ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w12 15/12 стр. 19-23
  • Да останеме „привремени жители“ во овој свет

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Да останеме „привремени жители“ во овој свет
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „ЦЕЛОТО СОЗДАНИЕ ЗАЕДНО ВОЗДИВНУВА“
  • ШТО СЕ ОЧЕКУВА ОД ВИСТИНСКИТЕ ХРИСТИЈАНИ?
  • ‚ЖИВЕАТ ПРИМЕРНО‘
  • ПОКАЖУВААТ ИСПРАВНА ПОДЛОЖНОСТ
  • ПОКАЖУВААТ ЉУБОВ
  • „Привремени жители“ во еден злобен свет
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • „Задржете го своето добро однесување меѓу нациите“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • ,Привремените жители‘ му служат обединето на вистинскиот Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Неутрални христијани во последните денови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
w12 15/12 стр. 19-23

Да останеме „привремени жители“ во овој свет

„Ве поттикнувам како туѓинци и привремени жители во овој свет да се воздржувате од желбите на телото“ (1. ПЕТ. 2:11)

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Зошто може да се каже дека помазаниците се привремени жители?

  • Во која смисла ‚другите овци‘ се привремени жители?

  • Што очекуваш со нетрпение да се случи во иднина?

1, 2. Кои се ‚избраните‘ што ги спомнал Петар, и зошто ги нарекол „привремени жители“?

ОКОЛУ 30 години откако Исус се вознел на небото, Петар им напишал писмо на христијаните во Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија, во кое ги нарекол „привремени жители“ и „избрани“ (1. Пет. 1:1). Исто како овој апостол, тие „избрани“ биле помазани со свет дух и биле ‚повторно родени за жива надеж‘ за да владеат со Христос на небесата. (Прочитај 1. Петрово 1:3, 4.) Но, зошто Петар ги нарекол „туѓинци и привремени жители“? (1. Пет. 2:11). И што значат овие зборови за нас денес кога само мал број од Јеховините сведоци на Земјата сметаат дека се помазани, односно избрани?

2 Петар со право го применил изразот „привремени жители“ на помазаниците кои живееле во првиот век. Оние што Јехова ги помазал со свет дух нема да живеат засекогаш на Земјата. Апостол Павле, кој и самиот спаѓал во тоа „мало стадо“ помазаници, објаснил: „Нашето граѓанство е на небесата, од каде што желно очекуваме спасител, Господарот Исус Христос“ (Лука 12:32; Фил. 3:20). Ова значи дека, откако завршува нивниот живот на Земјата, тие заминуваат на небото, каде што добиваат нешто многу подобро — бесмртен живот. (Прочитај Филипјаните 1:21-23.) Според тоа, тие навистина се „привремени жители“ во овој свет кој е под власта на Сатана.

3. Кое прашање се поставува во врска со ‚другите овци‘?

3 А што е со ‚другите овци‘? (Јован 10:16). Библијата вели дека тие имаат надеж да станат постојани жители на Земјата и да живеат на неа засекогаш. Тогаш, зошто може да се каже дека, во некоја смисла, и тие се привремени жители?

„ЦЕЛОТО СОЗДАНИЕ ЗАЕДНО ВОЗДИВНУВА“

4. Што не можат да спречат светските водачи?

4 Сѐ додека постои злобниот свет на Сатана, сите, вклучувајќи ги и христијаните, ќе продолжат да ги трпат последиците од неговата побуна против Јехова. Во Римјаните 8:22 пишува: „Знаеме дека целото создание заедно воздивнува и дека е во болка сѐ досега“. Колку и да се искрени и добронамерни, светските водачи, научниците и хуманитарците се немоќни да го спречат тоа.

5. Што направиле милиони луѓе од 1914 год. наваму, и зошто?

5 Од 1914 год. наваму, милиони луѓе избрале да станат поданици на Исус Христос, Царот што го поставил Бог. Тие не сакаат да бидат дел од Сатановиот свет и одбиваат да му дадат поддршка. Наместо тоа, го користат својот живот и своите средства за да го поддржуваат Божјето Царство (Рим. 14:7, 8).

6. Во која смисла Јеховините сведоци се како туѓинци во овој свет?

6 Во повеќе од 200 земји, Јеховините сведоци се послушни граѓани кои ги почитуваат законите на државата. Но, без оглед каде живеат, тие се како туѓинци. Никогаш не се мешаат во политичките и општествените проблеми во својата земја. Тие уште сега се сметаат за граѓани на новиот свет кој ќе го воспостави Бог. И многу се радуваат што наскоро повеќе нема да живеат како привремени жители во еден несовршен свет.

7. Како Божјите слуги ќе станат постојани жители, и каде ќе живеат?

7 Наскоро Христос ќе ја употреби својата власт за да го уништи Сатановиот злобен свет. Христовата совршена влада ќе го ослободи човештвото од гревот и од страдањата. Таа ќе ги отстрани сите оние што не го прифаќаат Јехова како Севишен Владетел. Верните Божји слуги ќе можат да станат постојани жители во рајот на Земјата. (Прочитај Откровение 21:1-5.) Тогаш, во вистинска смисла на зборот, созданието „ќе биде ослободено од робувањето на распадливоста и... ќе ја добие славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21).

ШТО СЕ ОЧЕКУВА ОД ВИСТИНСКИТЕ ХРИСТИЈАНИ?

8, 9. Што мислел Петар кога рекол ‚да се воздржуваме од желбите на телото‘?

8 Петар објаснил што се бара од христијаните. Тој напишал: „Сакани, ве поттикнувам како туѓинци и привремени жители во овој свет да се воздржувате од желбите на телото, бидејќи тие војуваат против душата“ (1. Пет. 2:11). Овој совет најпрво им бил упатен на помазаните христијани, но важи и за другите овци на Исус.

9 Не е погрешно да се задоволат некои желби на исправен начин, односно така како што одредил Творецот. Тоа помага уште повеќе да уживаме во животот. На пример, секој човек сака да јаде вкусна храна и да се напие освежителен пијалак, да се рекреира и да биде во друштво на добри пријатели. Не е погрешно ни некој да има желба да ги задоволи своите сексуални потреби со својот сопружник (1. Кор. 7:3-5). Но, кога ги спомнал желбите на телото, Петар мислел само на оние желби што „војуваат против душата“. Затоа, во некои преводи на Библијата овој израз е преведен со „телесни страсти“ (Радосна Вест) или „телесни похоти“ (Стандарден превод). Според тоа, мора да се чуваме од каква и да било желба која не е во склад со Јеховината намера и која може да го наруши нашиот добар однос со Бог. Ако ги задоволиме своите желби на погрешен начин, тоа би можело да води до смрт.

10. Како Сатана се обидува да ги наведе христијаните да станат дел од неговиот свет?

10 Целта на Сатана е да нѐ натера да заборавиме дека сме „привремени жители“ на сегашниов свет. За да го постигне тоа, тој користи многу работи, како што се материјализмот, неморалот, желбата да се биде некој и нешто во светот, личните достигнувања и национализмот. Никогаш не треба да изгубиме од вид дека тоа се замки што Сатана ги поставува за да нѐ заведе! Ако сме решени да им се спротивставиме на овие погрешни телесни желби, ќе покажеме дека не сакаме да бидеме дел од неговиот злобен свет и дека само привремено живееме во него. Она што навистина го сакаме е да бидеме постојани жители во Божјиот нов свет на праведноста, и затоа даваме сѐ од себе за да ја постигнеме таа цел.

‚ЖИВЕАТ ПРИМЕРНО‘

11, 12. Како гледаат некои луѓе на туѓинците? Што мислат некои за Јеховините сведоци?

11 Понатаму, во 12. стих, Петар објаснува што се очекува од христијаните како „привремени жители“. Тој вели: „Живејте примерно меѓу луѓето во светот. Макар што ве обвинуваат дека правите зло, кога ќе ги видат вашите добри дела, ќе го слават Бог во денот кога ќе дојде да испита какви се делата што се прават“. Туѓинците, односно оние што привремено престојуваат во странска земја, понекогаш се изложени на критики од домашното население. Некои можеби дури мислат дека доселениците се лоши само затоа што се разликуваат од нив во јазикот, во однесувањето, во облекувањето, па и во изгледот. Но, кога живеат примерно и прават добри дела, покажуваат дека таквите критики се неосновани.

12 На сличен начин, вистинските христијани во некои погледи се разликуваат од луѓето околу нив. На пример, можеби разговараат за други теми и избираат поинаков вид забава. Исто така, се разликуваат од другите и во поглед на облекувањето и изгледот. Поради ваквите разлики, некои луѓе зборуваат лошо за нив, односно ‚ги обвинуваат дека прават зло‘. Но, други можеби зборуваат пофално за нивното добро однесување.

13, 14. На кој начин мудроста „ја оправдуваат нејзините дела“? Наведи пример.

13 Со своето добро однесување, можеме да им помогнеме на другите да сфатат дека нема причина да зборуваат лошо за нас. Дури и Исус, единствениот човек кој му бил совршено верен на Бог, бил лажно обвинет. Некои го нарекувале „ненаситник и пијаница, пријател на даночници и на грешници“. Но, со своето добро однесување, Исус покажал дека не е таков. Тој рекол: „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Мат. 11:19). Истото се случува и денес. На пример, некои луѓе што живеат во близина на Бетелот во Селтерс (Германија) сметаат дека браќата и сестрите кои служат таму водат необичен живот. Но, градоначалникот на Селтерс ги одбрани со следниве зборови: „Точно е дека Сведоците што служат таму живеат на свој начин, но со тоа во никој случај не ги вознемируваат своите соседи“.

14 Друг пример се и Јеховините сведоци кои живеат во Москва (Русија). И тие беа лажно обвинети дека ги растураат семејствата, дека ги поттикнуваат другите на самоубиство и дека одбиваат медицинска помош. Но, во јуни 2010 год., Европскиот суд за човекови права во Стразбур (Франција) донесе пресуда според која градот Москва го прекршил правото на слобода на вероисповед на тамошните Јеховини сведоци. Овој суд утврди дека судовите во Русија не докажале дека Сведоците се виновни за какво и да било кршење на законот, и дека ги искористиле строгите закони во Москва за да донесат неправедна пресуда.

ПОКАЖУВААТ ИСПРАВНА ПОДЛОЖНОСТ

15. Кое библиско барање го исполнуваат вистинските христијани во целиот свет?

15 Јеховините сведоци во Москва, а и во целиот свет, се држат за уште едно барање за христијаните кое го навел Петар. Тој напишал: „Заради Господарот, подложете се на секоја човечка власт: било на царот како на повисок, било на управителите“ (1. Пет. 2:13, 14). Иако не се дел од злобниот свет, вистинските христијани спремно се подложуваат на човечките влади, на кои ‚Бог им дал делумна власт‘ (фус.). (Прочитај Римјаните 13:1, 5-7.)

16, 17. а) Што покажува дека ние не сме против владите? б) Што признале некои политичари?

16 Иако Јеховините сведоци живеат како „привремени жители“ во сегашниов свет, тоа не значи дека им се противат на владите ниту дека сакаат да ги критикуваат другите луѓе. Тие не им ги наметнуваат своите гледишта на оние кои имаат своја замисла за тоа како треба да се води политиката и економијата во некоја држава. За разлика од некои други религии, Јеховините сведоци не се мешаат во политика. Тие никогаш не се обидуваат да влијаат врз политиката што ја водат властите на која и да било земја. Затоа е сосема неосновано да се тврди дека го нарушуваат јавниот ред и мир или дека се бунтуваат против некоја влада!

17 Петар исто така нѐ советувал ‚да го почитуваме царот‘. Затоа христијаните им се послушни на властите, и така покажуваат соодветна почит кон нив (1. Пет. 2:17). Понекогаш политичарите признаваат дека Јеховините сведоци не претставуваат никаква опасност за државата. На пример, германскиот политичар Штефан Рајхе, поранешен министер на германската покраина Брандербург, а подоцна и пратеник во германскиот парламент, изјавил дека, дури и кога биле фрлени во нацистичките логори и затвори, Јеховините сведоци се однесувале примерно. Тие не се одрекле од своите верувања и постапувале сочувствително кон другите затвореници. Овој политичар исто така рекол дека ваквите особини се многу важни за една земја како што е Германија, особено ако се земе предвид дека е во подем насилството кон странците, како и кон оние што имаат поинакви политички идеи и убедувања.

ПОКАЖУВААТ ЉУБОВ

18. а) Зошто за нас е најнормално да ги сакаме сите браќа и сестри? б) Што рекле некои луѓе кои не се Сведоци?

18 Апостол Петар напишал: „Сите браќа сакајте ги, од Бог бојте се“ (1. Пет. 2:17). Јеховините сведоци имаат страхопочит кон Бог и не сакаат да го разочараат. Тоа ги поттикнува да ја вршат неговата волја. Тие се среќни што се дел од едно меѓународно братство и што можат да му служат на Јехова заедно со своите браќа и сестри кои имаат иста цел. Затоа, за нив е најнормално да ‚ги сакаат сите браќа‘. Таквата братска љубов, која е толку ретка во денешниов себичен свет, понекогаш ги изненадува оние што не се Сведоци. На пример, една жена која работи како туристички водич за американска агенција била восхитена од љубовта и помошта која Сведоците им ја покажале на странските делегати на меѓународниот конгрес во Германија во 2009 год. Таа воодушевено рекла дека, иако работи како водич со години, за првпат видела таква група луѓе. Дали и ти си слушнал слични коментари од лица кои ги набљудувале Сведоците на некој конгрес?

19. На што треба да бидеме решени, и зошто?

19 Видовме дека Јеховините сведоци на многу начини покажуваат дека се „привремени жители“ во сегашниот свет на Сатана. Тие се среќни што живеат така и решени се да го задржат тој став. Но, имаат цврста и непоколеблива надеж дека наскоро ќе бидат постојани жители во Божјиот нов свет на праведноста. Дали и ти со нетрпение го очекуваш новиот свет?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели