевање. Срамот бил резултат на осудата од страна на општеството, а не на некое лично чувство или реакција на совеста.
Кога Исус рекол дека еден домаќин можел некому да му го даде „најдоброто место“ или „најниското место“ на некоја гозба — според тогашната култура — со ваквиот гест тој или му оддавал чест на гостинот или, пак, го посрамувал (Лука 14:8-10). Во најмалку две прилики, и учениците на Исус се расправале за тоа „кој од нив би можел да биде најголем“ (Лука 9:46; 22:24). Од тоа се гледа дека и самите биле под силно влијание на она што им било најважно на луѓето во општеството во кое живееле. Од друга страна, горделивите и амбициозни еврејски водачи сметале дека, со своето проповедање, Исус им ги поткопува честа и авторитетот. Но, сите нивни обиди да докажат во јавни дебати дека се подобри од него завршувале со неуспех (Лука 13:11-17).
Друго размислување типично за Евреите, Грците и Римјаните во првиот век било дека е голем срам да се биде „фатен и јавно обвинет за престап“. Се сметало за понижување некој да биде врзан или окован. Со тој чин му се нанесувала навреда пред пријателите, семејството и околината — без разлика дали бил обвинет за злосторство или не. Таа дамка врз неговиот углед можела да му ја уништи самопочитта и да му ги наруши односите со другите. Уште посрамно било некој да биде јавно камшикуван или тепан со стап. Таквата казна предизвикувала презир и исмевање и му го рушела достоинството на оној што ќе ја добиел.
Но, најсрамно од сѐ било некој да биде погубен на маченички столб. Таквата казна била „наменета за робови“, вели изучувачот Мартин Хенгел. „Поради тоа, била симбол за крајно понижување, срам и мачење.“ Семејството и пријателите на оној што бил обесчестен со вакво погубување биле под притисок да се одречат од него. Бидејќи Христос умрел на ваков начин, сите што сакале да бидат христијани во првиот век од н.е. морале да се соочат со јавно исмевање. Повеќето луѓе веројатно сметале дека е крајно бесмислено некој да се изјаснува како следбеник на човек што бил погубен на маченички столб. „Ние го проповедаме Христос прикован на столб“, напишал апостол Павле, „кој за Евреите е камен за спрепнување, а за незнабошците глупост“ (1. Кор. 1:23). Како реагирале на ова првите христијани?
Поинакви вредности
Христијаните во првиот век биле послушни на законот и се труделе да не си нанесат срам со грешно постапување. Апостол Петар напишал: „Никој од вас нека не страда затоа што е убиец или крадец или злосторник или затоа што се меша во туѓи работи“ (1. Пет. 4:15). Сепак, Исус прорекол дека неговите следбеници ќе бидат прогонувани поради неговото име (Јован 15:20). А Петар напишал: „Ако [некој] страда затоа што е христијанин, нека не се срами, туку нека го слави Бог носејќи го тоа име“ (1. Пет. 4:16). Оние што не се срамеле од тоа што биле следбеници на Христос отворено ги отфрлале општествените норми во своето време.
Христијаните не можеле да дозволат мерилата на другите луѓе да им наложуваат како ќе постапуваат. Во општеството во првиот век било глупост да се смета за Месија човек што бил прикован на столб. Таквиот став можел да ги стави првите христијани под притисок и да ги наведе да се поведат по општоприфатените гледишта. Меѓутоа, затоа што верувале дека Исус е Месијата, тие го следеле дури и кога биле исмевани поради тоа. Исус рекол: „Секој што ќе се посрами од мене и од моите зборови во ова прељубничко и грешно поколение, од него ќе се посрами и Синот човечки кога ќе дојде во славата на својот Татко со светите ангели“ (Мар. 8:38).
И денес можеби сме ставени под притисок да се откажеме од нашата христијанска вера. Притисокот може да дојде од соучениците, соседите или колегите кои се обидуваат да нѐ наведат да станеме неморални, нечесни или да правиме други работи што не се во ред. Можеби ќе се обидат да нѐ натераат да се срамиме од тоа што цврсто се држиме за праведните мерила. Што да правиме ако дојде до такво нешто?
Угледај се на оние што не мислеле на срамот
За да му остане верен на Јехова, Исус го претрпел најсрамното можно погубување. „Претрпе маченички столб, не мислејќи на срамот“, вели Библијата (Евр. 12:2). Непријателите му удирале шлаканици, го плукале, го соблекле, го камшикувале, го приковале и го навредувале (Мар. 14:65; 15:29-32). И покрај сѐ, Исус не мислел на срамот што сакале да му го нанесат и не попуштил и покрај силниот притисок. Тој знаел дека не успеале да му го срушат достоинството во Јеховини очи, а воопшто не му било важно дали луѓето ќе му оддадат слава или не. Иако умрел како роб, Јехова му укажал чест така што го воскреснал и го поставил на највисока положба, до себеси. Во Филипјаните 2:8-11 читаме: „[Исус Христос] се понизи и стана послушен сѐ до смртта, и тоа смрт на маченички столб. Токму затоа Бог го возвиши и му подари име кое е над секое друго име, за во Исусово име да се свитка секое колено на оние што се на небото и на оние што се на земјата и на оние што се под земјата, и секој јазик јавно да го признае Исус Христос за Господар, на слава на Бог, Таткото“.
На Исус не му било сеедно што бил погубен на таков срамен начин. Нему, како Божји Син, му било многу тешко бидејќи, со тоа што бил осуден за богохулство, можело да му се нанесе срам на неговиот Татко. Затоа го молел Јехова да го поштеди од такво понижување, велејќи: „Тргни ја оваа чаша од мене!“ Сепак, се подложил на Божјата волја (Мар. 14:36). Ги издржал сите притисоци и не мислел на сопствениот срам. Впрочем, ваков срам би чувствувал само некој што во целост ги прифаќал вредностите на тогашното општество. Тоа во никој случај не можело да се каже за Исус.
И неговите ученици биле апсени и тепани со стапови. Поради тоа мнозина ги презирале и гледале од високо на нив. Но, ова не ги обесхрабрило. Вистинските ученици не му подлегнале на притисокот на јавното мнение и не мислеле на сопствениот срам (Мат. 10:17; Дела 5:40; 2. Кор. 11:23-25). Знаеле дека мораат ‚да го земат својот маченички столб и да појдат по Исус‘ (Лука 9:23, 26).
Што може да се каже за нас денес? Она што светот го смета за глупаво, слабо и недостојно, Бог го смета за мудро, силно и достојно за чест (1. Кор. 1:25-28). Зарем не би било неразумно и кратковидо да попуштиме под притисокот на јавното мнение?
На секој што бара чест за себеси му е важно што мисли светот за него. Но ние, исто како Исус и неговите следбеници во првиот век, сакаме Јехова да ни биде Пријател. Затоа, ќе му оддаваме чест на она што за него е достојно за чест, а ќе го сметаме за срамно она што тој го смета за срамно.
[Слика на страница 4]
Врз Исус не влијаеле световните гледишта за срамот